1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заливска криза: што стои зад изолацијата на Катар?

БГ
6 јуни 2017

Најголемите арапски држави ги прекинаа односите со Катар во понеделникот, обвинувајќи ја земјата дека ги поддржува исламските милитанти и Иран. Доха одговора дека обвинувањата се беспредметни и се надева на медијација.

https://p.dw.com/p/2eAC7
Katar Doha Skyline
Фотографија: Getty Images/M. Runnacles

Шефот на дипломатијата на Катар, Шеик Тамим бин Хамад Ал Тани вели дека неговата земја е подготвена за медијација откако најголемите арапски држави ги прекинаа дипломатските односи со неа. Во понеделникот, Саудиска Арабија, Египет, Обединетите арапски емирати и Бахраин координирано ги прекинаа врските со Катар. Подоцна се приклучија и Јемен, Малдивите и владата на источна Либија.
Катарскиот министер се надева дека ќе успее обидот на неговиот кувајтски колега кој најави посредништво во кризата.

Регионален судир

Катар, мала полуостровска земја со 2,5 милиони жители, во која се наоѓа голема американска воена база, експресно ги отфрли обвинувањата како базирани на лаги. И во минатото често се случуваше Саудиска Арабија и други земји да го обвинуваат Катар дека финансира исламисти.

Иран, кој е во директен судир со Саудиска Арабија и веројатно е притаената цел на координираната акција против Катар, обвини дека зад неа стои минатонеделната посета на американскиот претседател Доналд Трамп на Ријад.

„Ова што се случува е првичниот резултат од танцот со мечевите“, објави на Твитер, Хамид Абуталеби, заменик-шеф на кабинетот на иранскиот претседател Хасан Рохани.

Заливските земји ги сопреа сите транспортни врски со Катар и им дадоа рок од две недели на жителите и посетителите од Катар да ги напуштат нивните земји. На катарските авиокомпании им е забрането слетување во Саудиска Арабија, Бахреин и Египет и надлетување на воздушниот простор на тие земји.

Последиците од блокадата се почуствува и на берзите, каде индексот на Катар загуби 7,3 проценти од вредноста, а отежнато се одвива и банкарскиот промет со арапските држави.

Обединетите арапски емирати и Саудиска Арабија го запреа извозот на шеќер во Катар, потег што особено ги погодува верниците за време на светиот месец Рамазан.

Karte Countries that severed ties with Qatar ENG
Земјите кои ги прекинаа дипломатските односи со Катар

Жителите на Катар во паника почнаа да складираат храна и други животни производи.

„Луѓето масовно купуваат во супермаркетите, особено храна и увозни производи. Хаос е. Никогаш не сум видела вакво нешто“, вели за Ројтерс, Ева Тобаџи, жителка на Доха.

Мерки и контрамерки

Катар увезува околу 80 проценти од своите потреби за храна, а илјадници камиони во меѓувреме останаа заглавени на границата со Саудиска Арабија која одбива да ги пропушти.

Од друга страна, доколку Катар одлучи да возврати на блокадата, тоа би можело да има сериозни последици за Египет, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија, кои се зависни од увоз на течен гас од Катар.

Остриот тон на Доналд Трамп кон Иран и против тероризмот за време на минатонеделната посета на Ријад, според аналитичарите, ја поставиле основата за дипломатската криза.

„Се случува промена на балансот на силите во Заливот поради претседателството на Трамп кое остро се спротивставува на политичкиот Ислам и на Иран“, вели Жан-Марк Рикли, од женевскиот Центар за безбедносна политика.

„Тој е во сојузништво со Абу Даби и Ријад, кои исто така не сакаат да прифатат никаков компромис во однос на Иран или на политичкиот Ислам кој го промовира Муслиманското братство“.

Qatar Doha - Leute versorgen sich mit Lebensmitteln
Турканици за животни намирници во супермаркетите во КатарФотографија: picture-alliance/AP Photo/shalome05

САД повикаа на брзо надминување на спорот, и не сакаат да се случи долготраен судир, изјави висок претставник на американската администрација.

„Однесување на Катар е доста загрижувачко не само за неговите соседи од Заливот, туку и за САД. Сакаме да ги пренасочиме во вистинска насока“, изјави американскиот функционер.

Муслиманско братство

Поддршката на Катар за исламистите датира од одлуката на таткото на актуелниот емир да ѝ стави крај на традицијата на потчинетост кон Саудиска Арабија, доминантната заливска држава, и да го прошири кругот на сојузници. Доха потоа започна да ги култивира не само врските со американските непријатели како Иран, Хамас и Талибанците, туку и со Вашингтон, кому му дозволи да ја отвори најголемата воздухопловна база на Блискиот Исток. Катар со години се обидуваше да се наметне како посредник и медијатор во регионалните спорови. Но Египет и останатите држави од Заливот ја презираат поддршката на Катар за исламистите, особено за Муслиманското братство, во кое гледаат политички непријател.

Саудиска Арабија го обвини Катар дека поддржува милитантни групи и ја шири нивната идеологија, алудирајќи на влијателниот сателитски канал Ал Џазира.

Во спорот се вклучи и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кој се обидува да посредува меѓу арапските држави.

Мерките кои овојпат ги преземаа арапските држави кон Катар се далеку поостри од оние во 2014 година, кога за време на осуммесечниот судир, беа повлечени само амбасадорите, но сообраќајните и трговските врски продолжија да функционираат.