1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Исчезнатиот имот на Ел Чапо

Анабел Хернандес
29 јули 2019

За првиот човек на наркокартел крајот не доаѓа кога ќе го стават зад решетки, туку кога ќе му го конфискуваат богатството. Но, токму тоа не се случи во случајот "Ел Чапо". Зошто не, се прашува Анабел Хернандез.

https://p.dw.com/p/3MsYG
Symbolbild Waffen, Geld und Drogen
Фотографија: Colourbox/R. Carner

Што би правеле вие кога би имале 12,6 милијарди долари? Каде би ги криеле парите? Тоа прашање си го поставуваат властите на САД и Мексико од минатата недела, откако судот во Њујорк нареди конфискација на таа сума од мексиканскиот дилер со дрога Хоакин Гузман, Ел Чапо, шефот на картелот Синалоа, кој беше осуден на доживотна казна затвор. Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор сумата ја декларираше како сопственост на Мексико. Тоа било праведно. Од друга страна претходните влади во 18-те години на т.н. војна против наркомафијата никогаш не успеаја да го конфискуваат богатството на Ел Чапо и на неговата фамилија. Но, ни САД немаат со што да се пофалат. Мариел Колон, адвокат во одбраната на Ел Чапо во Њујорк телефонски соопшти дека американската влада до сега нема ништо конфискувано.
„Не пронајдоа имот на името на Гузман Лоера. Износот од 12 милијарди е бесмислен. Господинот Гузман нема толкава сума", изјави Мариел Колон. Познатиот адвокат Џефри Лихтман, меѓу чии клиенти се вбројува и мафијашкиот шеф Џон А. Готи и кој е главен во одбраната на Ел Чапо, по пресудата на судијата Брајан Коган иронично праша: „Кога нема имот, нема ни од што да се наплатува". Лихтман праша: "Од кога се трага по неговото богатство? Со децении?"
Белата куќа уште пред објавата на пресудата најави дека планира конфискуваните пари да ги употреби за изградбата на ѕидот меѓу САД и Мексико. А, за шти ли би можеле да ги користат парите во Мексико? По увидот во државните финансии испаѓа дека владата на Лопез Обрадор би можела со 12,6 милијарди долари практично да ги финансира комплетните годишни трошоци на правосудството, како и на сите институции за внатрешна и национална безбедност. Дел од задачите на наведените е и борбата против организираниот криминал, следењето, апсењето и казнувањето на наркошефови како Ел Чапо. Но, зошто ниту САД, ниту Мексико до сега не можеа да конфискуваат ниту делче од богатството на Ел Чапо?

Одземањето пари боли повеќе од одземањето на слободата

За тежок криминалец вистинскиот пораз не е доживотното затворање зад решетки, туку одземањето на парите, вели Роберто Шарпинато, адвокат од Палермо кој преку 25 години се бори против организираниот криминал и е исклучително успешен во конфискацијата на имот на сицилијанската мафија. Само во периодот од 2008 до 2010 на мафијата ѝ конфискувал пет милијарди долари.

USA «El Chapo»-Prozess
Ел Чапо е осуден во САД на доживотен затворФотографија: picture-alliance/dpa/E. Williams


„Менталитетот на тие луѓе е дека додека седат во затвор, надвор од затворот парите работат за нив и иако седат во затвор, ја обезбедиле иднината на семејството. Нивниот збор уште има тежина, значи не се поразени", вели Шарпинато.
Тој објаснува дека конфискуваните пари во Италија се интегрираат во државниот буџет и главно се користат за обесштетување на жртвите на мафијата. Конфискувана земја се користи за социјални цели, како на пример бегалски сместувалишта, центри за превенција од зависности итн. Компании кои биле во директна или индиректна сопственост на мафијата преминуваат во државна сопственост.

DW Kolumne Anabel Hernández
Анабел Хернандез

Италија за пример

Сѐ е тоа убаво, но каде ли се парите на Ел Чапо? „Во Италија истрагата за имотот започнува истовремено со истрагата за кривичните дела за кои постои сомнеж", вели јавниот обвинител. „Штом успешно ја завршиме истрагата, ги апсиме лицата и го конфискуваме имотот за да спречиме да не прејде на трети лица."

Повеќе: 

Ел Чапо е само мит, а господарите на кокаинот продолжуваат недопрени

Обвинение за два сина на Ел Чапо

Наркобосот Ел Чапо е прогласен за виновен
Кога се апсат припадниците на мафијашки клан, продолжува и истрага за откривање на „подлабоко" скриен имот. Опфатени се сите роднини на соодветните лица, како сопругите, децата, браќата, братучедите и лица од доверба како пријател/ки, љубовници итн. Во Италија строго се казнува грешно декларирање на имот. Кога кај можни соработници ќе се најдат знаци за необјасниво големо богатсво, се почнува друга истрага. „Ако за некоја недвижнина не може да се воспостави поврзаност со даночната декларација и нема доказ дека е стекната на легален начин, таа се конфискува", вели Шарпинато.
Во истата недела кога беше уапсен Ел Чапо, јавното обвинителство во Палермо заедно со американската влада спроведе акција во Палермо и Њујорк за апсење на членови на клановите Инзерило и Гамбина од Коза Ностра. За време на сослушувањето на еден од членовите на Инзерило, тој изјавил дека „најлошото е кога ти го конфискуваат имотот".

Mexiko El Chapo Merchandise
Голема побарувачка за колекцијата „Ел Чапо 701“Фотографија: Getty Images/AFP/U. Ruiz

Бизнисот со дрогата

Милионите на Ел Чапо наводно не може да се најдат. Неговата ќерка Алехандрина Жизел Гузман Салазар пак актуелно ја претставува својата модна колекција „Ел Чапо 701". Името алудира на местото на кое татко ѝ се најде на листата на Форбс на најбогатите луѓе на светот. Во 2012 таа беше уапсена од американските власти при обидот да влезе во земјата со фалсификувани документи, помина два месеца во затвор и потоа беше протерана во Мексико. Нејзината модна компанија има своја страница и профил на Фејсбук. Седиштето е во градот Гуадалахара во мексиканската сојузна држава Халиско. Во палетата на луксузни производи има и кожен ремен навезен со сребрен конец во вредност од 770 долари, или пак паричник за 180 долари. Покрај тоа има и маици за дами со ликот на Гузман Лоера. Некои од производите се веќе распродадени.
„Скриен во планините, скромен продавач на портокали со големи цели и амбиции, горд на своето потекло, пријател на светот, одлучен, внимателен предводник на своите луѓе, со силни идеали, храбар, харизматичен и чесен…", така гласи рекламата со која ќерката го опишува Ел Чапо, чиешто име комерцијално го искористува. „Фактичката моќ на картелот Синалоа на Ел Чапо е како и на секоја друга криминална група, економската моќ со која илегално ги водат своите бизниси", вели Италијанецот Шарпинато. „Тие може да корумпираат власти и да ги финансираат нивните т.н. војни со наркобизнисите. Тоа е моќ која излегува надвор од рамките на ликот на наркобосот. Не е доволно да се фати еден поединец, мора да се скрши и неговата економска моќ".

Новинарката и писателка Анабел Хернандес со години ги истражува и пишува за нарко-картелите и корупцијата во Мексико. По повеќе смртни закани ја напушти татковината и сега живее во Европа. Годинава ја доби наградата на Дојче веле за слобода на говорот.