1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Каде владее правото? Сите се грешници

3 октомври 2020

Обемниот извештај на Европската комисија за владеење на правото во ЕУ може да биде водилка за министерот за правда Бојан Маричиќ за тоа какви реформи треба да направи Македонија. Пишува Љупчо Поповски

https://p.dw.com/p/3jNB0
Nord-Mazedonien Skopje Justizministerium
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Министерот за правда, Бојан Маричиќ, би требало што е можно побрзо да го прочита огромниот извештај на Европската комисија за владеењето на правото во сите земји-членки и да се обиде во предлозите за реформите во судството што ќе следат да не бидат повторени грешките поради кои некои од државите се ставени на своевидна црна листа. Овој прв целосен извештај на Комисијата објавен во средата разгневи неколку влади, други, за кои има наведено многу „загрижености“, се одлучија да го премолчат, Бојко Борисов во манирот на човек што ја владее ситуацијата го окарактеризира како „исклучително објективен“, иако забелешките за Бугарија се толку многу што не може ни да се дочитаат. За сите има забелешки – што значи, сите се грешници во ЕУ: од Германија до Малта. Само што кај некого гревовите се помали, кај некои огромни.

Бојан Маричиќ го чека огромна работа во наредниот период, особено кога со првата меѓувладина конференција ќе бидат отворени преговорите со ЕУ и кога долгото патување ќе почне со поглавјата за владеење на правото, слободата на изразувањето, медиумските слободи, борбата против корупцијата... и би требало убаво да погледне каде потклекнаа многу земји. И како кога ќе поминеш некои граници во подјармување на судството и плуразлизмот во медиумите ќе биде ужасно тешко да се вратиш на вистинскиот пат. Што помалку компромиси и колку повеќе визија, толку помалку грижи за иднината.

Nord-Mazedonien  Nordmazedonien   Bojan Maricic
Бојан Маричиќ, македонски министер за правдаФотографија: DW/P. Stojanovski

Министерот за правда би требало да е предводник во конципирањето на основите за правната држава и од неговиот успех во голема мерка ќе зависи и успехот на владата. Но не треба само Бојан Маричиќ што е можно побрзо да го прочита големиот извештај. Него треба да го прочита и лидерот на опозицијата, кој без прекин тврди дека во Македонија овие три пол години владеела мафијата, дека судството е потчинето. Христијан Мицкоски би требало да прочита што пишува во овој извештај за владеењето на идеолошкиот гуру на неговата партија, Виктор Орбан, и каде ја однесе Унгарија од 2010 година наваму. Извештајот не е спектакуларен, и тој е правен за да се обезбеди консензус за да може да биде усвоен. Многу работи би требало да бидат напишани во него многу поостро, но тој, сепак, е извонреден чекор за тоа што треба да следи понатаму – оние што не ги почитуваат правилата на владеењето на правото да се соочат со грубата казна: запирање на славините за европските пари, кои во милијарди евра се слеваат во земјите кои ја слават илибералната демократија и се во канџите на корупцијата.

Каков модел

Пријателствата и добрите односи со некои од земјите од ЕУ се важни, но клучното прашање е дали европскиот модел на владеењето на правото во Македонија треба да се темели врз искуствата на овие држави или треба да најдеме начин да ги избегнеме нивните промашувања кои се направени намерно за да може да се контролираат општествата. Кога потпретседателката на Европската комисија, надлежна за вредности и транспарентност, Вера Јоурова, го презентираше извештајот заедно со комесарот за правда, Дидие Реиндер, таа нагласи дека тој е „превентивен механизам со три главни цели: да се идентификуваат потенцијалните проблеми во владеењето на правото во раните фази, тоа да се направи врз база на дијалог со земјите членки; и да се зајакне владеењето на правото низ цела Европа“. Тоа се добри постулати од кои нашиве политичари би требало да извлечат некои поуки и да ги трасираат правците. 

Nord-Mazedonien DW Interview Hristijan Mickovski
Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕФотографија: DW/B. Georgievski

Кога Маричиќ, или Мицкоски, ќе го прочитаат целиот извештај јасно ќе забележат кои се „црните овци“ – Полска и Унгарија. Нема ништо неочекувано во квалификацијата дека тие две земји се главните предизвикувачи на неволји. Повеќе години тие се главни на радарот на ЕУ за непочитување на владеењето на правото. Во извештајот за Унгарија пишува дека има драстични нарушувања на слободата на медиумите: „Независните медиуми се соочуваат со ситематска опструкција и заплашување... Постои системски недостиг на одлучна акција да се истражуваат и гонат корупциските случаи во кои се вклучени високи функционери или нивниот најтесен круг“. И дека судската независност сериозно е доведена во прашање.

Други колумни од авторот:

-Ковачев и другите синови на немото доба

-Ударот на чеканот (судскиот)

-Бугарска спирала кон дното

И за Полска се наведуваат познатите работи – дека „судската реформа предизвикува сериозна загриженост, особено за судската независност“. Се споменува и легитимитетот на Уставниот трибунал.

