1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Илинден: Македонците се уште се борат за своите правдини

Катерина Блажевска2 август 2016

И по седум децении, пораките од македонската химна се актуелни и во денешен контекст - битка за правдини и слобода, во заедничка држава изградена врз најдобрите традиции на Илинден

https://p.dw.com/p/1Ja0k
Фотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Втори август 2016 година. Исполнети се календарските услови за нова прослава: 113 години од Илинденското востание и 72 години од Првото заседание на АСНОМ, односно од македонската државност. Во предвечерјето на празникот, молњи го сечат небото над Македонија и ги потврдуваат народните верувања - дека доаѓаат огнените кочии на Свети Илија (громовникот). Многу полуксузни „кочии“ од возниот парк на власта се упатуваат кон Мечкин Камен и Пелинце, каде традиционално се чествуваат двата важни историски настани. Речиси исти политички говорници десетина години ротираат на едното или другото место, ветувањата за посветла иднина растат како августовските температури, говорите секоја година бележат нови домашни или глобални предизвици со кои треба да се справуваме...

Она што недвосмислено не потсетува каде сме биле пред 113 или 72 години, и не принудува на преиспитување каде сме денес, е македонската химна „Денес над Македонија“. Напишана е во 1941 година од реномираниот македонски писател, учесник во НОБ, подоцна и амбасадор, Владо Малески (1919-1984), а автор на музиката е Тодор Скаловски. По завршувањето на Втората светска војна усвоена е како химна на Социјалистичка Република Македонија, а потоа и за химна на независна Македонија.

Mazedonien Mazedonier Menschen Skopje Mazedonische Garde Madezonische Flagge
Фотографија: MIA

Симбол на отпорот

„Денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата...“ Ечат овие зборови денеска над крушевската корија, над пелинечките ливади и низ многу македонски градови. За пораките што ги носи химната, разговаравме со синот на авторот, првиот министер за надворешни работи во самостојна Македонија (1991 - 1993), Денко Малески.

„Ако сме заборавиле - да се потсетиме, или ако не сме знаеле - да научиме, дека во поранешна Југославија, кога се работеше за 'националниот ден', Македонија беше исклучок: ние Македонците славевме национален ден со кој се одбележуваше специфично историско сеќавања кое одеше подлабоко во историјата од партизанскиот отпор во Втората светска војна. Тоа е сеќавањето за Илинден, втори август 1903, денот на отпорот кон Отоманската власт и прогласувањето на Крушевската република. Сите други членки на федерацијата, имено, за свој национален ден го имаа денот на востанието против фашистичките окупатори. Партизаните на Македонија одлучија поинаку. Генерацијата на мојот татко Владо Малески, автор на македонската химна, уште во текот на војната, не се повикуваше на себе, туку на 'Републиката' од 1903, која што, иако постоеше само десет денови, уште тогаш стана симбол на отпорот и симбол на слободата. Борбата на Македонците во текот на Втората светска војна 'за своите правдини' беше борба за национална и социјална слобода: идеjата на македонските преродбеници и на македонските социјалисти од 19 век, идејата на Крсте Мисирков за сопствена македонска нација и држава, се оствари во рамките на решавањето на југословенското национално прашање, по вооруженото востание, на начин кој го дозволуваа тогашните историски околности и моќните струи на светската политика“, вели Малески.

Покрај стиховите кои го опишуваат македонското минато, некои од нив и по толку изминати години се актуелни и во денешен контекст. На Малески не му е тешко да ги издвои.

„И денес, на 2 август 2016, 'над Македонија се раѓа ново сонце на слободата', и денес 'Македонците се борат за своите правдини...', само тоа се некои други слободи и некои други правдини. Во ерата на демократската држава и на човековите права, во ерата на европското обединување, сите ние сме исправени пред големата задача да ја направиме нашата татковина држава на слободни и одговорни граѓани управувани од закони а не од поединци, држава во која сите народи ќе се чувствуваат како дома, пружајќи раце на соработка и градејќи единство, кои ги надминуваат националните, религиозните и лингвистичките разлики. Всушност, новото време наложува сите да се бориме за она што не обединува и што ја прави Македонија посилна. Што е тоа? Тоа се принципите на демократската држава кои, како луѓе, не исправаат во слобода и во достоинство во заедничката држава градена врз најдобрите традиции на Илинден, на АСНОМ и на европските демократии“, дециден е Малески.

Mazedonien Mazedonier Menschen Skopje Mazedonische Garde Madezonische Flagge
Фотографија: MIA

Го зачувавме јазикот, го изгубивме зборот

Единственото топче изработно од црешово дрво кое го „преживеало“ востанието во 1903-та, а кое стана симбол на илинденскиот отпор, било одземено од турските војници. Тоа за време на востанието не го положило тестот на техниката, но го издржало тестот на времето. Денес е експонат во Воениот музеј во Истанбул. Еден век подоцна, главното оружје за одбрана на македонската државност не е оружјето - туку соработката и дијалогот. Зачувувањето на идентитетот, јазикот и културата се сметаат за главните придобивки од државноста. Но, иако денес го чуваме, негуваме и говориме истиот јазик, впечаток е дека се помалку да се разбираме. На што се должи овој апсурд, на лингвистиката или политиката? - го прашувам Владимир Мартиновски, писател и вонреден професор по книжевност на УКИМ.

„Од лингивистички и книжевен аспект, македонскиот јазик успешно ги има положено сите можни испити: од стандардизацијата која е во дослух со клучните постулати на Крсте Петков Мисирков, преку развојот на македонската лингвистичка и книжевна наука, па сѐ до оригиналното книжевно творештво и преводот на клучни дела од светската книжевност. Читајќи ги песните од циклусот 'Крале Марко' од Блаже Конески, 'Дениција' на Петре М. Андреевски или, препевот на хомеровата 'Илијада' на Михаил Петрушевски, на пример, човек лесно може да се вљуби во македонскиот јазик. Значи, не постојат недоразбирања поради недостиг на богат лексички фонд, синтаксички правила или можности за стилски нијансирања. Корените на проблемот на 'недоразбирањата' не се од лингвистичка, туку далеку повеќе од морална природа. Имено, кога, договарајќи се со некого, ти се вели 'нема проблем!', веднаш знаеш дека веќе имаш проблем. Сите лесно даваме збор, а потоа најлесно ни е да кажеме дека 'не сме се разбрале'“, заклучува Мартиновски.

Иако илинденските стремежи се формално достигнати, идеалите за суштинска слобода и силна просперитетна држава се длабоко разнишани од лошите практики на политиката, од нивните последици и од внатрешни поделби во општеството во кои јазикот/зборовите се наменети за пресметки. Нештата толку излегоа од колосек, што на важноста од зборот лани мораше да не потсети и еден странец, медијатор во меѓупартиските разговори за излез од длабоката политичка криза во која денес се наоѓа Македонија. Каде се изгуби зборот?

„За жал, во политичката 'елита' вистинска реткост се 'луѓето од збор'. Се добива впечаток дека мислат оти сме заборавиле што изјавиле пред две-три недели, па веднаш излегуваат со нова приказна. Веројатно затоа, како во политичкиот дискурс, така и во секојдневната комуникација, луѓето имаат сѐ помалку доверба во кажаното. За жал, политичката злоупотреба на јазикот најмногу го окупира медиумскиот простор, во кој стопати повторените лаги се нудат како вистини. Во такви услови, мислам дека уметниците на зборот, меѓу другото, имаат многу тешка, би можело да се каже, дури и 'политичка' задача: да ја вратат довербата во јазикот, преку дела во кои ќе се проникнуваат естетското и етичкото“, порачува Мартиновски.

Денеска повторно ќе се кажат многу зборови и ќе се дадат нови ветувања. Соговорниците се категорични: и пред оваа генерација е задачата „да го одржи зборот“ и да го реализира идеалот на слободата и демократијата, исто како што го тоа го сториле генерациите борци и револуционери на кои денес им оддаваме почит. Само така Илинден ќе го има и живее својот континуитет.