1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изненадувања и разочарувања на доделувањето на Греми наградите

Јирген Брендел / Александар Методијев27 јануари 2014

Со четири трофеи на Греми наградите си замина дома француското електро-поп дуо Дафт панк. Меѓу наградените е и Кристоф Ешенбах за снимка со класична музика.

https://p.dw.com/p/1Axgs
Фотографија: Reuters

Девет номинации имаше раперот Џеј Зи - еден од топ-фаворите на доделувањето на годинашните награди Греми. Но, тој доби малку од нив. Тој доби Греми во категоријата „Најдобра рап копродукција“ за песната „Holy Grail“ заедно со својот колега Џастин Тимберлејк. Освен тоа, тој го имаше еден од ретките настапи заедно со својата сопруга Бијонсе.

Блескав победник на доделувањето на Греми наградите вчера вечер беше француското електро-поп дуо Дафт панк (на насловната фотографија). Нивната песна „Get lucky" е прогласена за „најдобро сингл издание на годината“ и со тоа француското дуо ја победи острата конкуренција од Бруно Марс, Робин Тике, Имеџин драгонс и Лорде. И во категоријата „најдобар албум на годината“ тие победија со нивниот албум „Random Access Memories“, а Греми добија и за „најдобра дуо изведба“. Двајцата музичари ја добија и наградата за „најдобар денс албум“. Зад Дафт панк се кријат Ги-Мануел де Омем-Кристо и Томас Бангалтер, кои на своите настапи секогаш излегуваат со роботски кациги. И при настапот во Стејплс центарот во Лос Анџелес двајцата музичари го сокрија своето лице со кациги и трофеите ги примија молчејќи.

Успех и за Меклмор и Рајан Луис и за Лорде

Огромен успех постигна и рап дуото Меклмор и Рајан Луис со освојувањето на четири Герми награди, меѓу кои и за „најдобар нов изведувач“. Тие победија и во категориите „најдобра рап песна“ и „најдобра рап изведба“ за песната „Thrift Shop“, како и за „најдобар рап албум“. Албумот за кој ја добија наградата е наречен „Heist“.

Symbolbild Grammys 2013
Фотографија: picture-alliance/dpa

Огромен пробив на доделувањето на Греми наградите направи и 17-годишната Лорде од Нов Зеланд. Со песната „Royals“ таа ја освои наградата Греми во категориите „песна на годината“ и „најдобра поп-соло изведба“. Во едно интервју за време на пробите пејачката изјави дека пред една година воопшто не помислувала дека некогаш би можела да учествува на доделувањето на Греми наградите.

Разочарување меѓу номинираните Германци

Во однос на германските музичари, оскуден е билансот од доделувањето на Греми наградите. Уште пред доделувањето на наградите беше објавено дека бендот Крафтверк, покрај Битлси и пет други светски уметници, ќе добие „награда за животно дело“. Кристоф Ешенбах доби едно Греми за класична музика за снимката „Hindemith: Violinkonzert - Symphonic Metamorphosis - Konzertmusik“ направена со симфонискиот оркестар на телевизијата НДР. Издавачката куќа „Deutsche Grammophon“ доби Греми за „најдобро оперско издание“.

На синоќешното доделување на наградите Греми се случи и редок настап на Ринго Стар и Пол Маккартни, двајцата живи членови на групата Битлси. Јоко Оно, вдовицата на убиениот Џон Ленон, танцуваше во публиката.