1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците сакаат во ЕУ, но опаѓа оптимизмот

ДТЗ
16 јуни 2021

Истражувањето на ИРИ покажува најголема загриженост кај граѓаните за темпото на пристапување кон ЕУ, за невработеноста и достапноста на вакцини против Ковид-19.

https://p.dw.com/p/3v2m4
Nordmazedonien EU Flaggenverkauf
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Пристапувањето во Европската Унија има 79 проценти поддршка од јавноста во С. Македонија. Сепак, процентот на оние кои сметаат дека земјата денес е поблиску до влез во ЕУ отколку во 2005 година кога првпат доби статус на земја-кандидат, во последните три години падна од 57 на 32 проценти. Ова го покажуваат резултатите на истражувањето Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).

„Одложувањата и назадувањата на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ, неодамна поради ветото на Бугарија, се чини дека влијаат врз убеденоста на граѓаните дека може да има напредок во пристапниот процес“, вели Пол Мекарти, директор на ИРИ за Европа. За среќа, додава тој, ова не го намали нивниот ентузијазам за потенцијално долгорочната цел за пристапување во ЕУ.

-повеќе на темата: Заев, Димитров и Османи во Софија: Желбата е јуни, реалноста е октомври

Најголемиот дел од граѓаните или 23 проценти ја наведуваат невработеноста како еден од најважните проблеми коишто ги мачат, додека 22 проценти од граѓаните сметаат дека пандемијата и загриженоста за достапноста на вакцини против Ковид-19 се најголем проблем со кој се соочуваат.

„Повеќе од една година подоцна, пандемијата сѐ уште е примарна грижа за граѓаните на Северна Македонија, кои исто така се грижат за достапноста на вакцините и за економските последици од ограничувањето на движењето и затворените бизниси. На локално ниво, граѓаните можеби ќе бараат промени на претстојните избори, што ги зголемува шансите на опозициските кандидати“, вели Мекарти.

-повеќе на темата: Безбедни земји: ЕУ предлага слободен влез за македонските граѓани

Ова национално репрезентативно истражување било спроведено во име на Центарот за истражување на ИРИ од страна на „Брима“ – компанија за истражување на пазарот, помеѓу 4 март и 6 април 2021 година. Податоците се собрани преку интервјуа лице-во-лице во домовите на испитаниците. Националниот примерок е 1.222 испитаници на возраст од 18 години и повеќе години и е дополнет со 1.285 интервјуа за примероци во одредени општини. Стапката на одговор е 66 отсто. Анкетата е спроведена со поддршка од Националната фондација за демократија.

Недоверба во локалната власт

Анкетата покажала дека граѓаните на Северна Македонија имаат ниска доверба во нивните локални претставници пред изборите што се очекува да се одржат во октомври. На прашањето дали би го поддржале градоначалникот на нивната општина за повторно да биде избран, половина од испитаниците или 53 проценти рекле дека би требало да се избере друг кандидат.

-повеќе на темата: Една третина од граѓаните на ЕУ сметаат дека корупцијата се зголемува

Доколку денеска се одржат локални избори, СДСМ би освоил 19% од гласовите, додека ВМРО-ДПМНЕ би имала поддршка од 16% од избирачите. Трета партија, според рејтингот, би била ДУИ за која би се одлучиле 8%, а зад неа се Алијанса за Албанците и Левица со поддршка од 4% од гласачите. 21% одговориле дека не знаат за кого би гласале, а 9% дека воопшто нема да гласаат.

Ако денеска се одржуваат локални избори, од 744 испитаници во Скопје - 21% одговориле дека нивниот глас би го дале за СДСМ, 16% стојат зад предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, додека 8% го поддржуваат кандидатот на ДУИ. Предлгогот на ДПА за градоначалник е прифатлив за 7% од анкетираните и 4% би ја дале поддршката за кандидатот на Левица. Дваесет отсто од испитаниците одговориле дека не знаат за кого би гласале, додека 10% нема да гласаат.