1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Историјата се повторува: Лисабонска „декларација“ број два

30 јуни 2021

Македонските власти уште вчера требаше најжестоко да реагираат на преименувањето на македонскиот јазик во „северномакедонски’ и на политичките оценки за неговата генеза. Коментар на Катерина Блажевска.

https://p.dw.com/p/3vnfD
Portugal und die EU
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Stache

Две европски престолнини станаа синоним за Дамокловиот меч над македонските работи и интегративни процеси. Ако синџирот на неправди што се одиграле во Букурешт конечно беше прекинат со македонското членство во НАТО, лошите спомени на Лисабон, односно на скандалозната Лисабонска декларација, повторно оживеаја „благодарение“ на изјавата на португалската државна секретарка за европски прашања, Ана Паула Закаријаш.

Точно во финишот на португалското претседателство со Советот на ЕУ, од Закаријаш добивме два „данајски подарока“: македонскиот јазик го нарече „северномакедонски“, и изјави дека тој некогаш бил дел од бугарскиот.

Ако Европскиот совет на самитот во Лисабон 1992 година го услови признавањето на македонската држава од ЕУ под име што не го содржи зборот Македонија, изјавите на Закаријаш навестија дека танталовите маки за името на државата, сега ќе продолжат за името на јазикот и неговата генеза.

Таа со една изјава како кула од карти урна буквално сѐ: и вербата во добрите намери на португалскиот предлог, и вербата во европските вредности. Португалскиот предлог, кој овде беше оценуван како внимателен за чувствата на двете земји, по нејзината изјава добиваме впечаток дека тој бил добар параван зад кој лагодно се одвивале (и спонзорирани) активности само во една насока - ново вето.

Повеќе:

-Португалската амбасадорка за ДВ: Никогаш не би го загрозиле процесот на изнаоѓање решение меѓу Скопје и Софија

-Ќе донесат ли изборите во Бугарија решение за ветото на Софија?

-До кога може да чека Македонија?

Ние не можеме да им забраниме на европските политичари да бидат неискрени, или арбитрарно да се држат на страната на земја партнер. Но, должни сме да се спротивставиме ако тоа да го прават преку достоинството на нашата земја. Уште вчера требаше да има најжестоки реакции од македонските власти до официјален Лисабон што нејзин политичар си дозволи да го преименува македонскиот јазик и да дава оценки за неговото потекло. Таа изјава потврди дека спорот меѓу Софија и Скопје не е билатерален, туку европски проблем, бидејќи самата ЕУ дозволила да биде злоупотребена од земји членки, и искористена како арена за пресметки за прашања за кои е непристојно да се разговара во 21. век!

Додека премиерот Заев ја проверува автентичноста на изјавата, а медиуми во соседството масовно ја преобјавуваат со триумфалистичка порака – еве ја, делот за јазикот е јасен. Досегашното одмолчување на вакви и слични упади во нашиот суверен двор, веќе придонесоа дополнително да се храбрат тие што мислат дека патарината за ЕУ може да ни ја наплатат со идентитетски банкоти.

А во политиката и дипломатијата успешни се тие што навреме ги следат знаците покрај патот. Ние не сме меѓу нив. По ланското вето од Бугарија во време на германското претседателство со Советот на ЕУ, завладеа надеж дека можеби ќе ни се отворат вратите за за време на португалското претседателство. Првите знаци не беа оптимистички. Уште во јануари постојаниот претставник на Португалија во европските институции, амбасадорот Нуно Бриту, изјави дека „нема потреба и не е неопходно да се брза да се предложат нови заклучоци на Советот на ЕУ во врска со прашањето за проширувањето“. Притоа рече дека не е правилно да се обвинува Бугарија за попречување на процесот, истакнувајќи дека таа го поддржува проширувањето на ЕУ.

Ние го преспавме тој јануарски сигнал од Португалија. Беше логично да се праша - ако Бугарија со вето го „поддржува" проширувањето, тогаш што прават оние кои се противници на проширувањето?

Тивко ја поддржуваат Бугарија - гласеа одговорите на добро информираните во ЕУ.

По првото бугарско вето, кај соседите имаше голема (само)критика дека во ЕУ никој не разбрал што всушност бара Софија од Скопје, бидејќи бугарските власти не успеале прецизно да ја објаснат нивната позиција по ова прашање, за разлика од Македонците кои имале силна пиар стратегија и убедливо се претставиле како жртва на бугарските барања.

За волја на вистината состојбата беше сосема поинаква. Бугарија секој ден на менито ја ставаше рамковната позиција на бугарскиот парламент од 2019 година, и само тие знаат уште колку објаснувачки меморандум испратиле до земјите членки на ЕУ. За тоа време македонските власти се занимаваа со слаткоречивост за доброседството и изјави од типот „испорачавме – испорачајте“.

Молчиме и кога лингвисти во Бугарија јавно предупредуваат дека ако Скопје настојува за ревизија на јазичната формула утврдена и заеднички прифатена во билатералните документи, тогаш може да се помисли за можноста новото државно име на земјата да се пренесе и кон именувањето на јазикот (северномакедонски).

А годинава одбележуваме три децении независност, и 16 години поминати во чекалната на ЕУ. Ако по сите компромиси направени во име на европската перспектива „наградата“ за тоа ни е вето, негирање на посебноста и преименување на македонскиот јазик, за што говориме ние? Повеќе немаме основа да зборуваме за европски вредности, ако тие не живеат во земјите на ЕУ, а уште помалку во нивниот однос кон земјите аспиранти. Време е да се каже - доста е!