1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Има ли крај трнливиот пат на Западниот Балкан кон ЕУ?

Марина Максимовиќ
29 јануари 2020

Откако стана јасно дека политиката за проширување на ЕУ не е функционална како некогаш, се поставува прашањето дали некогаш ќе има политичка волја за продолжување на овој процес?

https://p.dw.com/p/3WxbS
Flaggen Westbalkan-Konferenz in Berlin 2014
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Schwarz

Дека работата се исплаќа во процесот за проширување на ЕУ последен пат се покажа точно во случајот со Хрватска. Истото веќе не важеше 6 години подоцна за С. Македонија и за Албанија. Јасно е оти проширувањето на ЕУ „не функционира“ како некогаш, а дали некогаш ќе „профункционира“ е прашањето на кое одговор се обидоа да дадат на конференцијата во Европскиот парламент во Брисел. Европските пратеници, аналитичари, функционери, секој од своја перспектива, го оценија „Трнливиот пат до проширување“ на Западен Балкан.

Словачкиот дипломат, професор и некогашен претседател на Делегацијата во Европскиот парламент за Западен Балкан, Едуард Кукан, вели дека проширувањето на ЕУ е долго „на маса“ и во реалниот живот, а оти толку малку е постигнато. Тој моменталната ситуација во политиката за проширување на Западен Балкан ја гледа како „чудна пауза со многу непознати“. „Не постои дефинирана стратегија како понатаму. Тоа е предизивикано со неконстантната политика на ЕУ кон ЗБ и контрадикторните сигнали кои доаѓаат од Брисел што предизвикува политичка несигурност во регионот, а во прашање го доведува кредибилитетот на ЕУ“, вели Кукан. Тој предупредува и на фактот дека моменталното стагнирање може само да се влоши доколку набрзо не се придвижи тркалото за проширување.

На конференцијата во Брисел, Едвард Кукан го критикуваше францускиот предлог за промена на методологијата на пристапниот процес оценувајќи оти тој во целина не му придoнесува на процесот за проширување во позитивна смисла, туку дека го успорува и го прави помалку практичен, со потенцијални „скриени бомби“ кои можат да го урнат целиот процес доколку експлодираат. „Не се согласувам со ставот на претседателот Макрон оти прво оди реформа на ЕУ, па проширување. За каков вид реформа зборуваме, колку таа ќе трае и кој ќе оцени кога е завршена?“, прашува Кукан.

EU-Erweiterung
Тања Фајон и Едуард КуканФотографија: DW/M. Maksimovic

Фајон: 2020 година може да биде добра година за Западен Балкан

Аналитичарите од истражувачкиот центар во Европскиот парламент оценуваат дека во „оптимистичко сценарио“ за 10 години може да се очекува нови земји да се приклучат во ЕУ. „Регионот еднаш се соочи со апокалиптичко сценарио со распадот на поранешна Југославија, а да се биде изгубен во пустина без ориентација е уште полошо“, вели Бранислав Станичек од истражувачкиот центар во Парламентот во Брисел. Дека сѐ не е толку црно и дезориентирано смета шефицата на Делегацијата во Европскиот парламент за Србија, Тања Фајон. Таа вели дека постојат елементи кои, ако се исполнат од страна на земјите членки и земјите од регионот, можат да доведат до тоа 2020 година да биде „добра година“ за Западен Балкан. За почеток, Фајон очекува нова методологија за проширување која ќе ја претстави Европската комисија, а потоа и „исправање на грешката“ која им е направена на С. Македонија и на Албанија.

Повеќе на темата:

-Датумот за Скопје и Тирана - приоритет за хрватското претседателство со ЕУ

-На повидок почеток на ЕУ-преговори за Северна Македонија и Албанија

-Западниот Балкан меѓу Брисел и Париз

Луазо: Проширувањето не треба да им се остави на бирократите во ЕУ

„Се надевам дека 2020 година, почнувајќи со оваа нова динамика, ќе биде позитивна за Западен Балкан, а тоа ни е и заедничка одговорност. Мораме да бидеме мудри, трпеливи и да соработуваме меѓусебно за да дојде до резултат“, порачува Фајон. Оценувајќи ја ситуацијата на Западен Балкан Фајон потенцира дека ЕУ погрешила со неотворање на пристапните преговори со Скопје и со Тирана. „Западен Балкан секогаш бил и ќе биде дел од Европа, во отсуство на силен европски ангажман ризикуваме многу во поглед на стабилноста во регионот“, заклучи Фајон. Тања Фајон на конференцијата во Брисел повика на искрен дијалог меѓу ЕУ и Западен Балкан и исполнување на преземаните обврски на двете страни.

Западниот Балкан и проширувањето - како глушецот и тркалото

За проширувањето со години многу се пишува, а не се постигнува ништо, смета новинарот, аналитичар и писател Тим Џуда. Тој живописно ја опиша оваа состојба со насловот на последниот извештај на Европската иницијатива за стабилност, во кој се зборува за проширувањето и за Западен Балкан во текстот под наслов „Глушецот и тркалото“.

Тој предупредува дека додека ќе се „разговара и преговара“ за стратегиите за проширување, многу луѓе ќе го напуштат регионот, што, како што рече, е вистинскиот и главниот горлив проблем што постојано се турка под тепихот.

„Вие зборувате за напредокот на транспортот во Косово, формирањето на владата во Мостар, но ние сме соочени со фактот дека демографското прашање е најважно за целиот регион, внатре и надвор од ЕУ. Според сегашните проекции, Бугарија ќе загуби 38,6% од своето население до 2050 година, Србија 23,8%, Хрватска 22,4“, предупредува Џуда.

EU-Erweiterung
Учесниците на конференцијата во Брисел: „Трнливиот пат до проширување на Западен Балкан“Фотографија: DW/M. Maksimovic

Пред „глушецот и тркалото“, политиката за проширување доби уште една сликовита паралела на конференцијата во Брисел, кога Милица Делевиќ, директорка на Европската банка за обнова и развој, потсети на тезата за ЕУ ​​како црква.

„Мора да бидете добри и да се однесувате како што ви е кажано, а придобивките од тоа нема да ги видите во овој живот“, рече Делевиќ.

Таа се заложи за реконструкција на процесот на пристапување во ЕУ, што ќе донесе конкретни придобивки за граѓаните од Западен Балкан во нивниот секојдневен живот, и тоа во етапи што се преземаат многу пред самото пристапување.

Таа истакна дека функционалноста на проширувањето не зависи толку многу од методологијата, туку од политичката волја на Западен Балкан за реформи и на ЕУ за проширување.

„Таква волја, нема секогаш на двете страни“, заклучи Делевиќ.