1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде исчезна протестот во поп-музиката?

14 август 2011

„Со 70-от роденден на Боб Дилан исчезнаа протестните песни“. Под овој наслов германскиот магазин за поп култура „Спекс“ заедно со интернет радиото „Бајт ФМ“ организираше натпревар за пишување протестни поп песни.

https://p.dw.com/p/12FVP
Брокдорф Кланг Лабор- бендот кој ја освои главната награда на натпреварот на магазинот „Спекс“Фотографија: BROCKDORFF KLANG LABOR

„The times are а changin“ е името на третиот албум на Боб Дилан од 1964 година благодарение на кој тој стана светски признат протестен пејач и музички гуру на генерацијата 68-ма, за која песните на Дилан беа како химни. Тој во своите песни го критикуваше расизмот во САД, протестираше против милитаризмот и социјалната неправда. Прашање е дали денес има такви песни? На натпреварот на германскиот магазин „Спекс“ учествуваа 120 песни, но победи само еден бенд од Лајпциг - Брокдорф Кланг Лабор (Brockdorff Klang Labor) со песната „Тврдината Европа“ (Festung Europa), која ја критикува германската и европската политика кон бегалците.

Не е лесно да се напише протестна песна

Bob Dylan
Боб ДиланФотографија: AP

Само неколку дена откако ја освоија наградата за најдобра актуелна протестна песна, атмосферата во студиото на победничкиот бенд Брокдорф Кланг Лабор (БКЛ) беше фантастична. Тричлената група не е нова. Таа постои веќе 14 години и свири ширум Германија, а настапувала и на германскиот штанд на Експо 2010 во Шангај. Членот на бендот Сергеј Кланг објаснува зошто се пријавиле на натпреварувањето:

„Прва помисла ни беше: тоа е нешто што веќе сакавме да го направиме. Но од искуство, забележав дека воопшто не е лесно да се напише протестна песна, како што можеби тоа било пред 20 години, кога постоеле и посебни протестни стилови.“

Музиката на БКЛ е поп, кај кој вреди да се слушнат и зборовите и тоа се забележува веќе во првите тактови на песната „Тврдината Европа“, вели пејачката Надја.

Критика за политиката на ЕУ кон имигрантите

Brockdorff Klang Labor
Брокфорд Кланг ЛаборФотографија: BROCKDORFF KLANG LABOR

„Доближи се поблиску, бидејќи би можеле да бидеме поблиски.

Тоа што ти го мислиш, исто така има вредност...

Тој простор е овде, кај мене, а не пред мојата куќа...“

„Текстот е секако тоа што го формулира протестот. Можеби не во класична смисла, кога се говори некој конкретен против-став, туку во песната пред се’ станува збор за барањето за почовечна политика кон бегалците. Поконретно: за колапсот на арапските режими и расправата за бегалците на островот Лампедуза. Ние едноставно порачуваме: Дојдете ваму!“ , вели Надја.

Се разбира дека е наивно толку едноставно да се повикуваат милиони потенцијални бегалци од Африка во Европа - за тоа се свесни и Сергеј Кланг и Надја. Но членовите на бендот го критикуваат оградувањето на Европската унија во политиката кон бегалците и сето тоа успеват да го спакуваат во модерна и певлива мелодија. Сергеј вели:

„Една поп песна секако не може да ја опфати целокупната политичка дебата ’за’ и ’ против’. Песната често се сведува на тоа некои нејзини стихови да станат протестни пароли. Ние во рамките на бендот дискутиравме за тоа и јасно ни е дека тој слоган е малку наивен.“

Фрустрирани граѓани без протестни песни

Bob Dylan in San Francisco 1976
Боб Дилан на концерт во Сан Франциско во 1976 годинаФотографија: AP

Брокдорф Кланг Лабор се натпреваруваше против 119 други бендови, музичари и композитори кои на крајно различни начини ја тематизираа протестната песна. Опфатени беа сите стилови - од класичната музика, преку акапела нумери до минимал-електро стилот, а содржински песните главно се однесуваа на плагијатот на докторската титула на поранешниот германски министер за одбрана Карл Теодор цу Гутенберг, за Авганистан, Фукушима, малите и големите револуции, изопачената младина па дури и за апокалипсата. Сите ги водеше мотото: протестот е насекаде. Четиричленото жири на крајот одлучи за БКЛ. А зошто списанието „Спекс“ го распиша конкурсот објаснува уредникот Ралф Кремер:

„Натпреварот за протестна песна е идеја до која дојдовме размислувајќи за тоа зошто поп-музиката денес е постполитичка? Исфрустрирани граѓани без протестни песни - за што станува збор тука? Зошто политичката поп-левица нема ништо или сосема малку има да каже за околностите и случувањата вредни за протест? Зошто во деведесетите години т.н. протестни левичари во Германија експлицитно се занимаваа со теми, како што е повторно заживеаниот расизам во обединетата земја, а денес протестот им го препуштаат на други?“

И протестните песни се занимливи

Brockdorff Klang Labor
Брокдорф Кланг ЛаборФотографија: BROCKDORFF KLANG LABOR

Првиот албум на бендот БКЛ „Музика за девојчиња“ беше релативно аполитичен. Но, тоа набргу се менува со новиот албум „Фалсификување на светот“ на кој се наоѓа и победничката песна „Тврдината Европа“- песна која можеби нема да ја промени политиката, но барем малку ќе ја промени поп-музиката, вели Сергеј Кланг:

„Протестот во поп-музиката го бие глас дека не е занимлив, дека со такви песни не може да се забавува и да се опива. Овој хедонистички став денес е широко распространет меѓу младите. И тоа е верувам една од причините зошто повеќе нема протестни песни. За мене првото никогаш не го исклучувало второто - добра поп-песна може да биде подеднакво добра за играње, а притоа да пренесува критичка политичка порака.“

Автор: Рони Арнолд/ Симе Недевски

Редактор: Трајче Тосев