1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Името на промените: едни за метла, други за ветинг

21 мај 2019

Додека од СДСМ најавуваат кадровски промени во првата половина на јуни, од коалицискиот партнер ДУИ зборуваат за ветинг. Тоа е обемен процес кој временски ќе го надмине мандатот на Владата.

https://p.dw.com/p/3Io99
Griechenland Nord-Mazedonien Regierungskonsultationen in Skopje
Фотографија: Regierung der Republik Nord-Mazedonien

Поради службени обврски на премиерот Заев, во владејачкиот СДСМ сѐ уште не почнале разговори и консултации околу најавените кадровски промени во партијата и во извршната власт. Според партиски извори, првите разговори на таа тема ги очекуваат во деновите по враќањето на премиерот од престојот во Рим на 24 мај и пред неговата официјална посета на Република Словенија од 27 до 28 мај.

„Меѓу тие две посети очекуваме да почнат првите консултации за опфатот на промени на сите нивоа“, велат од партијата и тврдат дека „досега не е спомнато ниту едно име кое ќе треба да се збогува од сегашната функција“.

Очекуваат опфатот на промените да биде познат во првата половина на јуни. Истото во два наврати го потенцираше и премиерот, вклучително и вчера, по завршувањето на Виенскиот економски форум.

„Во првата половина на јуни имам намера да излезам со конкретни решенија за промени во Владата, во владините институции, значи директорски места, управни одбори, надзорни одбори, во локалната средина, а секако ќе се случат и персонални промени во Социјалдемократскиот сојуз, што ќе значат и подобрување на перформансите на најголемата владејачка партија, кои што имаат директен импакт и врз владеењето во државата“, најави Заев.

Премиерот смета дека тоа ќе биде логичен пресек на двегодишното владеење и утврдените слаби карики, но и по изборите на кои граѓаните испратиле порака дека некои работи треба да се менуваат.

NATO Gipfel in Brüssel Zoran Zaev Premierminister Mazedoniens
Заев: Во првата половина на јуни имам намера да излезам со конкретни решенија за промениФотографија: Getty Images/AFP/T. Zenkovich

ДУИ навива за ветинг

На таа тема Заев ќе има консултации и со лидерите на коалициските партии. Но, од ДУИ се повеќе во игра го ставаат процесот на ветинг, кој пред пет дена за првпат го најави пратеникот на ДУИ, Артан Груби. 

„Во рамките на ДУИ сме во подготовка на еден многу сериозен проект на ветинг кој ќе започне во структурите на ДУИ, но сакаме да го прошириме во сите институции кои вршат јавна дејност, вклучително и во судството, обвинителството и политичките партии. Сите личности кои се нафатиле да ѝ служат на јавноста да поминат низ ветинг процедура. 'Чистката' и 'метлата' не се термини на ДУИ и не се начин на функционирање ниту на претседателот Ахмети, ниту на партијата“, изјави Груби.

Тој рече дека разговараат во рамките на партијата, и биле задоволни од досега сработеното на Владата.

„Сите наши програмски определби се речиси веќе имплеменирани, но отворени сме за разговори за тоа како да бидеме поефективни во преостанатото време на ова парламентарно мнозинство“, потенцираше Груби.

Притоа најави дека иницијативата за ветинг ја почнуваат од редовите во ДУИ, но сакаат да ја предложат на Собранието, а очекуваат и поддршка од граѓанскиот сектор и медиумите.

Повеќе:

„Метлата“ ќе ги чисти економските ресори

Што да се прави со победата?

Света метла во Свети СДСМ

Вчера и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, изјави дека останува на барањето за ветинг, како начин на кој ќе се спречат нападите кон функционерите и ширењето на лажните вести. За смена на кадри Ахмети засега не разговарал со Заев, и чека да поминат обврските на премиерот за да договорат состанок на таа тема.

Во експертската јавност сметаат дека ветингот е обемен процес, но тој бара многу подолг период за темелено кадровско прочистување. Но, и доколку падне договор за почеток на ветинг, тој не треба да исклучи кадровски промени веднаш заради поефикасно работење на институциите.

„Ветингот, кој е опсежен и темелен процес, временски може да го надмине мандатот на одредена влада. Затоа прашањето не е - ветинг или итни кадровски промени. Едното не го исклучува другото, секако, доколку не постои намера ветингот да стане алиби за одложување на кадровски промени“, вели правен експерт.

Symbolbild Zukunft
Ветингот подразбира под лупа да се стави моралниот и професионалниот капацитет на функционерите, потеклото на имотот, како и дали лицата имале контакти со лица вмешани во криминалФотографија: picture alliance/Bildagentur-online/Begsteiger

Искуството на Албанија

Дека ветингот не е краткорочен процес, сведочи примерот на Албанија, каде во 2016 година се усвоија законски измени за спроведување на таков процес на проверка на судиите, обвинителите, инспекторите и полициските службеници, а за кој беше предвидено да трае до 2024 година. Со ветингот посочените функционери треба да поминат проверка на повеќе нивоа: проценка на нивниот имот пред доаѓањето на функција и потоа, како е стекнат тој имот, дали имале контакти со лица инволвирани во криминал, како и оценка на нивниот морален и професионален капацитет. Формуларите со податоци доставени од опфатените функционери подлежат на повеќеслојна и детална проверка, како и надзор од надворешни набљудувачи, сѐ со цел да се прочистат институциите од кадри поврзани со криминал, но и со оние кои обезбедиле работа врз база на коруптивни или политички врски. По завршувањето на процесот, за тие што не ги исполниле условите се предвидени разни санкции - од една година суспензија, до разрешување на оној кој не ги исполнил критериумите. Тој процес во Албанија ги даде првичните резултати лани, кога околу 500 полицајци одбиле да ги пополнат формуларите, како и мал дел судии и обвинители. Сакајќи да го избегнат овој процес тие самите се повлекле од работните места.

Според нашите соговорници, за да се спроведе ветинг во нашата држава на институционално, (а не на партиско ниво), потребна е силна политичка волја, бидејќи против тоа сигурно би биле дел од актуелни функционери кои би се чувствувале засегнати од таков процес.