1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во САД: Борба за убедувања, а не за факти

Инес Пол
6 ноември 2018

Очите на цел свет денеска се вперени во САД, бидејќи Трамп ги претвори конгресните избори во гласање за него. Исходот е неизвесен, но јасно е дека тој веќе во голема мера ја промени неговата земја, смета Инес Пол.

https://p.dw.com/p/37iFv
USA Trump Yellowstone International Airport
Фотографија: Reuters/C. Barria

Има облози, кои вушност не сакате да ги добиете. По една година интензивни патувања низ САД во кои пишував репортажи за земјата, моите прогнози за последните претседателски избори во голема мера отстапуваа од ставот кој преовладуваше. Мене тогаш ми беше јасно дека Доналд Трамп има многу добри шанси да се всели во Белата куќа. И тоа се случи. За тоа добив шише виски.

Пријател и непријател

Но, две години подоцна,  денеска, 6.11.2018. повторно ќе се гласа во САД.  Всушност не се избира претседател, туку регионални пратеници, кои ќе седнат во двата дома на Парламентот. Но, во Америка на Доналд Трамп нема ништо на политичката сцена ако не е поврзано со него. Соодветно на ова, тој интензивно се вклучи во изборната кампања и во изминативе недели уште поинтензивно работеше на неговата агенда светот да го подели на пријатели и непријатели. Со тоа што, на пример, испрати повеќе војници на границата со Мексико отколку што се стационирани во Ирак.

Притоа, овој претседател им олесни на своите противници. Неговиот несмасен, агресивен стил, и неговите лаги провоцираат, а оние кои ги напаѓа речиси и да не му останале должни без одговор. Тоа го држи во центарот на внимание, но од друга страна ги оттргна Демократите од тоа да се фокусираат на себе и на нивните лични и програмски активности. Додека се возбудуваат околу секој твит на Трамп, тие не сфаќаат дека треба да се фокусираат околу еден кандидат кој за две години со харизма и вистински одлуки ќе го спречи Трамп да освои уште еден мандат.

Herbsttreffen der Medienfrauen 2017 Ines Pohl
Инес Пол, главниот уредник на ДВФотографија: DW/P. Böll

Ова е особено опасно во еден двопартиски систем, кој е поларизиран и не се потпира на коалиции кои наметнуваат одреден степен на подготвеност на компромиси. Во основа е штетно за Демократите кога двата кампа се толку поделени поради што луѓето не се ни слушаат меѓу себе. А има случаи кога спротивната страна е во право.

Нема дебата за подобар аргумент

Но, најзначајниот проблем што  Доналд Трамп  ќе го остави зад себе е уништување на способноста да се дебатира за аргументи, а не за убедување. Бидејќи мајсторот за Твитер пораки и поларизирање успеа во тоа: луѓето сакаат да веруваат во она што тој го кажува. Тие сакаат да веруваат дека тој ќе ѝ помогне на земјата повторно да ја врати својата големина. И тие сакаат да веруваат дека еден силен претседател се справува со предизвиците на овој комплексен, глобализиран свет и ќе ги реши сите проблеми.

Но верувањето не е знаење. Фактите кои ја прават разликата меѓу вистината и лагата се во втор план. Тоа е горчливата вистина по една година претседателска кампања на Трамп и по две години од неговото претседателствување. Кога сопственото ехо од Фејсбук или Фокс њуз ќе им се врати како бумеранг и кога и најголемиот негов фан ќе сфати дека Трамп лажел, тогаш тоа речиси нема да има некаков ефект. Бидејќи фактите веќе нема да имаат никакво значење. Всушност тоа е вистинскиот проблем на Америка.

Бидејќи ако вистината и фактите не играат никаква улога, а лагите се сметаат за тривијални престапи, тогаш развој на демократско мислењето повеќе не е возможен. На крајот тоа не значи ништо помалку од поткопување на фундаментот на нашето разбирање на државата и демократијата, како и тоа дека автократите не само што ја преземаат моќта туку можат и да си ја обезбедат на долг рок.