1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев: Ќе разговаравме со Бугарија и покрај ветото

ДТЗ /ДВ
3 декември 2020

Премиерот е дециден дека никој не преговара за македонскиот идентитет и јазик. Тврди дека мешовитата комисија работи во „пријатна и пријателска атмосфера“ и веќе од идната година, договореното ќе почне се имплементира

https://p.dw.com/p/3mCId
Nord-Mazedonien Der Ministerpräsident der Regierung in Nord-Mazedonien, Zoran Zaev
Фотографија: Government of North Macedonia

Никој не преговара за македонскиот идентитет и за македонскиот јазик. Тоа е наше право на самопределување, повтори денеска премиерот Зоран Заев, кој е дециден дека разговорите со Република Бугарија треба да продолжат без разлика на исходот од претстојниот Совет на министри на ЕУ. Денеска започна со работа мешовитата македонско-бугарска комисија за историски прашања, која според премиерот, веќе постигнала напредок, а разговорите се воделе во „пријатна и пријателска атмосфера“. Тој најави дека во учебната година 2021/2022 ќе започне имплементација во учебниците на она што е договорено во Комисијата за историски прашања. 

-повеќе на темата: Зошто Европа не ја разбира Бугарија?,

„За сите граѓани кои вистински се грижат, да ги осигурам дека никој не преговара за македонскиот идентитет и за македонскиот јазик. Тоа е наше право на самоопределување“, изјави Заев. Според него, нашиот јазик е признат во светот и ние сме Македонци и такви, како пријатели на Република Бугарија и бугарскиот народ, треба да продолжиме да го градиме пријателството.

Каков договор постигнала комисијата

Мешовитата комисија денеска ја започна ја 11-та средба, која овојпат се одржува онлајн, поради пандемијата со коронавирусот. На средбата се разговара за револуционерот Гоце Делчев, евентуалното негово заедничко чествување и македонските учебници за перидот среден век и ран османлиски период. Претходно, комисијата ги помина бугарските учебници за тој период. Пред новата средба на Комисијата, имаше препукувања меѓу првите луѓе од двете страни.

„Комисијата за историски прашања од 14 записници имаше решено три, денеска имаат аспирација да ги решат останатите 11 записници. Работата оди во една пријателска атмосфера и за мене е сигнал дека сите се трудат да прават напредок“, изјави премиерот Зоран Заев.

„Нашата Влада од досега усвоените записници е подготвена на некоја од следните седници да ги објави записниците за петте историски личности, односно трите историски периоди за да испратиме порака, дека веднаш после тоа започнуваме со импелементација на учебниците за 2021-22 година и од бугарска и од македонска страна, за сето она што е поврзано со Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски“, додаде Заев. Само со почит едни кон други, рече Заев, можеме да постигнуваме договори кои ќе градат перспективи и пријателства. „Преговараме за работите од каде почна проблемот. Долгото и краткото име. Дали Македонија има аспираии кон Бугарија или не. Утврдивме, како што го решивме во НАТО, така и во ЕУ, преку нота, во која потврдуваме дека Македонија нема територијални претензии и за мешање во внатрешните работи и малцинските права, затоа што и Бугарија нема и тоа е меѓународно регулирано“, рече Заев. Тој додаде дека се разговара за стопирање на говорот на омраза, за фази и акциски планови за поуспешно имплементирање на Договорот.

Бучковски како мотиватор

Посочи дека разговорите треба да продолжат без разлика на исходот на 10 или 18 декември, кога треба да се донесе одлуката.
„Треба да се имплементираат Договорите со Грција и Бугарија. Во оваа насока, Бучковски треба да е мотиватор за реализација на договорите. Разговорите, пак со Бугарија, ги води МНР, односно Бујар Османи, а вклучен е и вицепремиерот Никола Димитров. Тука е секако и мојот кабинет, но и амбасадарот во НАТО, Дане Талески. Деновиве се прават напори за да се изнајде решение. Ние претходно го подготвивме народот дека е можно да не се усвои преговарачката рамка, а со тоа и да започнат преговорите. Но, нашата стратегија е дека треба да продолжиме да разговараме и ќе правиме максимални напори до последниот момент“, изјави Заев. 

-повеќе на темата:

Владо Бучковски како специјален претставник ќе има мандат за една година и ќе работи на акциски план за подобрување на реализацијата на Договорот со Бугарија, што би довело до зајакнување на пријателството. Заев откри дека планот опфаќа и побрза изградба на Коридор 8, соработка во енергетиката, образованието, здравството, како и за историсите прашања.

Опозицијата бара расправа

Опозицијата бара парламентот да расправа околу разговорите со Бугарија. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека остануваат три механизми – пратеничките прашања, интерпелација на министрите Димитров и Османи, или пак, гласање за доверба на целата влада. И од пратеничката група на Алијансата на Албанците и Алтернатива велат дека власта крие нешто од разговорите со Софија и затоа нема широка дебата на ниво на Собрание. По лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера и лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села побара лидерска средба на која опозицијата ќе биде информирана за текот на преговорите со Бугарија и ќе се изгради заеднички државен став.

„Лажливецот Заев денес обвинува за некаков лажен патриотизам и тоа во истиот ден кога соопштува дека ќе ги менува учебниците по историја во согласност со туѓи желби“, вели лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој на Фејсбук напиша дека „Заев велеше дека потпишал договор за пријателство со кој се отворени вратите кон ЕУ, а сега гледаме дека тој негов договор ги затвора вратите на ЕУ“.
Заев ги коментираше ставовите на Мицкоски како „лажен патриотизам“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема