1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албанскиот јазик- капиталното прашање од конфликтот во 2001

6 март 2018

Американскиот „олеснувач“ Џејмс Пардју во неодамна објавената книга наведува детаљи од преговорите во 2001 година кои фрлаат нова светлина врз договорот за употреба на албанскиот јазик. Кои беа тогашните „црвени линии“?

https://p.dw.com/p/2tTPW
Deutschland Protest von Mazedonier in Berlin
Фотографија: Getty Images/S. Gallup

Во македонското Собрание веќе со месеци трае надмудрувањето околу Законот за употреба на јазиците. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ со 35 илјади амандмани се обидува да го спречи повторното изгласување на законот кој претседателот на државата Ѓорге Иванов претходно одби да го потпише. Но, доколку за актуелната дебата која со месеци се води во форматот на „патриоти и предавници" детаљите се добро познати, од денешна перспектива веројатно поинтересна е приказната за тоа како воопшто доаѓа до договорот за признавање на албанскиот јазик како официјален во земјата. Имено, за време на преговорите на четирите политички партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДПА и ПДП под покровителство на починатиот претседател Борис Трајковски и меѓународната заедница во јули 2001 година, кои финишираат со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

Нова светлина за тие преговори, и досега необјавени информации, фрла новата книга на американскиот дипломатски булдожер и тогашен „олеснувач" Џејмс Пардју.
Во својата неодамна објавена книга под наслов „Мировници- американското лидерство и крајот на геноцидот на Балканот", Пардју посветува цело поглавје на кризата од 2001 година во Македонија и на заедничките напори со францускиот „олеснувач" Франсоа Леотар да помогнат во изнаоѓање на политичко решение за конфликтот.

James W. Pardew
Џејмс ПардјуФотографија: DW

Пардју е именуван за американски пратеник во Македонија од администрацијата на тогашниот претседател Џорџ Буш во јуни 2001 година. Во Скопје пристигнува на 30 јуни. Веќе на 7 јули заедно со Леотар го претставуваат првиот предлог документ за крај на конфликтот, а неколку дена подоцна и анексите кои предвидуваат уставни промени и други детаљи. Предлог документот се базира врз концептот на францускиот уставен експерт Роберт Бадинтер, додека анексите се „кројат" согласно барањата на двете страни во конфликтот.

„Детаљите ги шокираа двете страни", пишува Пардју. Први реагирале двете албански партии, ДПА и ПДП. Тие инсистираат на воведување на албанскиот јазик како „официјален" и контрола на полицијата од страна на локалните заедници.

Сите барања на Албанците ги надминуваат „црвените линии" на Македонците, се потсетува Пардју.

Нуклеарна  опција

На 15 јули, претставниците на албанските партии се враќаат со нов предлог, откако претходниот ден Пардју и Леотар им укажуваат дека нивните барања се нереални и бараат од нив да се ограничат на два до три приоритети кои сакаат да ги постигнат. Врвен приоритет на Албанците е албанскиот јазик како официјален, а локалната контрола врз полицијата е на второ место, се потсетува Пардју. Овие барања, американскиот дипломат ги оценува како „нуклеарна опција" за македонските партии. Од страв дека барањата се премногу експлозивни, тие не им се ни претставени на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Клучен проблем е употребата на албанскиот јазик. 

Законот за јазици - жешка тема

Пресвртот, пишува Пардју, се случува на 16 јули во просториите на француската амбасада во Скопје на состанок со лидерот на ДПА, Арбен Џафери. Пардју го критикува Џафери дека барањата на Албанците се нереални и бара од него да попушти. Џафери попушта и вели дека би можел да прифати послаба позиција за албанскиот јазик и откажување од барањето за целосна локална контрола врз полицијата.

„Албанците прифатија драфт- текст со кој албанскиот станува втор- но не примарен- официјален јазик... Му реков на Џафери дека доколку ми даде гаранции дека сите албански лидери ќе го прифатат предлогот, ќе му го понудиме на претседателот како најдобра шанса за договор. Неколку часа подоцна Џафери се јави со гаранции", пишува Пардју. 

Повеќе на темата: 

Лажни митови за опасноста од двојазичноста

ДУИ инсистира на двојазичност во армијата и во полицијата

На партиите на етничките Македонци, двајцата преговарачи им предлагаат да го прифатат албанскиот како „втор официјален јазик". Претседателот Трајковски експресно го отфрла предлогот како неприфатлив, вели дека "нема да шанси да мине во парламентот", но сепак ќе им го презентира на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски и на СДСМ, Бранко Црвенковски.

