1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Зошто одлуката на Трамп за Иран е фијаско за Кореја

Фабијан Кречмер
10 мај 2018

Со кршењето на договорот со Иран, американскиот претседател Трамп испрати катастрофален сигнал до Северна Кореја. Неколку недели пред планираната средба, Ким Јонг Ун има многу причини за сомнеж во веродостојноста на САД.

https://p.dw.com/p/2xUeD
Bildkombo Kim Jong Un und Donald Trump
Фотографија: picture-alliance/AP/dpa/Wong Maye-E

За студентите по психологија од прв семестар потезите на американската влада би биле извонреден поучен пример за когнитивна дисонантност. Само неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп го откажа Нуклеарниот договор со Иран, неговиот министер за надворешни работи Мајк Помпео отпатува во Пјонгјанг. Тој на тамошниот партиски кадар му ја пренесува пораката: ако се откажете од вашето атомско оружје, ќе ги разлабавиме нашите санкции и нема да ве нападнеме. Но, за режимот на Ким Јонг Ун американското кршење на договорот со Иран не е вистински изненадувачки, во Пјонгјанг владее длабока недоверба кон САД.

Повеќе: 

Северна Кореја се согласи на денуклеаризација

Иран: предвидлив чекор, непредвидливи последици

Договорите имаат „рок на траење“ 

Напуштањето на Атомскиот договор со Иран го оптоварува и јужнокорејскиот претседател Мун Џае Ин, кој изминативе месеци ги стави во погон сите лостови за да го придвижи кревкиот мировен процес на Корејскиот Полуостров. Фрустрацијата поради едностраниот чекор на Трамп вродува со длабок молк во Сеул.

И американски експерти гледаат критички на одлуката на Трамп: „Зошто Ким Јонг би верувал и на минимална отстапка на Трамп, кога тој самоволно крши спогодба кон која се придржува спротивната страна?“, твиташе на пример Антони Блинкен, заменик министер за надворешни работи во владата на Барак Обама.

Слично аргументира и политикологот Випин Наранг од Институтот за технологија во Масачусетс: „Ова јасно ќе го потсетува светот дека политичките договори имаат рок на траење и се реверзивни, додека атомското оружје нуди доживотно осигурување.“

USA Trump verlässt den Raum ARCHIV
Трамп - вртењето грб на Иран се носи добра порака кон Северна КорејаФотографија: picture-alliance/NurPhoto/C. May

Не функционира ни „Либискиот модел“

Ова одлично се вклопува во сликата најавена од националниот советник за безбедност на Трамп, Џон Болтон на крајот на април, за примена на „Либиски модел“ во поглед на севернокорејското нуклеарно разоружување. Тогашниот либиски властодржец Моамер ал-Гадафи во почетокот на 2000-те години се откажа од својата атомска програма под дипломатски притисок на Запад. Болтон меѓутоа не наведе дека режимот на Гадафи во 2011. година беше соборен со помош на западните авионски напади, а самиот Гадафи беше крваво линчуван од толпата. Либискиот пример е една од главните причини поради кои хардлајнерите во Пјонгјанг по секоја цена сакаат да го задржат своето животно осигурување во форма на атомска програма.  

Почетничка грешка

Надворешнополитички, искреноста на Вашингтон пред претстојните преговори со Северна Кореја се наоѓа во сомнителна светлина. Северна Кореја досега сигнализираше дека мировен договор со САД би значел паралелно и нејзино нуклеарно разоружување. Многумина сега се сомневаат во стручните компетенции на американското Министерство за надворешни работи, во момент кога се одлучува за судбината на Корејскиот Полуостров.

Американскиот министер за надворешни работи Мајк Помпео, летајќи во авионот кон Пјонгјанг, разговарајќи со новинарите, севернокорејскиот властродржец Ким Јонг Ун го нарекуваше „претседателот Ун“, очигледно незнаејќи дека презимето е - Ким. Типична почетничка грешка.