1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Италија и Словенија бараат почеток на преговори на Македонија со ЕУ

29 јули 2011

Италијанскиот и словенечкиот министер за надворешни работи, Франко Фратини и Самуел Жбогар, бараат да се почнат преговори со Македонија за членство во ЕУ до крајот на годината, согласно препораките на ЕК.

https://p.dw.com/p/126GA
Италијанскиот министер за надворешни работи, Франко ФратиниФотографија: picture-alliance /dpa

Во заедничкото писмо што вчера го испратија до Кетрин Ештон, до Штефан Филе, до полското претседателство со ЕУ и сите министри за надворешни работи од Унијата, во делот во кој се споменуваат позитивните развои на настаните во Западен Балкан, за Македонија се издвојуваат „уредните и мирни парламентарни избори“.

Samuel Zbogar Außenminister Kroatien
Словенечкиот министер за надворешни работи, Самуел ЖбогарФотографија: AP

Министрите Фратини и Жбогар бараат од ЕУ да го искористи приемот на Хрватска како зголемена шанса за обновување на процесот на проширување. Тие предлагаат фокусирање на јасни и остварливи цели, за да им се овозможи на земјите од Западен Балкан да го продолжат патот кон членството во ЕУ и да им се помогне да ги имплементираат неопходните реформи. Како што стои во писмото, „ФИРОМ, Црна Гора и Србија се најнапредни на патот кон приклучување во ЕУ“. „Затоа, треба да им дозволиме да се придвижат во следната фаза од процесот за проширување“.

Италија смета дека без ЕУ нема договор меѓу Македонија и Грција

Од италијанското МНР велат дека целта на писмото е да се туркаат земјите од Западен Балкан во ЕУ. Италија и Словенија имаат ист поглед за проширувањето на ЕУ, а тоа значи дека оваа тема треба да се стави на топ-агендата на Унијата, велат од италијанското МНР.

Jose Manuel Barroso, Frankco Frattini, Green Card
Фратини со претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел БарозоФотографија: AP

Тие додаваат и дека притискаат за договор во спорот меѓу Грција и Македонија, но оти „е јасно дека без ЕУ и полското претседателство тој проблем не може да се реши“.

Инаку, ова не е прв пат двајцата министри да праќаат писма до функционери во Брисел и европските престолнини, со кои вршат притисок земјите од Западен Балкан да минат во следната фаза на пристапување. Во тој контекст, од италијанското министерство не очекуваат некаков пишан одговор. „Балканот мора да биде дел од проширувањето. Очигледно, некои земји ќе бидат примени побрзо, други подоцна“, велат од Министерството за надворешни работи во Рим.

Автор: Александар Методијев

Редактор: Горан Чутаноски