Mazedonien Boris Trajkovski
Борис ТрајковскиФотографија: AP

На 17 јули Хавиер Солана, Џорџ Робертсон и Јошка Фишер телефонски разговараат со Трајковски и искажуваат поддршка за предлогот. Но подоцна Трајковски разговара и со Колин Пауел кој му ветува дека ќе се обиде да го измени предлогот. Тоа е доволно за Трајковски вечерта да излезе на телевизија и отворено да го критикува предлогот како неприфатлив. Двајцата посредници ја губат поддршката и во „хистеричната јавност", како што ја нарекува Пардју, која постојано ги напаѓа и критикува со сесрдна поддршка од премиерот Георгиевски.

Капитално  прашање

Новиот пресврт се случува на 19 јули на самитот на Г8 во Џенова, Италија. Колин Пауел им дава поддршка на преговарачите, а Солана и Робертсон во заедничка изјава ги осудуваат нападите на Георгиевски врз Пардју и Леотар.

И самиот Пардју во мемоарите вели дека бил „загрижен поради барањето за повеќе официјални јазици во земјата". „Но, Албанците тврдеа дека давањето легален статус на нивниот јазик ќе биде обединувачка сила во општеството. Тоа не беше мој впечаток од искуството во другите балкански конфликти. (...) Сепак, за Албанците, статусот на нивниот јазик во Македонија беше врвен приоритет- „капитално прашање"- како што го опиша Џафери".

Пардју ја опишува атмосферата во земјата како извонредно експлозивна во тој период, со постојани судири во Тетово и протести на македонските националисти во Скопје. Од косовскиот публицист и главна врска со албанските политички партии и ОНА, Ветон Сурои добива информации дека ОНА се подготвува за напади во Скопје, доколку продолжат нападите во Тетово. Сурои е и човекот кој го организира потпишувањето на Призренската платформа на албанските политички партии и лидерот на ОНА, Али Ахмети во мај 2001 година.

На 26 јули во Скопје доаѓаат Солана, Робертсон и Мирчеа Ѓоана- тогашниот претседавач со ОБСЕ и ги убедуваат политичките лидери да ги продолжат преговорите и тоа надвор од Скопје. На 28 јули разговорите продолжуваат во Охрид.

Mazedonien
Олеснувачите Франсоа Леотар и Џејмс Пардју со генералниот секретар на НАТО, Џорџ РобертсонФотографија: AP

Албански  без  споменување  на албански"

Пардју наведува дека во Охрид требало да се решат двете клучни прашања за постигнување мир: употребата на албанскиот јазик и локалната контрола врз полицијата, но и серија "секундарни проблеми", меѓудругото и новата преамбула на Уставот. Уште вечерта на 28 јули, македонските политички претставници го прифаќаат „концептот за албанскиот како официјален јазик". Дебатата потоа продолжува кон дефинирање на тоа што значи официјален јазик. Следниот ден Трајковски разговара со Џафери и Имери кои го убедуваат да го прифати албанскиот за официјален. Тие му објаснуваат дека признавањето на албанскиот јазик е главен услов за разоружување на ОНА. Трајковски одбива. Вечерта на 29 јули, Албанците прифаќаат компромис албанскиот да добие статус на официјален јазик, но без да се споменува зборот „албански" во текстот на договорот.  На 31 јули двете страни прифаќаат компромиси околу статусот на јазикот, но премиерот Георгиевски се заканува дека ќе ги напушти преговорите. Трајковски му се жали на Пардју дека Георгиевски и Бошкоски му прават големи проблеми. По целовечерни преговори, прашањето на јазикот е затворено. 
Политичките лидери го парафираат Охридскиот договор на 8 август, а истиот е потпишан на 13 август. Во периодот од 7 до 12 август се случуваат и некои од најкрвавите настани во текот на конфликтот: македонската полиција ликвидира пет членови на ОНА во Скопје, а следниот ден ОНА се одмаздува со убиство на 10 македонски војници на патот Скопје-Тетово. На 10 август започнува и полициската акција во Љуботен во која се убиени албански цивили, а случајот добива разврска пред Хашкиот трибунал.
Во својата книга Пардју заклучува дека Охридскиот договор ја поставил основата за демократски политички систем во Македонија кој ги заштитува малцинските права и го почитува културниот идентитет на луѓето. 
„За Албанците, признавањето на нивниот јазик беше врвен преговарачки приоритет. Со договорот албанскиот станува официјален јазик кој може да се употребува на официјални средби и во документи од национално до локално ниво", заклучува американскиот „олеснувач" Џејмс Пардју во својата книга. 

Mazedonien Krieg 2001 Kampfhubschrauber bei Vaksince
Конфликтот во 2001 година ескалираше во периодот пред заклучувањето на Охридскиот рамковен договорФотографија: picture-alliance/dpa


Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид