1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да се издржи март, без вакцини?

12 март 2021

Во недостиг на вакцини, едни сметаат дека се потребни построги рестриктивни мерки, други дека тоа ќе се одрази на економијата. Дилемата повторно е сведена на „пари или живот“.

https://p.dw.com/p/3qWSu
Nord-Mazedonien Skopje | Coronakrise
Фотографија: Nake Batev/AA/picture alliance

Aко претходно доминирале случаи кога еден случај на инфициран и заболен член на семејство не значел дека од Ковид -19 ќе заболат и други, или сите членови на семејството, со британскиот сој на вирусот е поинаку. Ако еден се разболи, сите се болни. Вака лекари накусо ја објаснуваат разликата со офанзивноста на тој сој во овој трет бран, додавајќи дека голем дел од заразените се млади лица. Како дел од причините се посочува поголемата фреквенција во јавниот простор по затоплувањето на времето, движењето во групи, односно непочитување на мерките за дистанца.

Има неколку хипотези поврзани со британскиот сој: дека заразениот ослободува поголема количина на вирус и полесно ги инфицира другите; дека инфицираниот подолго време е извор на инфекција; и дека има поголема подложност на зараза кај деца и млади до 18 години.

Анализи на ваквите претпоставки допрва ќе се прават, но фактот дека инфективните одделенија забрзано се полнат, веќе ги вклучи и првите рестриктивни мерки во Северна Македонија. Дали се доволни? Реакциите на граѓаните се различни: едни сметаат дека се забраната за движење од 22 до 5 часот наутро е непотребна и е „про форма", други критикуваат дека тоа е бегање од воведување на „суштински рестрикции“. Трети, пак сметаат дека поголеми рестрикции негативно ќе се одразат на економијата, која и онака е во пад. На крајот дилемата се сведува на познатата синтагма „пари или живот“, односно „економија или здравје“?

Здравствените власти велат дека состојбата внимателно се следи и од епидемиолошката состојба ќе зависи дали ќе има нови мерки. На инфективните оддели во болниците низ земјава се лекуваат 916 пациенти. Во Скопје се хоспитализирани 350, а во другите градови 566 лица. Бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 110.209, на оздравени пациенти е 96.570, на починати е 3.265, а бројот на активни случаи е 10.374. Половината од нив се од Скопје - 5 017.

Мерки, ама и вакцини

Рапиден раст на инфицирани и заболени во март се бележи насекаде, а исклучок не се ни соседните земји. Во Бугарија е решено учениците од петто до 12-то одделение во Софија да преминат на онлајн настава, а сите ресторани, вклучително и оние во хотелите да работат до 22 часот. Новите мерки стапуваат на сила во повеќе области во земјата. Ќе се засилат инспекциските контроли во продавниците, баровите, и јавниот превоз. Каде што е можно, се препорачува работа од дома или во смени, а се забранува одржување организирани екскурзии, фестивали и саеми, секаде каде што може да се соберат поголем број луѓе на отворено. Се предлага да бидат одложени ученички натпревари планирани во март. Сите донесени и мерки што се предлагаат се насочени кон краткорочната цел - „како да се издржи март“, месецот во кој според анализите и трендовите на раст, се очекува епидемијата да има пролетен пик.

Доставени првите вакцини од програмата Ковакс

Граѓаните на соседна Србија со интерес го очекуваат исходот од денешната седница на Кризниот штаб, кој треба да соопшти дали дополнително ќе ги зајакне претходно воведените рестриктивни мерки. Меѓу дилемите на штабот се викенди „под клуч“ и скратено работно време за угостителите и продавниците во текот на работната недела, или поголема контрола врз индивидуалната одговорност.

Мал пазар

За разлика од Бугарија и Србија каде веќе тече процес на имунизација на граѓаните, и каде дополнителните мерки би биле „заштита плус", во Северна Македонија засега се вакцинираат само здравствените работници. Почетокот на имунизацијата на населението зависи од тоа кога во земјата ќе пристигнат вакцини. Претседателот Пендаровски потсетува дека има три начини да се дојде до вакцини: Ковакс - механизмот, солидарниот фонд на ЕУ, и билатерално - во договор со производителите. Според Пендаровски, домашните власти направиле многу напори во однос на набавката на вакцини, но се покажало дека оваа криза најмногу се скршила на малите држави, бидејќи поголемите и богатите многу полесно дошле до вакцина. Како илустрација ја сподели коресподенцијата што тој и еден од надлежните министри ја имале со „Фајзер“ пред Нова година, кога директно се обратиле во седиштето на таа компанија во Бостон.

„Нѐ прашаа која е големината на потенцијалниот пазар. Кога кажавме дека сме два милиона луѓе, од кои толку малолетни, толку полнолетни, разговорот брзо заврши. Рекоа дека имаат неверојатна побарувачка од огромни држави со милијарди луѓе, така што деловната политика на фирмата во тој момент не е да разговара со држави кои имаат помалку од два милиони жители", изјави Пендаровски на ТВ „21“.

Шефот на државата рече дека за вакцините се разговарано со претседатели на земји членки на ЕУ, со поранешни и актуелни дипломати, па и со нобеловецот Ферид Мурат, роден во Македонија, кој е во бордот на „Фајзер“.