1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Историски договор на Меркел и Макрон за економиите на ЕУ

БГ/ ДПА
18 мај 2020

За првпат во историјата, Германија и Франција се согласија да се формира фонд вреден 500 милијарди евра за помош на економиите погодени од пандемијата на коронавирусот. Парите ќе ги користат државите, а ќе ги враќа ЕУ.

https://p.dw.com/p/3cRAU
Berlon | Videokonferenz Emmanuel Macron und Angela Merkel
Фотографија: Reuters/K. Nietfeld

Планот претставува обид на двете водечки членки на ЕУ да го забрзаат процесот на обезбедување долгорочен план за опоравување од рецесијата за која сите прогнози велат дека ќе биде од историски пропорции.
Досега, Франција и Германија беа на спротивставени позиции во дебатата за фискалниот стимул на ЕУ. Париз бараше далеку поамбициозна визија од Берлин.
Предвидената сума ќе биде собрана на капиталните пазари од име на ЕУ и ќе им биде исплатена на најтешко погодени држави и региони како грантови од долгорочниот ЕУ буџет.
„За првпат заеднички, она што го предлагаме е подигнување на заеднички долг на пазарот“, рече Макрон. Според планот, ќе се зголеми долгот на Европската комисија, а не на земјите-членки.
Темата за заедничкиот долг беше особено поларизирачка затоа што северните земји-членки беа отворено против идејата плашејќи се дека ќе мора да преземат обврски од презадолжените, јужни земји-членки.
Европската комисија ќе го претстави официјалниот предлог на 27 мај годинава, но ги поздрави „конструктивните предлози“ од Берлин и Париз. Позитивни реакции дојдоа од Шпанија и Италија, две земји кои се тешко погодени од пандемијата, но Австрија, Данска, Холандија и Шведска и натаму се противат на идејата.

ЕУ членките веќе договорија пакет од 540 милијарди евра кој се состои воглавно од кредити и заеми.

Новата иницијатива е „вистинска промена на филозофијата“, рече Макрон на заедничката видео прес-конференција со Меркел. Германската канцеларка, повнимателно, го опиша планот како „извонреден, поединечен напор“.
„Целта е Европа да излезе од кризата зајакната, кохезивна и во солидарност“, рече Меркел.

Според германско-францускиот предлог, помошта нема да ја враќаат земјите-членки, туку тоа ќе го прави ЕУ на период од 20 години преку буџетот на ЕУ. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека и ЕК работела во таа насока.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи