1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

200910 D Westerwelle UNO

22 септември 2010

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле е во посета на ОН во Њујорк. Една од целите на посетата е промовирање на германската кандидатура за добивање непостојано место во Советот за безбедност на ОН.

https://p.dw.com/p/PI6c
Фотографија: DW Fotomontage

Секој септември, кога се одржува годишното заседание на Генералното собрание на ОН, Њујорк се претвора во центар на светот - делегации од 192 држави се упатуваат кон седиштето на Светската организација на Ист Ривер. Тука говорат претставници на сите земји, без разлика дали се мали или големи. Оној кој зборува во салата на Генералното собрание, може да смета дека го слуша целиот свет.

Кога германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле, в сабота (25.09.2010) ќе зборува за германската политика и нејзиното учество во ОН, веќе ќе има голем број средби зад себе. Една од особено важните теми за министерот е разоружувањето, како што и самиот нагласи пред посетата на Њујорк:

„Заедно со Јапонија и Австралија, Германија ќе формира група на држави, кои ќе се залагаат за поинтензивно разоружвање и за неширење на нуклеарното оружје.“

Уште една од темите што ќе преовладува при разговорите на Вестервеле во Њујорк е германската кандидатура за добивање непостојано место во Советот за безбедност. На 12 октомври, 192 амбасадори на ОН ќе одлучуваат дали Германија следната година ќе може две години да седи во најважното тело, кога станува збор за меѓународната безбедносна политика.

„Имаме одлични шанси, иако до самиот крај мораме напорно да работиме, бидејќи имаме многу добри, успешни и важни земји-конкуренти“, истакнува Вестервеле.

А тоа се Португалија и Канада, подеднакво угледни актери во ОН. Секој глас е важен, ако Германија сака да ја победи конкуренцијата. Затоа и посетата на Вестервеле на Њујорк е своевидна кампања. Германија е на трето место по сумите што ги дава како придонес во ОН, па има и со што да се пофали. На пример, германскиот амбасадор во ОН претседава со комисијата за консолидирање на мирот, задолжена за координација на помошта на ОН по конфликтите во одредени земји и региони.

Придонесот на Германија во ОН може да биде и поголем

Deutschland Bundestag Generalaussprache Guido Westerwelle und Angela Merkel
Годинава во тандем лобираат за Германија - Вестервеле и МеркелФотографија: picture alliance/dpa

Министерството за надворешни работи од Берлин не е единственото што посакува освојување на непостојаното место во Советот за безбедност на ОН. На успех се надева и Германското друштво за ОН. Генералниот секретар Беате Вагнер смета дека политиката на актуелната влада во однос на ОН се` уште не добила јасни контури:

„Не гледам дека има особено голема посветеност на ОН. Се разбира дека ситуацијата не е едноставна, минатата година пропадна обидот да се донесе нова спогодба за заштита на климата. Во оваа област германската влада презеде иницијатива, беше домаќин на конференција за климата во Бон. Меѓутоа во други области, како на пример развојната политика, ангажманот на владата не е доволен“, критикува Беате Вагнер.

Таа истакнува дека Германија одамна веќе не е меѓу првите десет донатори на Програмата за развој на ОН. Исто така и германскиот придонес во мировните мисии на ОН, на пример во Африка, би можел да биде поголем. Меѓутоа, Вагнер смета дека радува фактот што по германската канцеларка, сега и министерот за надворешни работи лично е во посета на ОН во Њујорк. Минатата година, поради изборната кампања, местото на Германија во Генералното собрание остана празно.

Автор: Нина Веркхојзер / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска