1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Излезот од ЕУ - добра опција за Њукасл

Штефани Пипер/ Ж.А.15 јуни 2016

Во североисточна Англија, во регионот на Њукасл, пристаништата се одамна затворени, исто како и јагленокопите. Невработеноста е висока. Овде има доста доселеници од Источна Европа, а многу луѓе се резервирани кон ЕУ.

https://p.dw.com/p/1J6Q5
Фотографија: Reuters/T. Melville

Томас на тезгата ги нуди сите видови риби и морски плодови од Северното Море. Тој овде работи веќе 21 година, на штандот на рибарницата Чиртон, во пазарот на Њукасл. Уште не знае како ќе гласа на референдумот. „Отсекогаш бев проевропски ориентиран, но сега седам на два стола. Тие се апсолутно неспособни да ја запрат имиграцијата.“

55-годишниот Томас долго бил приврзеник на ЕУ, но веќе неколку години го нервира високиот број доселеници. Многу ги има и во Њукасл: Полјаци, Романци, Бугари. Велика Британија е мала земја, вели тој, и не може да прима нови мигранти: „Ние не можеме да ги примиме сите тие луѓе, не сме голема земја. Од каде места за нив во училиштата, болниците, од каде пари?“

Томас се поплакува дека странците од ЕУ работат за помала плата. Посебно го нервираат оние кои доаѓаат само за да добијат социјална помош, па така живеат подобро од многумина Британци. „Тие луѓе доаѓаат само за повластиците, само поради тоа и живеат подобро од нас“.

EU Reform
Фотографија: picture-alliance/empics/T. Melville

Грижите на Томас се ветер во едрата на УКИП, партијата која се противи на останувањето во ЕУ, а е се‘ попопуларна во североисточна Англија. Чарлс Мекензи од пред три години е член на УКИП и сега се бори за брегзит, за, како што вели, слобода на својата земја: „Водиме исправна битка за брегзит, да ја извлечеме Велика Британија од ЕУ и да и‘ ја вратиме слободата“. Мораме повторно да ги контролираме своите граници на вистински начин, вели Чарлс, инаку наскоро ќе дојдат и сириски бегалци од Германија или Турци, кога ќе влезат во ЕУ. Што е многу - многу, додава, зашто нема ни работни места. „Голем број луѓе доаѓа заради наоѓање работа, која ја нема.“ Овој член на УКИП е убеден: брегзит ќе дојде, а 23. јуни ќе стане „Ден на независноста.“ Во Њукасл многумина се чувствуваат како губитници во новиот вмрежен глобализиран свет, а вината затоа ја гледаат во Европската унија.