1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Застрашувачки крај за Груевски?“

БГ
28 февруари 2017

Под овој наслов левичарскиот германски весник Нојес Дојчланд ја анализира состојбата во Македонија и постизборната пат-позиција во која прашањето за идниот мандатар на владата се уште не е решено.

https://p.dw.com/p/2YOIm
Mazedonien Nikola Gruevski VMRO-DPMNE
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

„Крајот на долготрајната криза во Македонија сѐ уште не е на повидок. Но, два месеци по пат-позицијата која ја предизвикаа парламентарните избори, се чини дека во земјата во која 11 години владее национал-популистичката ВМРО-ДПМНЕ ќе има смена на власта“, пишува Нојес Дојчланд.

Весникот ја објаснува состојбата во земјата по откривањето на скандалот со прислушкувањето и длабоката политичка криза која следеше потоа. Неуспехот на Груевски да формира влада по изборите го објаснува со „поделеноста во ДУИ“, партија која „не сакала и натаму да коалицира со целосно дискредитираниот Груевски“.

Се цитира изјавата на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан кој го повика претседателот на државата Ѓорге Иванов да му го даде мандатот на мнозинството формирано од СДСМ и албанските политички партии.
„Но, дали Иванов ќе го послуша апелот од Брисел не е воопшто сигурно. Во минатото, шефот на државата се покажа како партнер во неволја на Груевски.

На почетокот на 2016, Иванов се обиде со една контроверзна и превентивна амнестија да ги заштити политичарите на ВМРО од натамошна истрага. И по неуспешниот обид на Груевски да состави влада тој не му го даде мандатот на Заев како што се очекуваше, туку наметна нови услови. Само оној кој ќе собере 61 потпис од пратениците и ќе ја чува унитарноста на државата, ќе добие мандат за формирање влада од него.

Ескалацијата на политичките превирања сега е закана за привилегиите на Груевски, кој по разградувањето на напластената моќ сега стравува и за својата слобода“, пишува Нојес Дојчланд.

Во повеќе весници од германското јазично подрачје се пренесува веста за можноста Заев да формира влада и за протестите кои по тој повод се одржаа во Скопје.

Дојчландфунк јавува дека во Скопје илјадници луѓе протестирале против „воведувањето на албанскиот како втор официјален јазик во земјата“.

Виенски Дер Стандард пишува дека „долгогодишниот премиер Никола Груевски го повикува народот да ја спречи промената на власта. „Сојузот на Социјалдемократите со трите албански партии ќе води до штетни промени во државата“, ја пренесува весникот изјавата на Груевски. „Заев го прифатил барањето на Албанците за поголеми права за малцинството. Албанскиот покрај македонскиот треба да биде втор официјален јазик. Дополнително, Албанците треба да бидат подобро застапени во државните служби“, пишува Стандард.