1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Ние не сакаме во ЕУ, а и тие не сакаат да нѐ примат!“

Дијана Рошчиќ
26 мај 2018

Откако врвните ЕУ-политичари во Софија дебатираа за прием на земјите од Западен Балкан, ДВ ги објави на интернет германските коментари во дебатата. На тоа реагираа стотици читатели од Западен Балкан.

https://p.dw.com/p/2yJSR
Flaggen Westbalkan-Konferenz in Berlin 2014
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Schwarz

Што се случува ако на луѓето од Западен Балкан, или поточно на корисниците на dw.com, им ги направите достапни германските мислења за планираното прширување на ЕУ?

Од ова прашање произлезе прилогот на ДВ на српски јазик „Кој сака во ЕУ?“, збирка од преведени коментари на гледачи и читатели од германското јазично подрачје кои може да се најдат под прилог на tagesschau.de (вести на првиот канал на германскиот сервис - АРД) во врска со самитот на ЕУ во Софија. Во околу 50-те коментари не може да се најде ниту еден кој позитивно се изразува за приемот на земјите од Западен Балкан. Напротив, корисникот Адеберг Ц., на пример, напишал: „Возот на ЕУ си врви, следна станица е Балканот. Билетите мора да ги плати германскиот Михел (се мисли на Германија воопшто, н.з.)“

Србија: „Во ЕУ како мијач на валкани садови“

Во Србија за редакцијата на радиото „Б92“, кое има над 1,5 милиони корисници и со тоа е еден од најпопуларните портали во земјата, тоа беше доволно занимливо за објавување на текстот на ДВ на својата страница. Два дена беше еден од најкоментираните содржини – и тоа најчесто негативно.

Корисникот srrrrrrrrrdjan пишува: „Германија повеќе зема од таа ЕУ, отколку што дава. Затоа секаде во Европа се засилуваат популистичките партии, кои пропагираат отпор против германските (економски и политички) канџи. Германците не работат на развојот на Србија или на Балканот зашто многу нѐ сакаат, туку зашто сакаат да го засилат своето влијание и да ги зголемат своите приходи.”

„Ние не сакаме во ЕУ, а тие не сакаат да нѐ примат!", пишува корисникот Europejac во неговиот коментар на најчитаниот новински портал „Блиц“ со преку 2,5 милиони корисници, кој исто така го презема текстот на ДВ.

Корисникот Boki пишува: „Нашите политичари се однесуваат како Европа да е банкет со многу јадeње и пиење. Но, келнерите одамна не прават дотур. Првите веќе го зедоа најдоброто, Хрватите, Бугарите, Романците ги собираат трошките зашто задоцниле. Ние би биле примени само за да има кој да ги собере и измие валканите чинии.“

Повеќе: 

Корисникот Vida пак покажува разбирање за германскиот отпор против натамошно проширување: „И јас да сум Германец исто би коментирал, тие само се дистанцираат од потенцијални нови економски слаби членки.“

Читателот на „Блиц“ Pera пишува: „Србите не сакаат во ЕУ, ним веќе сега им е предобро. Зошто би требало регуларно да мигрираат, за да работат во Германија или Франција, кога им е подобро да си работат на црно?“

Svi to znamo вели: „На цел свет му е јасно дека ние не припаѓаме таму во тоа друштво, само нашиот диктатор (претседателот Александар Вучиќ, заб.на ред.) не сака да го сфати тоа.“

Ivan предлага: „Не нѐ сакале? Нема што да се прави околу тоа, јавете му се на Путин и понудете му да стави балистички ракети на нашата територија.“

Karte Balkan EU-Länder Nicht-EU-Länder ENG

Црна Гора „Веќе сега ЕУ-граѓани од втор ред“

Во Црна Гора прилогот на ДВ беше репостиран на најпопуларниот сајт во земјата, „Вијести“.

Корисникот Mrdalo коментира: „Од текстот произлегува дека тие уште сега нѐ сметаат за граѓани од втор ред.“ CRNOGORCI одговара: „Нашиот претседател (Мило Ѓукановиќ, заб. на ред.) е тука за да ја разбие нивната скепса! А, што се однесува до коментарите на Германците: тоа се луѓе кои до пладне се мразат себе, а попладне сел свет!“

Корисникот Cheese е пак убеден: „До 2025 ЕУ или ќе колабира, или ќе се редуцира на фискално консолидираните земји членки. Дека на ЕУ ѝ претстои крајот е очигледно.“

„Западен Балкан во ЕУ е илузија", го коментира самитот во Софија уредникот на ДВ, Кристоф Хаселбах. На Фејсбук страницата на ДВ на албански јазик, која ја читаат во Албанија, Македонија и Косово, еден корисник со иницијалите З.Б. вели: „Тоа не е илузија, милиони луѓе од Западен Балкан веќе си живеат во ЕУ.“

Но, таквиот став очигледно го дели само тој. Корисникот Е.С. вели: Покрај Германија и Франција, ниту една друга европска земја не заслужила да биде во ЕУ."

К.Л. ги дели задршките на многу луѓе од Западен Балкан. „Ние не би требало да влеземе во ЕУ зашто сме неконкурентни. За нас ќе биде уште полошо затоа што ќе го загубиме и она мало парче независност што го имаме.“

Босна: „Зошто Европејците се лутат поради влијанието на Русија?“

Во Босна и Херцеговина коментарот на ДВ го презема порталот „Независни новине“. Читателот Декан пишува дека  „Германците не сакаат повеќе исламски фундаменталисти.“ На босанската страница на ДВ на Фејсбук еден корисник пишува дека „е легитимно што не го сакаат Западен Балкан, но зошто тогаш се чудат за руското влијание, или пак на Турција и Кина во регионов?"

И.С. смета дека „Европејците никогаш не биле заинтересирани за нас, освен како работна сила.“

М.У. пак се прашува дали „Хрватите, Грците, Бугарите, Унгарците и Полјаците кои ги примија се навистина нешто подобри од нас?“

Друг читател скептично коментира дека „тоа што Европејците беа поподготвени да примат милиони бегалци од Африка и Блискиот Исток и некои други држави, без пасош и документи за идентификација за да се знае кои се и што се, наместо да нѐ примат нас, кажува доволно колку за нив е проблематичен Западен Балкан."