1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Ако не ви се допаѓа тука- збогум!

Ивица Петровиќ
16 октомври 2018

Една петтина од граѓаните на Србија сака да се отсели од земјата, покажува последното истражување. Подобриот животен стандард е основен мотив, но луѓето заминуваат и поради партократијата и немањето перспектива.

https://p.dw.com/p/36c2Z
Serbien Reise von Nemanja Rujevic Belgrad Straße
Фотографија: DW/N. Rujevic

Истражувањето на организацијата Србија 21 покажува дека граѓаните во Србија сакаат да ја напуштат земјата, а меѓу нив најмногу има млади луѓе: во рамки на оваа бројка дури 34 насто од младите меѓу 18 и 29 години размислуваат да заминат, што е колку 450.000 граѓани. Речиси половината од оние кои сакаат да заминат размислуваат за трајно заминување, а тоа е веројатно и еден вид оценка за државата во која моментално живеат. Граѓаните на Србија се разочарани поради многу работи, и едноставно би било неправедно да се каже оти парите и подобриот животен стандард се пресудни мотиви за напуштање на Србија. Иако материјалната состојба најчесто се наведува како главна причина и во ова истражување, веднаш зад неа се наоѓа уреденоста на државата како и големата недоверба во институциите.

Луѓето заминуваат- никому не му е гајле

Податоците до кои дојде ова истражување не се некое големо изненадување, бидејќи темата да се напушти земјата секако не е новитет во Србија. Меѓутоа, и покрај фактот дека оваа тема е присутна во јавноста уште од големите гастарбајтерски бранови во 60-тите години од минатиот век, некои конкретни одговори за емигрантски предизвици нема. Дали овие податоци сепак некого би требало да го загрижат? Универзитетскиот професор во пензија Србијанка Турајлиќ не забележува оти некој е особено загрижен поради овие проценти кои се страшно големи.

„Постои еден синдром, кој не е нов, а тоа е познатата реченица 'оди си оттука ако тука не ти е добро'. Никој кој е на власт не сака да се запраша што правам јас што ги тера луѓето да заминат. Значи, се' што работам е добро, а ако тебе тоа не ти се допаѓа- оди си. Како оваа земја да им припаѓа на властите, а ако граѓаните не се задоволни како се живее во земјата тоа е проблем на граѓаните, а не на оние кои всушност одредуваат како се живее во Србија“, вели Србијанка Турајлиќ.

Bauarbeiten Belgrad
Фотографија: DW/I. Đerković

Нешто повеќе од пари

Можеби властите и би се позанимавале со оваквите проблеми кога тие би можеле да се решат брзо и да покажат некакви резултати. Србија веќе долго е емигрантска земја, а тука ништо не може да се промени преку ноќ. На тој момент обрнува внимание и Бојан Ѓуриќ, од организацијата Србија 21.

„Овој проблем не може брзо да се реши, и затоа сметам дека не постои ни некоја голема мотивација, кај различни нивоа на власта, нешто да работат на тоа или да планираат на подолг рок“, вели Ѓуриќ. „Кога луѓето велат оти немаат перспектива, за нив решение нема да биде зголемување на платата од 15 или 20 насто во наредните 10 или 15 години- што можат да бидат економски резултати за Србија во најдобро сценарио. Луѓето мораат на некој начин да се уверат дека овде постои некоја надеж оти ќе се живее подобро.“ Ѓуриќ додава дека истражувањето покажува и оти не се проблем само парите.

Повеќе на темата:

-Српските лекари заминуваат во Германија

-Србија-земја од која младите сакаат да си одат

-Има ли надеж за Балканот?

„За оние кои сакаат да заминат важно е дека ќе имаат повисока плата. Но, за оние кои веќе заминале и живеат во странство некое време, тие ја менуваат перцепцијата и ги истакнуваат уреденоста на општествата, функционирањето на институциите и одделни сегменти во општеството, како и предвидливост во многу сфери од животот. Затоа има малку од оние кои живеат во странство а се подготвени да се вратат. Веќе за нив не е мотивација во Србија да имаат иста или слична месечна плата“, истакнува Ѓуриќ.

Поинаков систем на вредности

Слично мислење има и Србијанка Турајлиќ. Како долгогодишна универзитетска професорка таа можела непосредно да чуе која е мотивацијата на студентите да ја напуштат Србија. како што вели, парите често не се најважниот мотив.

„Во професијата со која се занимавам- инженерството и ИТ секторот посебно- од гледиште на стандардот, тој во Србија е дури можеби повисок отколку некаде на друго место, имајќи ги предвид, се разбира, постоечките плати и трошоци за живот. Во овие струки работа има и платите не се мали. Од оние ИТ инженери кои ги познавам а кои заминале, го сториле тоа кога децата им биле на возраст за во училиште. Имено сакаа децата да им растат и живеат во некоја попристојна земја во која постои нормален систем на вредности, и во која не се решава со корупција и преку врски“, вели Србијанка Турајлиќ.

Schrift in Serbien - Lateinisch und Kyrilisch, Novi Sad
Фотографија: DW/S. Kljaijic

Подобро нема да биде

Ако почнеме да набројуваме што се' лошо функционира во Србија- а би можело да се наведе како потенцијален мотив за заминување од земјата- списокот навистина би бил долг. Лош јавен превоз, шалтерска бирократија, корумпирано здравство, судство и полиција, растурени институции, спори возови, лоши патишта, партиски вработувања, медиумско и полициско насилство- и сето тоа за плата од 200-300 евра- станува јасно колку е потребно да се има специјален систем за самоодржување и дополнително количество медитација за да се функционира во такво опкружување.

Бојан Ѓуриќ напоменува оти луѓето биле оптимистични дека некои работи во тој смисол ќе се променат само во првите години по 5 октомври 2000 година. Но, таа надеж брзо исчезнала, продолжува Ѓуриќ, и тоа всушност им ја згаснало надежта дека некои работи ќе се променат.

„Мислам дека луѓето, кога размислуваат да заминат, пред се' се раководат од искуствата на некои други луѓе, или набљудувајќи некоја општа ситуација во општеството. Свеста за тоа дека некои работи бавно, или воопшто не се менуваат, изгледа оти е многу попресудна за нечии одлуки отколку можеби некоја конкретна случка, во смисол дека луѓето се непосредно загрозени поради тоа што некој друг може полесно да најде работа од нив, или тоа што образованието секогаш не се исплатува“, вели Ѓуриќ.

Програма за млади- менувајте го општото опкружување

Партократија во Србија отсекогаш имало, но власта на Напредната партија системот на ботовско напредување го воспостави како еден од клучните принципи во кариерите на младите луѓе. Затоа професорката Турајлиќ смета дека власта сите овие поразителни бројки и проценти за заминувањето на мласите едноставно ќе ги игнорира и премолчи.

„А ќе ги премолчи затоа што едноставно нема одговор со кој не би прифатила сопствена вина. Прифаќањето на вината е прв чекор кон тоа да се каже: во ред, да видиме што може да промениме. Но, тие всушност не би требало да сторат ништо за младите, туку би требало да сторат нешто за државата. Зашто нема тука поединечно поттикнување или магични програми за млади. Со оглед дека младите бегаат поради општото опктужување, додека не се стори нешто да се поправи тоа, на младите нема што да им се понуди за да останат во Србија“, смета Србијанка Турајлиќ.