Меѓу останатите најлоши прва е Бугарија, каде три месеци траат секојдневните протести против масовната корупција, преземањето на судските институции од моќните олигарси, огромната злоупотреба на европските фондови и неподготвеноста на владата на Борисов да се справи со олигархиската мафија во заробената држава.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

За Малта е напишано дека државата е преплавена од општата корупција и долгите одложувања на судските процеси, за Чешката Република дека недостасува заштита на свиркачите и законска регулатива на лобистите; за Хрватска дека учеството на граѓаните во донесувањето на одлуките на владата е маргинално; во Романија контроверзните судски промени донесени изминатите години, кои ја зајакнаа улогата на политичарите, наспроти независното судство, и натаму остануваат во сила и покрај промената на владата. Има забелешки за Шпанија, каде Генералниот совет на судството има нејасна улога и е предмет на политички натпревар, а Италија никако не успева да ги забрза судските процеси, иако има добри напори во последно време. На Данска ѝ се забележува дека дека финансирањето на политичките партии останува во сивата зона, а Луксембург нема особена волја да ја гони корупцијата. Има забелешки и за Франција, Германија, Ирска.

Некогаш реакциите се поинтересни, па дури и поважни, од самиот извештај. На кого би требало да се угледа Македонија кога ќе дојдат насоките за реформата на владеењето на правото. На Хрватска – каде претставниците на владата воопшто не реагираа на извештајот на Европската комисија, а дури и невладините организации останаа неми. Или на Словачка – каде исто така извештајот остана незавбележан меѓу политичарите. Можеби затоа што токму во средата во Словачка беше претставена амбиционзата судска реформа. На Австрија – каде министерката за ЕУ, Каролине Едштадлер, го поздрави извештајот како „програма за владеењето на правото во цела Европа“; или на Словенија, каде што исто така беа поздравени наводите на извештајот, дури и забелешките што се однесуваа на нив.

Mazedonien Justiz Amtsgericht
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Проблематични деца

Оние што се најдоа најпогодени, Полска, Унгарија и Бугарија, реагираа различно. Бојко Борисов стигна во Брисел на самитот на лидерите целосно насмеан, како дома да не му се случуваат тримесечни протести околу киднапирањето на државата од олигарсите и изјавувајќи дека извештајот е „исклучително објективен“ за Бугарија рече и дека тоа е студија за тоа какви чекори треба да преземе неговата земја за да биде „сјаен ученик“. Тој ја разбира многу добро играта во ЕУ – неговиот најмоќни пријатели во ЕУ се германската канцеларка Ангела Меркел и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Сите тројца се дел од политичкото семејство на Европската народна партија. Тој исто така знаеше за жешката расправа во Комитетот за правда во Европскиот парлемент кој усвои резолуција во четвртокот во која жестоко се осудува корупцијата во Софија и која е голем пресврт во тонот кој официјалните европски институции досега го имаа спрема владата на Борисов. Сега таа резолуција треба да оди на пленарна седница на Европскиот парламент, каде големата сенка на ЕПП може ќе го спречи нејзиното усвојување. Со насмевките и ветувањата Борисов сака да ги реши проблемите на европската сцена.

Другите две „проблематични деца“ – Унгарија и Полска – одбраа поинаков пат. Унгарската министерка за правда, Јудит Варга, го осуди извештајот на ЕУ како „апсурден и лажен“. Но тоа беше само последниот чекор. Претходно беа направени други два. Во понеделникот Варшава и Будимпешта најавија дека ќе основаат заеднички институт со кој ќе докажат дека нивните земји се третирани нефер и дека Брисел применува двојни стандарди. „Доста ни е од некои западноевропски политичари да нѐ третираат како боксерска вреќа. Овие напади немаат ништо заедничко со владеењето на правото", изјави шефот на дипломатијата Петер Сијарто на заедничката прес-конференција со неговиот полски колега Збигњев Рау. Тој институт треба да прави споредбено истражување на владеењето на правото во сите членки на ЕУ.

Symbolbild Justitia Justiz Gerichtigkeit
Фотографија: picture-alliance/dpa

Претходно унгарскиот премиер, Виктор Орбан, ѝ напиша писмо на Фон дер Лајен во кое бара оставка на потпретседателката на Комисиајта, Вера Јоурова поради оваа нејзина изјава дадена во „Шпигел“: „Господинот Орбан сака да каже дека тој гради илиберална демократија... Јас ќе речам: Тој гради болна демократија“. Гневниот Орбан ѝ напиша на Фон дер Лајен дека коментарите на Јоурова не се „само директен политички напад против демократски избраната влада на Унгарија, туку и понижување на Унгарија и унгарскиот народ. Првото е несоодветно, второто е неприфатливо“. Либералната политичарка од Чешка, Јоурова, му возврати на Орбан дека никогаш не мислела да го навреди унагарскиот народ „за кој има голем респект и за изборите што ги прави... Но тоа не значи дека не треба да зборуваме критички. Во демократија ниедна акција не е над критиката“. Европската комисија веднаш одговори дека Урсула фон дер Лајен има „целосна доверба“ во Вера Јоурова и не ѝ паѓа на памет да да ја смени.

Што мисли Бојан Маричиќ, а и Христијан Мицкоски. Чии постапки треба да се следат. На одметнатиот Виктор Орбан или на оние што ќе речат дека пораката е разбрана. Ова не е прозаична работа како што изгледа. Оваа дилема е во суштината на процесот каква демократија сака да гради Македонија.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар