1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто постарите родители се посреќни?

Олмајер/Тобиас Михаел/К. Краљевска18 јули 2015

Научниците од Росток им порачуваат на идните родители - не брзајте, ако сте млади, нивото на среќата расте значително ако за родителство се одлучите по 34- година од животот. За Дојче веле говори научникот Мико Мирскила.

https://p.dw.com/p/1Fxvi
ind
Фотографија: picture-alliance/dpa

ДВ: Заедно со научниците од Онтарио, Канада објавивте студија за среќата на родителите. Дали постарите родители се посреќни или воопшто, како ја мерите среќата?

Мико Мирскила: Ние не споредувавме дали постарите родители се посреќни од младите. Ние истражувавме колку се менува нивото на среќата - кога некој ќе добие дете. И констатиравме дека нивото на среќата кај постарите родители се зголемува повеќе отколку кај младите.

Како го мерите нивото на среќата?

Ги користиме стандардните методи за мерење на среќата. Секоја година прашувавме луѓе на скала од 0 до 10 колку се среќни. Поранешните истражувања покажаа дека тоа е прилично добар начин да се измери нивото на среќата.

Прашавте 7.000 луѓе и дојдовте до заклучок дека постарите родители, односно оние над 34 години, се значително посреќни од младите. Зошто е тоа така?

Мислиме дека тоа има врска со фактот колку е некој подготвен да биде родител. Младите луѓе мораат да го завршат образованието, можеби се‘ уште не ја почнале својата кариера. Старите луѓе се обично неколку чекори подалеку. Тие се повеќе подготвени од младите за да станат родители.

Mikko Myrskylä
Мико МирскилаФотографија: Fotostudio Hagedorn, Rostock

Дали тоа значи дека колку се постари, толку родителите се посреќни? Што е со 40-годишните? Дали тие се посреќни од 34-годишните?

Пробавме да го дознаеме тоа, но имавме само малку податоци. Но, видовме дека кај родителите кои имаат над 40 години нивото на среќата паѓа многу брзо пред да добијат дете. Тоа можеби има врска со биолошкиот часовник и свеста дека крајот е близу. Со 35 години имате уште време, но на 43 само уште малку...

А што се случува со младите родители, кои имаат 18-20 години? Дали тие се среќни?

Да, посебно момчињата, младите татковци. Резултатите од истражувањата меѓу младите мајки не се толку страшни, но сепак се негативни. Се чини дека не е добро рано да добиете деца.

Колку може да потрае среќата по раѓањето на првото дете?

Најчесто гледаме дека ефектот на среќата релативно кратко трае, неколку години. Кај старите мајки среќата трае подолго, дури и по 10 години имаме повисоко ниво на среќата одошто пред да се роди детето.

Дали среќата може да се зголеми, и да го зголеми бројот на децата?

Првото дете значително го крена нивото на среќата, другото нешто помалку, а третото воопшто не. Морам да истакнам дека ние не ја баравме формулата за среќата. Ние се обидовме да сфатиме зошто луѓето воопшто имаат деца. Мислам дека сега подобро сфаќаме зошто луѓето подоцна имаат деца, зошто имаат едно или две деца, а ретко повеќе.

Знаеме дека пред се‘ факултетски образованите луѓе подоцна имаат деца. Какво влијание врз среќата на родителите има степенот на образование?

Влијанието на образованието е многу големо, посебно кај татковците. Тие посебно уживаат кога ќе добијат дете. Кај мајките не забележавме таква голема разлика.

Може ли да се каже дела родителите се посреќни од оние кои немаат деца?

Тоа не можеме да го кажеме. Само го споредивме нивото на среќата меѓу луѓето кои имаат деца.

*Професор Мико Мирскила е директор на Институтот Макс Планк за демографско истражување во Росток, каде што ја води и Лабораторијата за здраво население како и Лабораторијата за плодност.