1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев: Следи голема трансформација, бидете коректив и партнер

31 август 2020

По изборот на новата Влада, премиерот ги повика сите граѓани да се приклучат кон најинтензивната македонска европеизација

https://p.dw.com/p/3hnAN
Nordmazedonien Wiederwahl Zoran Zaev
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Со 62 гласа „за“ и 51 „против“ синоќа пред полноќ беше избрана новата Влада на Северна Македонија, која во втор мандат ќе биде предводена од премиерот и лидер на социјалдемократите, Зоран Заев. По свечената изјава што ја дадоа министрите и по нивните први заеднички фотографии во две варијанти - една под маски, друга без маски, премиерот пред медиумите даде изјава во која ги потенцираше вредностите и принципите од кои ќе се раководи неговиот Кабинет  во следниот четиригодишен мандат. Најпрво им се заблагодари на пратениците од демократското мнозинство кои ја дале довербата на новата Влада и вети дека ќе дејствуваат со сите ресурси за да ја оправдаат укажаната доверба пред граѓаните.

„Северна Македонија доби нова, мала, ефикасна и одговорна Влада, подготвена да работи и да сработи посветено, согласно со интересот на граѓаните и државата. Прв приоритет на новиот владин состав ќе биде продолжување на антикризните мерки за уште поголема помош за граѓаните и економијата, како и надминувањето на последиците од корона-кризата и враќање на претходните стапки на економски раст“, рече премиерот Заев.

Тој најави дека ефикасни и силни институции со полн капацитет и легитимитет, кои ефикасно ќе работат во надминување на последиците и предизвиците пред есенскиот налет на корона вирусот.

Ред, правда и дисциплина

Во првите месеци од мандатот, според премиерот, новата Влада ќе обезбеди механизми за структурни реформи во јавната администрација, но и во делот на владеење на правото преку прочистување на судството и градење силна правна држава.

„Доаѓа време на ред, правда и дисциплина. Законите се донесени, сега е време за нивно брзо и доследно спроведување. Кој не сака да почитува закон, ќе се соочи со закон. А, ние како Влада ќе бидеме партнер на сите чинители во законодавната, извршната и судската власт, како и граѓанското општество, медиумите и групите од интерес кои сакаат да придонесат кон градење на систем на правдата кој ќе им служи на граѓаните“, изјави премиерот.

Повеќе:

Програма на Владата: План за рестарт

Новата влада на Заев фокусирана на домашните проблеми

Заев го чека тежок пат по калдрма

Нова влада со нерасчистени сметки и стари проблеми

Во неговата изјава пред медиумите тој се осврна и на процесот на евроинтеграција, потенцирајќи дека институциите, се подготвени за почеток на преговорите со ЕУ и отворање на првите поглавја.

Најави период на „голема трансформација и европеизација на земјата“ и ги повика сите граѓани да се приклучат во тој процес.

„Ова е период кога сечиј придонес е важен, очекуван, потребен и суштински. Затоа, почитувани граѓани, во време кога започнува најинтензивната македонска европеизација, приклучете се.

Приклучете се на борбата против корупцијата. Приклучете се на отпорот против Ковид-19. Прифатате го повикот за широка мобилизација на сите капацитети со кои ќе си исчистиме воздухот, водите и почвите. Следува неповторлив период за Северна Македонија. Имаме шанса која не смееме да си дозволиме да ја пропуштиме. Затоа дајте свој придонес во трансформацијата на нашата држава. Бидете будни, гласни, конструктивни, аргументирани. Следете ја нашата работа и бидете коректив, но и партнер. Ние ќе го слушаме вашиот глас, ќе ги следиме вашите потреби“, вети премиерот.

Тој уште еднаш потенцираше дека реализацијата на програмските определби во ресорите им е доверена на професионални и отчетни кадри, чија одговорност ќе биде да ги испорачаат очекуваните резултати, со фокус на работа дома, со оглед дека сите големи отворени прашања на надворешен план се решени.

Nordmazedonien Wiederwahl Zoran Zaev
Новата влада на Зоран ЗаевФотографија: DW/P. Stojanovski

Од денеска на работа

Новите министри од денеска почнуваат со работа, а првите примопредавања на на должноста се најавени за претпладне. Во 10   часот досегашниот министер за внатрешни работи, Агим Нухиу, му   ја   предава должноста на новиот министер Оливер Спасовски, а половина час подоцна должноста ќе му биде примопредадена и на новиот министер за права, Бојан Маричиќ, од неговата претходничка Рената Дескоска, која се враќа на професорските обврски на Правниот факултет. Примопредвање на должноста ќе се изврши во сите ресори кои добиваат нови министри, освен во одбрана, здравство, економија, животна средина и локална самоуправа, каде Радмила Шекеринска, Венко Филипче, Крешник Бектеши, Насер Нуредини и Горан Милевски ќе почнат втор министерски мандат во истите ресори, додека Никола Димитров и Бујар Османи ќе ги разменат досегашните ресори -надворешни работи и европски прашања. Благој Бочварски, новиот министер за транспорт и врски, како досегашен градоначалник на Штип, утрово најпрво изврши приморедавање на должноста со новиот заменик градоначалник на Општина Штип, и претходен претседател на општинскиот Совет, Јане Миланов. Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, функцијата ќе ја презеде напладе. Притоа, како што најави неговата матична партија ДУИ, тој биде придружуван од министрите од редовите на ДУИ. Премиерот и сите членови на Владата денеска во 13 часот ќе бидат примени од претседателот Стево Пендаровски.