1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Блиските врски со Русија можат да ѝ наштетат на Ле Пен?

Луис Лиза
14 април 2022

Блискоста на екстремно десничарската кандидатка Ле Пен со рускиот претседател Путин се чини дека не влијаеше на нејзиниот настап во првиот круг од претседателските избори во Франција. Што може да се очекува во вториот?

https://p.dw.com/p/49wkq
Frankreich | Erste Runde der Präsidentschaftswahlen 2022 | Marine Le Pen
Фотографија: Pascal Rossignol/REUTERS

Кога Русија ја започна својата инвазија на Украина на крајот на февруари, француската екстремно десничарска лидерка Марин Ле Пен се приклучи на хорот меѓународни гласови кои ја осудија агресијата.

Тоа беше само шест недели пред таа да биде втора во првиот круг од претседателските избори во Франција и да се квалификува за вториот круг од гласањето против актуелниот претседател Емануел Макрон.

„Ниту една причина не може да ја оправда воената операција против Украина од страна на Русија, која го уништува балансот на мирот во Европа - тоа треба недвосмислено да се осуди“, напиша лидерката на партијата Национално обединување (РН) во соопштение за печатот. Ле Пен додаде дека воените акции мора веднаш да запрат. Таа, исто така, за француските медиуми изјави дека е „природно“ Франција да прими украински бегалци.

Промена на позицијата

Но, овие зборови беа во целосна спротивност со историската близина на Ле Пен со Владимир Путин. Рускиот лидер ја пречека во Кремљ во 2017 година, неколку недели пред последните претседателски избори во Франција. Фотографијата од нивното ракување се појави во еден од флаерите за тековната кампања на Ле Пен, испечатен пред војната, а подоцна е отстранет. Во нејзиниот манифест таа се залага за „сојуз“ со Русија, на пример во однос на европската безбедносна политика.

Russland l Französische Präsidentschaftskandidatin Marine Le Pen im Kreml 2017
Марин Ле Пен и Владимир Путин во Кремљ, 2017 годинаФотографија: Mikhail Klimentyev/AP/picture alliance

За нејзината последна кампања за претседателските избори во 2017 година, лидерката на екстремната десница доби заем од 9 милиони евра од Руската банка. Исто така, во 2017 година, Ле Пен во врска со руската инвазија и анексија на Крим во 2014 година за француската телевизија БФМТВ даде изјава за големата осуда од страна на меѓународната заедница: „Мислам дека воопшто не можете да кажете дека имало нелегална анексија. Жителите на Крим на референдум се изјаснија дека сакаат да ѝ се приклучат на Русија“.

Непосредно пред војната, Ле Пен велеше дека „воопшто“ не верува дека Русија ќе ја нападне Украина.

„Типично за екстремно десничарско движење“

Антон Шеховцов, директор на невладината организација со седиште во Виена, Центар за демократски интегритет, и автор на книгата од 2017 година, „Русија и западната крајна десница: Танго Ноар“, вели дека ставот на Ле Пен порано бил типичен за екстремно десничарските движења.

„Партиите како РН (...) порано мислеа дека покажувањето дека се сојузници со важниот геополитички играч Путин би значело дека тие веќе нема да бидат аутсајдерски партии, туку припаѓаат на алтернативниот мејнстрим“, објаснува тој за ДВ.

„Се разбира, сега, кога Путин стана токсичен во очите на меѓународното општество, Ле Пен веќе не може да си дозволи да биде гледана како блиска со Русија - на крајот од краиштата, таа е популист, таа слуша што зборува народот“, додава Шеховцов.

Една анкета на почетокот на март покажа дека 79% од француската јавност има негативно мислење за Путин.

Влијанието на војната врз рејтингот на кандидатите

Рејтингот на Ле Пен падна веднаш по почетокот на инвазијата, и покрај нејзината осуда на Русија.

Претседателот Макрон во меѓувреме излезе на изборите, потпомогнат од таканаречениот ефект „обединување под знамето“ што ги обединува луѓето зад нивниот лидер во време на криза.

Макрон, кој во минатото се обиде, но не успеа да создаде нова европска безбедносна структура, која би ја вклучувала и Русија, беше во првите редови на меѓународните обиди да посредува меѓу Украина и Русија.

Но, тогаш, гласачкиот бран се сврте.

Frankreich | Präsidentschaftswahlen 2022 | Wähler stehen vor einem Wahllokal, Toulouse
Ле Пен ќе мора да ја прошири својата привлечност кај избирачите доколку сака шанса за победаФотографија: Alain Pitton/NurPhoto/picture alliance

„Гласачите видоа дека напорите на Макрон не дадоа резултати“, изјави за ДВ францускиот експерт за Русија, Жак Рупник.

„Во меѓувреме, Ле Пен почна да се концентрира на ефектите од војната и како западните санкции ги зголемуваат цените дома“, додаде Рупник.

Таа водеше кампања како кандидат близок до народот и вети дека ќе ги намали цените на основните производи. Тоа беше насочено кон главната грижа на гласачите - падот на нивната куповна моќ.

Макрон главно се држеше настрана од кампањата, концентрирајќи се на меѓународната криза, и се чинеше како да е исклучен од грижите на гласачите.

Втор изборен круг

Исходот од првиот круг на гласање беше многу потесен отколку што се очекуваше пред само неколку недели.

И за вториот круг на претседателските избори на 24 април анкетите предвидуваат дека Макрон и Ле Пен ќе бидат рамо до рамо.

Сепак, Ле Пен ќе мора да ја прошири својата привлечност кај избирачите доколку сака шанса за победа.

„Таа ќе треба да ја стекне поддршката од поумерените и образовани луѓе, кои се подобро информирани и повеќе загрижени за нејзината близина до Русија“, вели Жил Ивалди, француски експерт за десничарски екстремизам.

Ивалди смета дека затоа таборот на Макрон ќе се обиде да ги искористи врските на Ле Пен со Путин против неа.

„Блискоста на крајната десница со автократите како Путин, но и со унгарскиот Виктор Орбан и со полската десничарска влада, покажува дека РН сè уште е екстремистичка партија со националистичка и ксенофобна платформа“, истакнува истражувачот.

Министерот за економија и поддржувач на Макрон, Бруно Ле Мер, во понеделникот (11.04) на француската радио станица РТЛ ја нарече Ле Пен „сојузник на Путин“.

„Тоа се две спротивставени визии“, рече тој, додавајќи дека Европа би била поинакво место доколку Ле Пен победи.