1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заедничките маки на Србите и Албанците

17 ноември 2010

Србите и Албанците ги мачат исти проблеми: корупција, недоверба во институциите, организиран криминал... Накратко - транзиција. Кога ќе согледаат дека се во ист кош, комуникацијата станува поедноставна.

https://p.dw.com/p/QANb
Нови Сад: Дијалогот е возможенФотографија: DW

Невладините организации „Зенит“ од Призрен и „Програмата за дијалог на младите“ од Нови Сад веќе пет години соработуваат на различни проекти, чија цел е поврзување на младите од Косово и Србија. Пред извесно време ја организираа конференцијата насловена „Соочување со минатото, занимавање со иднината“, чија цел беше да придонесе во нормализирањето на односите меѓу Србија и Косово. Во рамките на тој проект, двете невладини организации организираа посети на студенти од Косово на Србија, и обратно, српски студенти го посетија Косово.

Мохамед Согдати од призренската „Зенит“ за Дојче веле говори за проблемите со кои се соочуваат младите од Косово.

„Неинформираност, стереотипи, преголемо влијание на постариот дел од општеството... А, генералните проблеми се слични на проблемите што ги имаат младите од Србија. Тука се невработеноста, бесперспективноста, во смисла на образование и патување надвор од границите на Косово. Можеби се работи за технички проблеми, меѓутоа тие имаат големо влијание врз животот на младите во Косово“, нагласува Согдати.

Вања Милановиќ од новосадската Младинска програма за дијалог, веќе со години патува на Косово и нагласува дека во последно време се забележува благ напредок во нормализирањето на односите.

„Ја имав таа среќа никогаш досега да немам проблеми на Косово. Може да се каже дека ситуацијата денес е многу порелаксирана, во споредба со првите неколку посети. На пример, луѓето помалку обрнуваат внимание кој јазик го зборуваш.“

„На Балканот не живеат само воени злосторници“

Dialog Serbien Albanien
За заедничките проблеми полесно се разговараФотографија: DW

Мимоза Телаку од Призрен говори за односите меѓу младите во тој град:

„Кога е во прашање српската заедница, бројот на нејзините припадници во Призрен е многу мал, па не можам да кажам многу за неа. Меѓутоа, што се однесува до другите етнички заедници, односите меѓу младите се многу добри.“

Александар Милетиќ од Лепосавиќ исто така говори за српско-косовските односи:

„Мислам дека Србите и Албанците ги мачат исти проблеми. А, кога ќе согледаме дека имаме заеднички проблеми, тогаш и ќе почнеме да разговараме еден со друг“, смета Милетиќ.

На неодамнешната конференција учествуваше и Оливер Лајзо од Германија, постдипломец кој планира уште неколку години да живее во Србија и на Западен Балкан, бидејќи се занимава со историјата на тој регион.

„Мислам дека е огромна штета што Германија и другите европски држави не се свесни каква е ситуацијата овде, кај вас. Посакувам што повеќе луѓе да го посетат регионот и да сфатат дека тука има многу добри луѓе. Со други зборови, да сфатат дека овде не живеат само воени злосторници.“

Автор: Динко Грухоњиќ / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска