1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Измами во науката

Бригите Остерат/ Симе Недевски23 јуни 2014

Една јапонска научничка неодамна мораше да ја повлече својата спорна студија. Некои други плагијати, манипулации или едноставно пропусти во науката меѓутоа може и никогаш да не бидат откриени.

https://p.dw.com/p/1COBX
Фотографија: lightpoet - Fotolia.com

Харуко Обоката од центарот за развојна биологија „Рикен“ во јапонскиот град Кобе, како што тврди, пронашла едноставен начин за преобразување на соматските во матични клетки. Меѓутоа, набргу по објавувањето на нејзините студии во угледното стручно списание „Природа“ (Nature), во јануари годинава, се појавија обвинувања од колегите на кои не им појде од рака да ги репродуцираат резултатите од нејзините истражувања. Тие, освен тоа, ја обвинија Обоката дека препишала делови од текстот и копирала илустрации. Институтот „Рикен“ и‘ препорача да ја повлече студијата. Таа најнапред одби, но на крајот попушти.

Откриени неправилности

„Зарем не предвидовме дека ќе се случи тоа?“, напиша еден корисник на интернет-поратолот „Шпигел- онлајн“. И навистина, резултатите беа премногу добри за да бидат вистинити. Тоа е често така во науката: чудата разочаруваат, откако колегите стручњаци поподробно ќе ги прегледаат.

Haruko Obokata RIKEN Institut in Osaka 09.04.2014
Јапонската научничка Харуко ОбокатаФотографија: Reuters/Kyodo

Тоа се случи и со јужнокорејскиот ветеринар Хванг Во-Сук, кој во 2006. година соопшти дека од матични клетки клонирал човечки ембрион. Кога стана јасно дека ги фалсификувал резултатите од истражувањето, ја загуби работата на Националниот универзитет во Сеул.

Исклучоците го потврдуваат правилото

Научниците мораат добро да рзмислат дали да ги „разубават“ резултатите од своите истражувања. Германското научно здружение (ДФГ) оформи одбор кој ги проверува анонимните пријави за можни научни измами. „Измамите во науката не се масовен феномен“, објаснува портпаролот на ДФГ, Марко Финети. Во изминатите 15 години одборот разгледал 500 сомнителни случаи. Во мнозинството од нив станувало збор за несмасни и нецелосни цитати или плагијати,наведува Финети. „Тешки манипулации се реткост“.

Но ги има. „Така на пример, во експериментите од студии кои се дадени на издавање, овде-онде има грешки“, објаснува Хајмо Рос, уредник на списанијата „Применета хемија“ (Angewandte Chemie) и „Европски журнал за органска хемија“ (European Journal of Organic Chemistry). „Минатата недела имав само два случаи на манипулација“, вели Рос за ДВ. „Тоа често се случува и непосакуваните делови се бришат. Но со оглед на тоа дека секоја година ни се доставуваат 10.000 трудови, тоа навистина е исклучок“, додава Рос.

Мора да се биде доволно паметен

Ако еден автор не може да објасни зошто резултатите од неговата студија се покажуваат како чудни, стручниот магазин може да одбие објавување на студијата. „Ако станува збор за вистинска измама, ние можеме на определено време да го блокираме авторот и да не ги објавуваме неговите трудови“, вели Рос.

Пред објавувањето, секој манускрипт го прегледуваат најмалку двајца вештаци. Постои и компјутерска програма со чија помош е можно да се контролираат сликите, графиките и да се утврди дали во нив постојат аномалии или нешто сомнително. Рос меѓутоа е уверен: „Луѓето кои навистина сакаат да измамат, секогаш наоѓаат начин да го сторат тоа“.

„Понекогаш измамата се забележува дури откако стручните колеги ќе се обидат да ги репродуцираат резултатите од студијата“, објаснува портпаролот на ДФГ, Финети.

Universität Hörsaal Überfüllt
Фотографија: picture-alliance/dpa

Публикацијата на трудот носи пари

Кој има многу публикации во угледни научни списанија, полесно добива пари за студиите. Значи искушението да се манипулира со резултатите е големо. „Во мојата група тоа досега не се случило“, вели еден биохемичар кој сака да остане анонимен. Тој наведува дека се избегнуваат ризични проекти и оти наместо тоа се избираат оние кои во релативно краток рок овозможуваат многу публикации. „Денес ниту еден професор нема време да ги подучува студентите“, додава овој 35-годишен биохемичар.

Ева Вили од издавачката куќа „Вили-ВЦХ “ (Wiley-VCH) размислува исто: „Професорите се секогаш во костец со времето, на пат од една до друга конференција. Честопати немаат време да ги преиспитаат резултатите од истражувањата во нивните работни групи. Притоа е важно, студентите уште од првиот семестар да учат за етиката во науката“, истакнува Вили.