1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран на нишан на Исламска држава?

Томас Лачан
8 јуни 2017

Иран со години се ангажира силно во борбата против припадниците на „Исламска држава“ во Сирија и Ирак. И покрај тоа, во земјата до сега немаше напади од ИС. Дали е тоа сега сменето?

https://p.dw.com/p/2eJhp
Iran Anschlag
Фотографија: Tasnim

Нападите беа професионално координирани, целите добро осмислени. Двете групи кои во средата претпладне нападнаа цели во и околу Техеран, целеа токму во срцето на исламската република. Вчера претпладне повеќе вооружани напаѓачи упаднаа во мавзолејот на револуционерниот водач, ајатолахот Хомеини, што се наоѓа 20 километри јужно од главниот град на Иран. Еден од напаѓачите се разнесол во воздух пред самиот објект, останатите пукале околу себе. Иранската новинска агенција ИЛНА информираше дека во мавзолејот била пронајдена и деактивирана уште една бомба. Истовремено со овој напад, во Техеран четворица вооружени напаѓачи влегоа во комплексот околу парламентот. Според тамошните медиуми, тие биле преправени како жени. При овој напад најмалку двајца од напаѓачите се кренале во воздух, додека останатите неколку часа разменуваа истрели со иранските безбедносни сили. На крајот беа убиени сите четворица напаѓачи. Најмалку 12 лица загинаа во нападите, 30 беа повредени. Една жена е уапсена.

Брза пропагандна машинерија на ИД

ИД ја презема одговорноста за нападите, кои очигледно биле професионално подготвувани. Ако навистина зад двојниот напад стои ИД, тогаш заканата за Иран добива сосема друга димензија. Иако сиот Блиски и Среден Исток постојано е мета на напади, Иран и главниот град Техеран досега беа поштедени.

Додека иранските државни медиуми се забележливо воздржани во известувањето за нападите, Амак Њус, кои важат за неофицијален медиум на ИД, уште за време на нападите објавија видео во времетраење од 24 секунди, на кое, според нив, е прикажан нападот врз парламентот. Во видеото двајца напаѓачи на арапски наводно му се закануваат на Иран.

Исклучително ретко се случува ИД да објави изјава или снимки за напади кои сѐ уште се во тек, бидејќи вообичаено одговорноста ја преземаат отпосле. Но, напад врз гробот на Хомеини има посебно симболичко значење. Тој е основоположникот на - од ИД омразената - шиитска исламска република Иран. Како хегемонијална сила на сите шиити на Блискиот Исток, Иран е на врвот на листата на непријатели на сунитската ИД.

Иран е активно вклучен во борбата против ИД во Ирак и Сирија. Во двете држави Иран пружа поддршка на владините сили преку свои воени советници. Специјални единици од редовите на иранските Ал-Кудс бригади, според меидумите, се вклучени во воени операции против ИД.

Iran Chomeini Mausoleum in Teheran
Мавзолејот на Хомеини има големо симболичко значењеФотографија: picture-alliance

Прв напад на ИД во Иран?

И покрај сите закани, ИД досега не можеше да изврши напад на иранската територија. Експертите тоа го поврзуваат и со големата контрола врз населението од страна на иранските тајни служби. Во Иран повремено има помали напади зад кои стојат внатрешни сунитски екстремистички групации. Сепак, тие најчесто се случувале надвор од големите градови, во области каде претежно живеат сунити, како на пример во зафрлените југоисточни делови на земјата. Последниот поголем напад беше пред 7 години. Тогаш, во експлозија на бомба во џамија загинаа 39 лица.

Иранците како мета

Неспорно е дека ИД во последно време сѐ почесто го има Иран на нишан. Во март годинава, на социјалните медиуми се појави 36-минутно пропагандистичко видео во кое маскиран џихадист се заканува дека ќе го покорат Иран и дека ќе направат сунитска нација. Притоа директна закана доби и наследникот на Хомеини, ајатолахот Али Хамнеи. Од почетокот на борбите во соседен Ирак постојано се јавува за судири меѓу иранските безбедносни сили и сунитски екстремисти кои се обидувале да навлезат во Иран.

Минатиот јуни, иранските тајни служби, според сопствени искази, спречиле планирана серија од 50 напади кои требало да ги изведат екстремисти блиски до ИД во густо населени места низ целата држава. Уапсени биле 10 терористи и запленети 100 килограми експлозив. Во ноември 2016-тоа бомбаш самоубиец се разнесе во близина на ирачкиот главен град Багдад во време кога таму биле паркирани 7 автобуси со ирански аџии. Околу 90 лица, главно ирански аџии, загинаа во нападот. Тие се враќале од ирачкото место Кербела, каде што се наоѓа едно од најважните места за аџилак на шиитите.

[No title]
Акцијата на иранските специјални сили кај парламентот траеше неколку часовиФотографија: Ilna

Обвинета е Саудиска Арабија

Владата во Техеран се труди да ги релативизира нападите. Во соопштението на антитерористичката единица се потврдува дека „повеќе поединечни терористи“ успеале да навлезат во главниот град, но не се наведува од каде дошле. Во соопштението се вели дека тие биле „неутрализирани“.

И претседателот на парламентот, Али Лариџани, кој во моментот на нападот се наоѓал во комплексот, го релативизираше нападот врз законодавниот дом. „Кукавички терористи“ се инфилтрирале во зградата, но веднаш биле совладани, оцени тој. Нападот, спроед него, е „мал инцидент“ кој покажува дека „терористите сакаат да прават проблеми“.

Припадници на владата ја обвинија Саудиска Арабија дека стои зад нападот. Односите меѓу Иран и Саудиска Арабија со години се затегнати и со моменталната криза околу Катар го достигнаа дното.