1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Засмрдени од опашот

Синоличка Трпкова
30 март 2018

Добра работа е што веќе нема режим. Но за дел од универзитетските кадри тоа нема никаква важност. Напикани во молчаливата институционална заветрина, тие профитираат и опстојуваат како крлежи. Колумна на Синоличка Трпкова

https://p.dw.com/p/2vEjQ
Sinolicka Trpkova, mazedonische Schauspielerin
Фотографија: S. Trpkova

На повидок е новиот Закон за високо образование. Во него моќта на ректорот е поткастрена. Сменет е начинот на неговото изгласување. Универзитетот добива повеќе слобода и автономија. Сите засегнати страни транспарентно учествуваа во неговото создавање. Министерството ги ислуша сите желби, предлози, критики и сугестии. Конечно, во „вилаетот” го почувствувавме првиот мирис на демократија! Добра работа е што веќе нема режим. Но, за дел од универзитетските кадри тоа нема никаква важност. Напикани во молчаливата институционална заветрина, тие профитираат и опстојуваат како крлежи фатени за државниот апарат на секоја власт. Тоа да ти била нивната возвишена слобода и автономија! Добар дел од нив стекнале вработувања, титули и позиции во времето на Груевски, додека Универзитетот гниеше. И додека дел од нивните колеги професори дигаа глас и бараа промени, тие молчеа во нивните глувчешки дупки. Со менувањето на власта тие како да станаа поиздржливи. Погледнато одвнатре - човек има чувство дека режимот сѐ уште живее со полни гради и дека неговите верни кадри уште поалчно цицаат од државниот апарат.

Мемла насекаде

Како ќе се справува државата, власта, а и сите ние, со оваа наследена институционална жабокречина на факултетите? Јас верувам дека демократијата е процес, но и дека само со откази, чистки, и разрешувања работите нема да се сменат. Прашaње е - како да го смениме менталниот код на овие професори-чиновници? Судството и медиумите се исклучително важни кога станува збор за општествена непристрасност и независност. Воспоставување на овие вредности во нив, би можело да поттикне промени и во другите институции и општествени сфери. Но како ќе се воспоставуваат нови вредности, нов начин на мислење и однесување? Дали луѓето што досега биле пристрасни и зависни послушници имаат воопшто капацитет да се менуваат? Потребна е секако промена на некои кадри, барем за почеток. Но кој нив да ги смени, освен тие самите себе?! Влева оптимизам сознанието дека сѐ уште има професори со интегритет и знаење. Иако е мал нивниот број, тие мораат да најдат начин, да стиснат заби и да ги отпочнат промените. Зашто се работи за опстанокот на образованието, но и за нашата иднина. И зашто тоа е можеби поважно од сите преостанати проблеми што ги имаме.

Универзитетот е автономна образовна институција  што трeба да биде пример за независност и напредок во општеството. Денес тој за жал претставува бастион граден врз лигавиците на устоените управни тела и нивните безрбетни столбови. Во него се шири мемла од застарени скрипти, книги, методи и наставни програми. Дел од кадрите наликуваат на распаднатите зданија во кои се наоѓаат, заради немање капацитет, енергија и моќ за отворање прозорец кон светот за проветрување. Ако влезете во некои од нив сигурно ќе почувствувате и мирис на застоена храна и опушоци, колку да ви се доодмили желбата за споделување знаења и искуства. Толку многу е уништено и запустено високото образование што дури веќе нема останато ни здрави столици и маси, а не пак современи нагледни средства за студентите. Негрижата за општественото и неговата злоупотреба за лични цели е длабоко вкоренета кај некои кадри во образованието. Ова е оставштина на Груевски (и не само негова!), којшто во името на подобро образование, ги устоличи послушноста, алчноста, непотизмот и корупцијата. Неспособните добија позиции само затоа што молчеа или беа негови соработници и послушни извршувачи на наредби.

Други колумни од авторката:

Експозитура или автономија

„Изгубени во преводи”

Нашата историја и нашата покисната сегашност

Жилавоста на медиокритетите

За вистински реформи да се случат, потребни се вистински луѓе. А нив ги има малку и се потиснати од молчаливото мнозинство, кое за ништо на светот нема да се промени, ниту пак ќе остави простор за други, подобри од нив. Зашто медиокритетот е свесен за сопствениот ограничен капацитет, и е подготвен очајнички да се бори да ја сочува својата удобна позиција, да зема државна плата и да користи привилегии стекнати во матно. Тој, за жал, сѐ уште одлучува за важни образовни политики на Унивезитетот и факултетите, кажува што е добро, што лошо, што е потребно, а што не е. И создава мрежа на луѓе околу себе што го одржува. Тој не знае и не сака да знае што е демократија и транспарентност. Единката што размислува поинаку и се бори за квалитет, иновативност и промени, е скоро секогаш осудена да помине како губитник во овие услови. Таа е осамена во битката за општото добро, пред сѐ  зашто е неприфатена од оние околу неа, што збиваат редови за одбрана, зашто ја чувствуваат како нивна егзистенцијална закана. Таа често станува жртва на игрите на претпоставените и нивните потчинети соработници. Делувањето на мнозинството се состои скоро исклучиво во сплеткарење, манипулации, омаловажувања и деградирања. Некогаш суптилно и незабележливо, некогаш преку отворен мобинг и застрашувања, како на пример (јавно) обраќање со повишен, потсмешлив и навредлив тон.

Се прашувам дали воопшто каков било закон може да промени нешто во нашето општество? Би можеле да имаме совршен Закон за високо образование, но тоа нема да го смени професорскиот фаличен „штоф“. Зашто ни знаење, ни карактер со сила не се создаваат. Ниту интегритет и слобода. Можеме да имаме совршени закони на хартија во секоја област, но сепак помили ќе ни бидат умилкувањата, лицемерието, „услугите”, корупцијата, што не се напишани во нив. Лесно се влегува во таа мрежа сплетена години наназад низ институционалните ткива, и скоро невозможно е да се излезе од неа. Секој што се обидува да ја скине потенцијално си го жртвува парчето леб и егзистенцијата. Оние инаквите се обидуваат да ја одминат, прескокнат, да функционираат индивидуално, да пркосат. Тоа ги чини ни помалку ни повеќе - живот. На крајот поразени, или заминуваат надвор и почнуваат одново, или остануваат заглавени во лавиринтот, страдајќи и сонувајќи за подобро утре.

Како да се ослободиме од реата?

Поговорката вели дека „рибата смрди од главата“. Но ние, како и секогаш, сме апсурден исклучок - засмрдени сме од опашот. Сепак, светол момент во новиот Закон за високо образование ќе биде „отсекувањето на главата”. Универзитетскиот управен бастион со ваквиот закон ќе биде сериозно разнишан. Дури може и да падне. Но опашките на режимот, растегнати низ кулоарите на факултетите, ќе продолжат да ги сопнуваат „непријателите“ - оние што никогаш нема да се откажат од својот интегритет и барања за суштински промени во образованието. На крајот, повторно останува отворено прашањето - како овие опашки на режимот да бидат „отсечени“, за да се ослободиме комплетно од реата!?

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид