1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто 2018-та е година на жените?

Сузане Ленц-Глајснер
11 јануари 2018

Дебатата за #Metoo распали тешки противречности: од апелот на Опра Винфри за правата на жените до повикот на Катрин Денев за умереност. Конечно имаме дебата за сексизмот, смета Сузане Ленц-Глајснер.

https://p.dw.com/p/2qffB
USA  #MeToo Protestmarsch in Hollywood
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Ralston

Двајца незауздани шовинисти ме разбудија: Доналд Трамп со неговата изјава во соблекувалната „Grab them by the pussy. You can do anything“ и холивудскиот продуцент Харви Вајнстин, кој како бескрупулозен крал на аудициите наново ја разгоре дебатата#Мetoo. И повторно не можеше да се превиди: отворен сексизам и непочитување на жената и во западниот свет се и натаму застапени шаблони на однесување. Тоа сум го потиснувала со години, како и многу други жени. Се адаптиравме. А, толку бевме охрабрени во минатото од женските движења и толку бесни на „мачосите“ кои бесрамно ни здодеваа и бевме толку против клише поделбата на улогите, кои нѐ држат во тесни рамки.

Пети Смит и Нина Хаген формираа нова слика за жената

„Зошто треба да ја исполнам мојата должност како жена? За кого? За нив? За тебе? За себе? Немам желба да ја исполнам мојата должност. Не за тебе. Не за себе. Јас немам обврска.“ Со својата песна „Неописливо женствена“ Нина Хаген точно го опиша мојот животен став во 1978. Имав 16 години и бев „наелектризирана“. Никогаш нема да го заборавам легендарниот настап на Пети Смит една година подоцна во телевизиското шоу „Рокпаласт“: лабава, на чело на бендот, облечена во костум и чизми, самоуверено ги интерпретираше своите бунтовни песни, викаше во микрофонот, шепотеше: жена која се експонира, која едноставно е своја - груба, автентична и дива. Хаген и Смит, две жени кои на крајот на 70-тите ја сменија сликата за жената во Германија. Една Германија во која на жените до 1977-ма уште им беше потребна дозвола од сопрузите за да одат на работа.

Susanne Lenz-Gleißner
Сузане Ленц-ГлајснерФотографија: John London

„Сестрите тоа го прават за себе, си стојат на своите две нозе и самите си се свој автор“ - оваа силна химна на Ени Ленокс и Арета Франклин беше нашето мото во 80-тите.

Се изборивме за субвенционирање на жените, места во дневен престој за децата, детски додаток и многу други нешта. Се чувствувавме еманципирани и ја штиклиравме темата. И долго не забележувавме како се протнуваат старите шаблони. Розови Барби-светови ги освојуваат девојчинските соби. И најдоцна со гигантскиот успех на шоуто на Хајди Клум "Germany's Next Topmodel" во 2006-та критичкиот став кон идеалите за женската убавина дефинитивно беше аут. Дигиталната револуција придонесе за поткопување на наводно просветлената свест.

Радикален феминизам во новиот милениум

Од 2013 можеше да се види на Јутуб и брзо достигна една милијарда кликови: клипот „WreckingBall“ во кој Мајли Сајрус јава на кугла за уривање згради - провокативна, гола, слаба. Иако пејачката од денешна перспектива се кае за перформансот, младите девојчиња гладуваат и многу почесто страдаат од булимија и анорексија отколку пред десет години. Блогерката Кара Лори Пени, која феминизмот го освежува со радикални наслови како „Месо на продажба“, како 17-годишна страдала од анорексија. Денес Британката беспоштедно ги разглобува партијахалните механизми кои се кријат зад фасадата на западниот граѓански свет.

Еднаквост? Не баш!

Не е ни чудо бидејќи поделбата на улогите е предавана од генерација на генерација илјадници години наназад, задирајќи и во најмалиот сегмент од нашето заедничко живеење и имплементирани се во нашата свест и потсвест. Пред само 100 години жените во Германија се изборија за право на глас. Но, и денеска ние жените заработуваме помалку, а плаќаме повеќе. Нѐ има во политика, бизнис и култура, но како драстично малцинство. Ниту во западниот свет не сме еднакви. Не вистински. Сѐ уште не. Трамп, Вајнстин и други нѐ разбудија. И кампањата „Time's up“ од филмската бранша е важен сигнал. Покажува дека времето на туркање под тепих е поминато. Разбудени сме, точно гледаме што се случува - и повторно се бориме. 2018 е година на жените!