1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хроника на една најавена оставка

23 декември 2021

Она што Заев и неговата влада не успеаја да го одбранат и заштитат, беше идентитетот на правдата. Пишува Катерина Блажевска

https://p.dw.com/p/44kAy
Nordmazedoniens Ministerpräsident Zoran Zaev kündigt Rücktritt an
Фотографија: Metodi Popow/imago images

„Европската унија го изневери Заев, но не и тој неа“, „Заев го исполни ветувањето - ја поднесе оставката“, „Заминувањето на Зоран Заев: збогум или довидување?“...

Ова се само дел од насловите во регионалните медиуми, кои ги анализираат околностите и причините поради кои македонскиот премиер, кој ја внесе неговата земја во НАТО, заминува од функција, и тоа - по неуспех на локалните избори! Капката што ја прелеа чашата неодминливо е посочена во неможноста тој пред граѓаните да го испорача и вториот надворешнополитички приоритет - почеток на преговори со ЕУ, поради бугарското вето, но и неисполнетите ветувања од ЕУ. 

Надвор од оваа симплифицирана скица за генезата на една оставка, на домашната пазл-сложувалка има уште многу парчиња кои го комплетираат мозаикот: и за остварувањата во неговите два премиерски мандата, и за очекувањата на граѓаните. Овие две „отсечки“ успешно се пресретнаа во некои важни точки, но во дел и драматично се разминаа. За решавањето на тридеценискиот проблем со Грција преку Договорот од Преспа, Заев ги доби сите ловорики од меѓународната заедница и тие напори се валоризираа со членство на земјата во најмоќниот воено-политички сојуз. И покрај опозициските критики поради промената на името и обвинувања за „јес мен“, човек - послушник на меѓународната заедница на штета на идентитетот, ништо од тоа не беше изгубено.

Она што Заев и неговата влада не успеаја да го одбранат и заштитат беше идентитетот на правдата. Лидерот, кој од 2013 до 2016 година помина тежок пат во обид да го демаскира и урне режимот на Груевски, чие мото беше „Нема правда, нема мир“ и „Ова зло никогаш да не се повтори“, по само две години на премиерската функција се соочи со првата дисторзија на патот кон ветената правда. Катица Јанева, специјалната јавна обвинителка која претходно беше доживеана како симбол на битката против децениски несанкционираниот криминал и корупција, се претвори во антипод на тие заложби. Заврши зад решетки заедно со дел од оние кои претходно ги гонеше, но случајот „Рекет“ жестоко го изложи Заев и некои негови соработници на сомнеж за кумување во тој случај, заради персонални релации со осомничените, а потоа и осудени протагонисти.

Festakt Westfälischer Friedenspreis 2020 | Zoran Zaev
За решавањето на тридеценискиот проблем со Грција преку Договорот од Преспа, Заев ги доби сите ловорики од меѓународната заедница (фото: Заев на врачувањето на Мировната награда на Вестфалија, 28.08.2021)Фотографија: Lino Mirgeler/dpa/picture alliance

Токму од тој случај во летото 2019 година и реално почна владиниот пад - кон удолница. Секако, тектонските потреси што настануваат помеѓу очекувањата на граѓаните и разочарувањата, не се одразуваат веднаш на рејтингот, бидејќи гласачите сепак оставаат шанса за резултат и разрешница. Затоа во тој „меѓупериод“, кога казната на гласачите сѐ уште не беше доминантна над довербата, Заев успеа во 2020 да ја формира и втората влада, без поголеми штети по рејтингот.

Но, таа шанса не ја искористи за да го сопре латентниот пад. И поради дел од раководните кадри на кои постојано и незаслужено им даваше втора шанса, но и поради манир, недозволен за премиер, да се става во одбрана и да уверува во чесноста на осомничени или обвинети кадри, а за кои одговорот може да го дадат единствено правосудните органи и никој друг. Со тоа, самиот го означи крајот на гратис-времето кое му го додоа граѓаните, чекајќи потврда - дали ветувањето за правда и правна држава ќе биде ставено на вистинскиот колосек или не.

Оттука натаму, сѐ стана многу поизвесно, освен за членовите на Владата, кои, како навреме да не го почувствуваа пулсот на јавноста и причините за незадоволство. Пасоши за криминалци, сомнежи за прикривање на криминални афери, недозволиво заминување на море за време на августовските пожари, отуството на морална одговорност за пожарот и жртвите во модуларната болница во Тетово - сето ова дополнително натежна на грбот на власта во пресрет на локалните избори. Резултатите од првиот круг на тие избори, веќе не беа „порака“ како што сметаше Заев. Пораките почнаа многу порано - од 2018/2019 година, кога од премиерот се бараше метла, обезбедување услови за функционирање на неселективна правда, одговорност, реконструкции... Но, одговорот постојано се одложуваше, доцнеше.

Затоа и резултатите од првиот круг не беа порака, туку испорачана фактура. А од вториот круг - потврдена фактура.

Дали после сѐ, мандатите на Заев може да се третираат како лет во место? Секако не. Иако во многу ресори беа направени одредени исчекори, тие паднаа во сенка на доминантниот наратив - нема правда. Во надворешната политика тој можеби направи повеќе исчекори од сите премиери во изминатите три децении, особено во фазата во која земјата беше речиси во изолација. Ги елиминираше и сите недемократски стеги поради кои претходно не можеше да се реализира сериозна дебата или да се искаже различно мислење, беа да се добие експресен епитет „предавник“.

Nordmazedonien | Kommunalwahlen
Резултатите од првиот круг на локалните избори не беа порака, туку испорачана фактура, а од вториот круг - потврдена фактураФотографија: Petr Stojanovski/DW

Отвореноста и непосредноста во комуникацијата, на „народен“ јазик (дури и во пакет со симпатичниот струмички дијалект, смешниот српски и бугарски, и лошиот англиски) колку што му беа предност заради впечаток дека е еден од народот, ранлив, несовршен, со доблести и мани, толку го направи и жртва на пранкери, што само го потенцираше отсуството на негова и безбедносна култура кај одговорните од неговото опкружување. Сите овие детали, а некогаш и повеќе од детали, се и слика за пропустите и супстандардите во општеството.

Отуството на капитални инвестиции, а најмногу на капитални инвестиции во системот на правосудство, ја оставија сложувалката без клучните пазли кои требаше да ја оформат ветената и очекуваната слика. Заев пропушти огромна и неповторлива шанса да ги измени нештата кои претходно ги критикуваше, во време кога за тоа имаше армија од граѓанска поддршка и сојузништво. Попустливоста кон грешките и неодговорностите на неговите соработници, на крајот реши да ја понесе самиот.

Факт е дека неговите влади со соочија и со непредвидливи околности и никогаш не добија „меден месец“. Првата влада беше изгласана речиси после шест месеци од изборите во декември 2016 година, што беше неславен македонски рекорд, со уште понеславните и срамни настани од 27-ми април 2017 година. По офанзивата за деблокирање на евроатлантските интеграциски процеси, веднаш се соочија со предизвиците на пандемијата, чие справување одзеде многу време и животи, а ги изнесе на виделина сите слабости на алките во институционалниот систем. Тие не само што не беа надминувани, туку беа оставени на тековна инерција и хаос од (не)надлежности.

Со тоа ќе се соочи и наследникот на Заев. Ни идната влада нема да има меден месец. Напротив - ќе мора да вади сѐ што било турнато под тепих, плус да се справува со енергетска криза, со очекуван засилен бран на епидемијата, со економски и со интеграциски предзивици на земјата закотвени привремено меѓу Отворен Балкан и подзатворената ЕУ. Иако изгледа апсурдно, излегува дека „позитивното“ нешто што го добива идната влада во наследство, е токму суровата поука - како да не влезе во замките од кои не успеа да излезе претходната.