1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Земја на печалбари

4 мај 2020

Македонците не прекинуваат да создаваат сѐ нови и нови расцепи. Никако да се најдат во сопствениот хаос. Никако да се препознаат и да се прифатат едни со други. Колумна на Кица Колбе

https://p.dw.com/p/3bjmt
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Една од најубавите македонски народни песни се родила од длабоката тага на разделбата при заминување и  испраќање на печалба. Песната „Парадохот ми пристигна“. Како дете не ја сакав многу. Дури и се плашев од неа. Затоа што сите мои баби и егејски тетки-вдовици ја слушаа, и скришно си ги бришеа солзите. Имаше времиња кога немаше македонска мајка која немала испратено син на печалба. Мојата прабаба Софка дури и двајца синови и двајца зетови. Таа плачеше за синовите додека ја слушаше „Параходот ми пристигна“, нејзините две ќерки за мажите. Сега ја слушам додека ја пишувам колумнава. Во незаборавната изведба на Никола Бадев. Немам сила да ја слушам во онаа исто толку прочуена изведба на „Бапчорките“, во придружба на „Меморија“. Откако почина мајка ми, која беше еден од водечките вокали во „Бапчорки",  нејзиниот глас  постојано ме трогнува до солзи. Нежната мелодичност на кавалот, длабоката лиричност на стиховите, од  песната „Параходот ми пристигна“ прави  една од најубавите македонски таговни песни. По меланхличноста слична само уште на „Зајди, зајди...“. Песната „Параходот ми пристигна “ е вистинската химна на Македонија. Таа ја раскажува македонската приказна на печалбата на најубавиот начин. Земја на печалбари е друго име за Македонија. Секоја македонска фамилија имала свои печалбари.

На Горан Стефановски му остана неостварена идејата да напише драма за печалбата на неговиот дедо Стрезо. Некаде напиша дека напуштањето на Македонија само се чини „одвојување“. Во печалбата стануваме уште посилно обединети со татковината, биле свесни за тоа или неа. „Можеш да глумиш Англичанец во Скопје, во Англија си само Македонец“, вели Горан. Со тоа тој го рефлектира  темелното искуство на секој печалбар. Малкумина од печалбарите, особено ако не се мисловни луѓе како творците од сојот на Горан, се прашуваат зошто за нив нивното потекло во печалбарскиот живот станува толку скапоцена вредност. А, всушност, болката по родната земја прави таа  за печалбарот да стане слика за „загубениот рај“.

Македонците порано оделе на печалба не само за да спечалат богатство,  иако тоа била најчестата причина. Меѓутоа, тие бегале на печалба и од лошата политичка состојба во Македонија. Од постојаното повторување на војните, на окупациите. Од тоа да мораат да ја прифатат  жестоката асимилациска политика на тие што штотуку  ја имале запоседнато Македонија. Бегале од „вечното враќање на истото“ во македонското постоење. Македпонците бегале од тоа, по секоја нова војна,  да им бидат повторно променети личните имиња. Бегале од македонската „историска траума“, од новите државни граници, кои на Балканот се менувале со крвави војни и бегалски страдања. 

Други колумни од авторката:

-Македонското издаваштво – ситнотрговство без визија

-Најголемата љубов – Велигден и христијаните

-Ние, скопските гимназијалци родени 1951/52

Печалбарите порано биле како птиците преселници. Како штрковите, и  печалбарите одлетувале во зимата во топлината на копнеената татковина. Доаѓале кај своите  на „видје“, како што велеа моите егејски баби. Им се враќале на сопругите, кои со месеци, со години  копнееле по нив. Тие неретко биле заминати на печалба  откако ќе се задолжеле да направат свадбата. Или да купат куќа.  Таму, каде што е срцето, таму за печалбарите, птиците преселници, е  и сонцето и топлината. Тоа  најдобро го знаеше поетот Константин Миладинов кога тагуваше по Југот во Москва. Којзнае дали во Москва секогаш имало само „студој и мразој“. Во копнежот,  сонцето, топлината и среќата секогаш се таму каде што не сме ние.

И за Горан Стефановски беше значаен ликот на Сиљан Штркот. И за мене тој има шифровито значење. Пред неколку години напишав моја варијација на тој мотив. Во еден кус расказ со наслов, „Штркот во претсобјето”. Приказна за штркот што се вљубува во Северот и останува засекогаш таму. Сиљан Штркот  е копнежот по далечното и туѓото. Тоа кое  привлекува, но буди  и страв и трепет. Тој што копнее да замине, како Сиљан Штркот, всушност, има желба да ги напушти своите. Како да копнее да облече уште една кожа врз својата. Меѓутоа, колку што непознатиот свет ни‘ се присторува како шанса за преобразба, тој толку и не‘ соочува со самите себеси. На тоа мисли Горан  кога  вели дека  излегувањето од Македонија е и силно спојување со неа. Надвор од Македонија  не можете да заборавите дека сте Македонец. Тоа ви го кажуваат другите. Затоа што  мораат да ве сортираат во нивната перцепција на светот.

Горан во приказната за Сиљан Штркот препознаваше  не само копнеж по непознатото, туку и проклетство. Пред заминувањето, Сиљан е проколнат, веруваше Горан. Токму од своите. Од тие што ги остава дома. Да се стори пиле и да одлета во светот. Да го напушти топлото огниште. И да талка по пусти полиња.  Ми се чини дека талкањето на Сиљан е и слика за тагата на тие што заминале и на  тие што останале дома. Невидливата тага едни за други. Заминатите на печалба се чувствуваат како да се од сите заборавени. Тие не знаат колку за нив копнеат нивните мајки. Да знаат колкава е болката по нив на тие што останале дома, тие нема да можат да издржат ниту еден ден повеќе на печалба. А тие никогаш нема да  го дознаат тоа, затоа што нивните мајки длабоко во себе ја кријат својата тага по синовите на печалба. Такви беа мојата баба и мојата прабаба. Кога ќе стигнеше поштарот и ќе го донесеше со месеци очекуваното писмо, тие, обично, се криеја во одајата. Да го прочитаат, ама никој да не ги види нивните солзи.

Mazedonien - Goran Stefanovski, Dramatiker
Горан СтефановскиФотографија: EU Info Center Skopje

Сиљан Штркот може да биде, во Горановата смисла, и  „криза на идентитетот“. Криза на идентитетот како расцеп и отуѓеност од тој, во кого треба да се препознаете - сонародникот. Оти идентитет значи токму тоа. Да се препознаете себеси во другиот и со него да градите општост, целост, заеднички цели и визии. Да го делите со него истото културално паметење. И да го надрагдувате во духот на заедништво. А расцепот меѓу најближните, во една заедница и народ, навистина  го опустошува човека. Расцепот од животот прави пустелија. Затоа  што повеќе никој никому не верува. Затоа што расцепот прави од луѓето  тие да станат глуви и слепи за заедничките вредности, додека во се‘ бараат доказ за својата омраза кон најблиските. Македонија се преобразува веќе подолго време во таква пустина, во која  небаре никој никого не слуша. Горан го имаше согледано тоа  кусо пред да се пројави македонскиот политички  и национален расцеп по Преспанскиот договор. „Понекогаш ми се чини дека и нашава држава, како и пилците Сиве и Чуле, се слуша како пее. Ама не може да се види, да се најде, да се гушне, да се исцели, да се смири“, напиша тој.  

Македонците не прекинуваат да создаваат се‘ нови и нови расцепи. Никако да се најдат во сопствениот хаос. Никако да се препознаат и да се прифатат едни со други. И да почнат сета разорна енергија на омразата еден кон друг да ја преобразат во творечка сила, со која конечно би започнале заеднички да ја градат  државата. Отуѓувањето еден од друг, како  проклетството на Сиве и Чуле, се случува и без да се замине. Тие кои се така разделени едни од други, небаре се на два континетна во истата дребна македонска државичка, затворени секој во својата митолошка слика. И така продолжува македонската приказна за Сиве и Чуле. Продолжува митот за „Каинавелија“ на Славко Јаневски, каде што двајца Македонци, го јадат третиот. Македонија како пуст остров на вечни бродоломци.

Македонските болници се празнат- од лекари

Тие, пак, вредните, храбри печалбари, нашите дедовци и прадедовци, одеа на печалба за да спечалат пари, со кои се враќаа дома. И градеа куќи, купуваа ниви, отвораа дуќани. Тие печалбари  беа големи домаќини. Беа чесни и работливи. Тие печалеа пари не само за себе, туку за сите што беа останале дома. Тие им помагаа на  македонските фамилии да ги преживеат тешките времиња на глад и војни. Такви беа двајцата синови на прабаба ми, кои по бегството на моите роднини од Грција  во Граѓанската војна, постојано ни‘ испраќаа големи пакети. Со облеката од американските пакети растевме ние, децата во егејските фамиии.

Кога, конечно, ќе разберат денешните Македонци дека денес сета Македонија стана земја на печалбари? Нивните синови и ќерки се како пилците што одлетале на сите страни на светот. Не им текнува ли некогаш дека нивните деца заминале затоа што не можеле повеќе да живеат во пустелијата, во која нивните родители ја претворија Македонија во последните три децении? Создаваат ли тие Македонци, можеби, постојано нови политички и национални раздори и расцепи само затоа што  само така, додека  секој ден се полнат со нова омраза кон другиот, не мораат да се погледнат себеси. И да се прашаат што  ги направило толку лоши и злобни, толку кусогледи и тапоглави, толку ништожни и грамзиви по пари и моќ? Најважното е да се прашаат, што ги направило толку отуѓени едни од други како Македонци?  Ако се прашаат барем еднаш, тие ќе сфатат дека можат да  побегнат од се‘, но не и од себеси. А себеси можат да се разберат и сфатат само огледувајќи се во  другиот Македонец. Треба конечно да сознаеме дека другиот Македонец (кого често со потсмев многумина  го нарекуваат „Македончето“!) не е нашето проклетство. Тој е нашата шанса и огледало. Треба конечно да станеме возрасни и да ги надминеме „историските детски болести“ на Македонците. Најтешката болест, секако, е македонскиот расцеп. Како што вели Горан, треба конечно да се прифатиме еден со друг. И да се исцелиме! Тогаш нема да може да создава раздели меѓу Македонците ниту никој однадвор.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.