1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев: Македонија има четири опции за промена на името

БГ
27 февруари 2018

Предлозите се Република Северна Македонија, Република Горна Македонија, Република Вардарска Македонија и Република Македонија (Скопје). Референдумот ќе успее доколку решението е достоинствено, изјави Заев за Ројтерс.

https://p.dw.com/p/2tPic
Zoran Zaev
Фотографија: Picture alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Македонија има на располагање четири опции за решавање на спорот за името со Грција, изјави македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за агенцијата Ројтерс.*

Македонија се надева дека спорот ќе се реши навреме за да добие препорака за почеток на преговори со ЕУ во јуни и потврда на поканата за прием во НАТО во јули годинава, и предлага географска одредница во своето име, наведува Ројтерс.

„Предлозите се Република Северна Македонија, Република Горна Македонија, Република Вардарска Македонија и Република Македонија (Скопје)“, изјави Заев за Ројтерс во Лондон, каде присуствуваше на инвестицискиот самит за Западниот Балкан во организација на Европската банка за обнова и развој.
Прашан дали Грција ќе биде задоволна со една од овие опции, Заев одговара: „Да... некои опции повеќе ги преферираат, а некои не (во однос на името)“.

Заев вели дека останува отворено прашање дали постои „вистинска потреба“ за промена на Уставот на Република Македонија, нешто што Грција го бара последниве месеци.

Заев е убеден дека доколку со решението во спорот се зачува достоинството на граѓаните, тие ќе го поддржат тоа решение на референдум.

Во интервју за германскиот магазин Шпигел објавено вчера, Заев рече дека не е прифатлива промена на Уставот.

„Ова име е нашата гордост и нашиот идентитет. Не гледам никаква причина за барањето, името да го менуваме во Уставот, тоа не е достоинствено. На Грција ѝ е потребен доверлив партнер, а не партнер без достоинство. Уставот може да се промени, но тие промени би можеле повторно да се изменат. Најважната гаранција за Грција е решението за спорот за името да биде одржливо. Тоа се прави со меѓународни договори, кои се ратификуваат и важат и во меѓународните организации“, рече Заев за Шпигел.

*Исправката во текстот е извршена по интервенција од владината прес-служба, од каде демантираат дека премиерот Заев рекол дека „Македонија понудила четири опции за промена на името“. Точниот цитат е дека премиерот Заев рекол оти на Македонија и се понудени тие четири опции. Во веста на Ројтерс, во првата реченица, сѐ уште стои дека „Македонија понудила четири предлози“. 

 

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид