1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Norwegen Anschläge

25 јули 2011

„Дојде од никаде“, вели норвешката полиција за атентаторот од Осло. Во последните години станува се` појасно дека е доволен поединец или пак мала група за да се изведат ужасни масакри.

https://p.dw.com/p/122xQ

Извештајот на норвешката полиција звучеше смирувачки - во 2010 година немало никаква закана по безбедноста на Норвешка од десните и левите екстремисти. „Тоа не би требало да се промени во 2011 година“, стои во нивниот извештај. Реченица, која следниот пат сигурно нема да биде така формулирана.

Безбедносните служби речиси и да немаа шанса да ги спречат нападите. Се работи за поединец, кој иако преку интернет бил активен на десно-екстремистички форуми, во вистинскиот живот немал никакви контакти со радикалните мрежи, кои ги има и во Норвешка.

По правило, безбедносните служби се навистина добро информирани за случувањата во тие кругови, бидејќи лесно им успева да инфилтрираат свои луѓе, кои им доставуваат информации.

Осомничениот Норвежанец, меѓутоа, е човек, кој практично се радикализирал сам од себе - без лични контакти со истомислениците. Тип на сторител, од кого стравуваат и германските безбедносни служби. Таквите луѓе обично не паѓаат в очи, државните инструменти за рано предупредување немаат шанса да ги препознаат како потенцијална закана и подетално да ги надгледуваат.

Каква одговорност сносат норвешките десно-популисти?

Друго прашање е каква врска со сето тоа има десно-популистичката Партија на напредокот. Осомничениот сторител одреден период бил нејзин член и постојат поклопувања меѓу она, што тој на интернет го пропагирал како своја политичка цел и фантазија, и она што партијата си го има зацртано како политичка програма. Тука спаѓаат стравот од преголемо доселување на странци во Европа, стравот од исламот, стравот од мултикултурното општество.

Како и другите десно-популистички партии од северот на Европа, така и протагонистите на норвешката Партија на напредокот им се спротивставуваат на традиционално либералните скандинавски општества, сметаат дека се во еден вид „одлучувачка борба“ за спречување на пропастот на христијанската култура. Оние кои стојат зад таквите пароли, создаваат клима, која во екстремни случаи ги мотивира луѓето, како осомничениот сторител, да изведат дела слични на оние од петокот.

Манијачки памфлет со потпис на психопат

Сепак, би се отишло предалеку, доколку десно-популистичката партија во Норвешка директно се поврзе со нападите во Осло. Како прво, Партијата на напредокот јасно се има дистанцирано од употреба на насилство. Освен тоа, таканаречениот манифест од околу 1.500 страници, што осомничениот сторител го остави на интернет, има манијачки карактер. Инсценирањето на неговиот интернет-настап, неколку дена пред да го изврши масакрот, го носи потписот на психопат, кој пред се` сака да привлече внимание и да добие признание. Станува збор за индивидуални мотиви, за кои десно-популистите не сносат никаква одговорност. Опасноста се состои во тоа што поединци ја користат нивната пропаганда како оправдување за смртоносните чинови на насилство. Десно-популистите сакаат да создадат клима, што трајно го става во прашање либералното општество. Токму во тоа лежи нивната опасност.

Автор: Штефан Шелерман

Превод: Трајче Тосев

Редактор: Горан Чутаноски