1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев за прочка, Јанчев за амнестија, Василевски на слобода

БГ
16 октомври 2018

Премиерот Заев од собраниската говорница уште еднаш повика на простување. Претходно, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Јанчев се заложи за амнестија, а пратеникот Василевски е пуштен да се брани од слобода

https://p.dw.com/p/36cyW
Mazedonien Ministerpräsident Zoram Zaev
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Откако вчера предизвика шок во јавноста со понудата за помирување и простување во Собранието, премиерот Зоран Заев денеска уште еднаш повтори дека нуди простување, но со заддршка во однос на можната амнестија. 
„Јас секогаш сум за дијалог. Апсолутно не ми паѓа на памет и не смеам да вршам притисок врз  институциите и судиите. Треба да си простиме, оттука сѐ тргнува“, рече Заев во една реплика во собраниската дебата за уставните измени која втор ден тече во парламентот. 
Набрзо по изјавата на Заев стигна веста дека пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Василевски е ослободен од куќниот притвор кој му беше одреден како мерка по обвинението за учество во настаните од 27 април 2017 година во Собранието. Василевски е меѓу петмината пратеници на опозициската партија кои се обвинети за терористичко здружување и му се заканува долгогодишна затворска казна доколку биде прогласен за виновен. 
Василевски може да гласа
Судот во Скопје му дозволи на Василевски да се брани од слобода со гаранција од околу 400 илјади евра. Истовремено, тој ќе може да присуствува и да гласа на собраниската седница за уставните измени, која е во тек. 
За разлика од вчера, кога власта и опозицијата се препукуваа во толкувањата дали премиерот Заев понудил амнестија или не, денеска со јасна позиција во таа насока излезе потпретседателот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Митко Јанчев. Јанчев, кој е градоначалник на Кавадарци, во интервју за ДВ рече дека поддржува амнестија за обвинетите од 27 април, но и дека би гласал, под одредени услови, за уставните измени во Собранието. 
За разлика од неговите сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ кои вчера соопштија дека не сакаат „амнестија туку правда“, Јанчев вели дека изјавата на Заев ја разбрал како повик за амнестија, и смета дека тоа треба и да се стори. 
„И ајде да ја направиме таа амнестија. Ајде да ги ослободиме луѓето, кои во таа еуфорија на 27-ми април, без намера или некаква организација, ненамерно направиле глупост. Таа работа треба да заврши во парламентот, со едногласно крената рака за амнестија на сите. Јас така би постапил“, вели Јанчев. Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, таквата одлука нема да ја наруши правната држава, бидејќи истата „допрва треба да почне да се гради во Македонија“.
Притисок врз пратениците
Јанчев признава дека пратениците од неговата партија во Собранието се под постојан притисок, „и од лево и од десно“, односно од „изгрејсонце до зајдисонце“. И притоа додава: 
„Не би сакал да сум во нивна кожа, затоа што се во ситуација да не можат слободно да го кажат својот автентичен став“. 
Паралелно со признанието дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ „не можат слободно да си го кажат ставот во Собранието“, Јанчев ја критикува својата партија и за „политикантство“ поради опструкциите кои ги прави во однос на договорот за името. 
Во меѓувреме расправата во Собранието тече веќе втор ден, без знаци на приближување во ставовите на пратениците на владејачкото мнозинство и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Таму денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Крсто Јовановски му порача на премиерот Заев да седне и да најде решение со неговиот партиски лидер Христијан Мицкоски. 
„Немојте да не притискатe нас пратениците да стиснеме копче. Затворете се пет дена со Христијан Мицкоски и најдете решение“, рече Јовановски. Набрзо потоа, собранискиот спикер Талат Џафери го одби барањето на Мицкоски да се обрати во Собранието. 

Mitko Jancev
Митко Јанчев, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на КавадарциФотографија: Privat
Mazedonien Proteste im Parlament in Skopje
Пратеникот Василевски е меѓу обвинетите за крвавиот упад во Собранието на 27 априлФотографија: Reuters/O. Teofilovski
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема