1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев: Илјадници луѓе биле прислушкувани

Катерина Блажевска9 февруари 2015

Илјадници луѓе биле прислушкувани во Македонија по налог на Никола Груевски и Сашо Мијалков, обвини лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев на прес-конференција. Меѓу прислушкуваните има и министри и опозиционери

https://p.dw.com/p/1EYcd
Фотографија: Petr Stojanovski

Комплетната политичка, судска, медиумска и бизнис елита во Македонија била прислушкувана од страна на служби во Управата за безбедност и контраразузнавање, соопшти денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Првите детали од долго најавуваната „бомба“, Заев ги обелодени на прес-конференција во партиското седиште во Скопје во присуство на голем број новинари и партиски симпатизери.

„Ова што почнува како процес за соопштување е најнепријатното нешто што како лидер на СДСМ треба да го споделам и искрено жалам што Република Македонија е доведена во таква срамна ситуација“, изјави Заев пред присутните.

Според документите кои ги поседува опозициската СДСМ во Македонија биле прислушкувани околу 26 илјади луѓе. Единствените двајца во државата кои не биле следени биле премиерот Никола Груевски и првиот човек на УБК и негов братучед, Сашо Мијалков.

Поради тоа, СДСМ најави поднесување кривична пријава против Мијалков, против началникот на 5-та управа во МВР, Горан Груевски како и против непознати лица во УБК.

Заев тврди дека тој бил непрекинато прислушкуван во последните четири години, иако според законот, најдолг период за прислушување на одредено лице е 14 месеци и тоа со дозвола на судија или јавен обвинител. За време на пресот јавно беа презентирани неколку прислушкувани разговори на Заев од кои еден со новинар, еден со вработен во општината и еден со неговата малолетна ќерка.

Освен разговори на лидерот на СДСМ, презентирани беа и разговори кои меѓусебе ги воделе министрите за внатрешни работи и финансии, Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески, а во кои неформално беа споменувани и премиерот Груевски, координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, а се разговарало и за вработувања на партиски членови. Меѓу бројните прислушкувани биле и лидерот на ДУИ Али Ахмети, опозиционерите Мендух Тачи и Руфи Османи, како и експремиерот Љубчо Георгиевски.

Mazedonischer Premierminister Nikola Gruevski
Никола ГруевскиФотографија: picture-alliance/dpa/N: Batev

„Прислушувани се сите лидери на политички партии. Материјалот ги надминува нашите најцрни очекувања. Република Македонија е поделена на два света, едниот на Сашо Мијалков и Никола Груевски, а другиот на сите останати чии права се погазени“, рече Заев.

Лидерот на СДСМ вели дека според обемот и опфатот на снимениот материјал такво нешто можело да се изведе само со софистицирана опрема, а разговорите можела да ги следи само домашната служба.

Прислушкување не е можно без учество на УБК и мобилните оператори, велат од СДСМ, од каде преку кривичната пријава против Груевски и Мијалков бараат и вештачење на автентичноста на снимките.

„СДСМ целосно ја има изгубено довербата во правосудните органи, но ако Јавното Обвинителство покрене независна истрага за овој случај ние максимално ќе го поздравиме тоа“, порача Заев.

Се очекува во следните денови од СДСМ да продолжат да објавуваат слични документи.