1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како против стресот?

6 март 2011

Експерти од Европа во Берлин дебатираа за менталното здравје кое е стожер на здравата работна нација, а за кое нерадо се говори. Идејата е превентивно да се влијае за солидно ментално здравје.

https://p.dw.com/p/R6Ok
Фотографија: DW

Во земјите од ЕУ психичките болести се се’ почести. Според проценките дури 50 милиони луѓе се погодени од ментални пореметувања, а лани 15 процени од вработените побарале професионална помош.

Стрес, овој кус, нов и жесток збор е присутен во речникот на речиси секој човек. На оној кој е во постојана трка со времето и шефува, но, и на оние кои го губат здивот и им се потат рацете кога претпоставениот е во нивна близина. Најновата европската здравствена статистика покажува дека колку на луѓето не им се вреднува трудот и чувствуваат несигурност на работното место, толку повеќе се под стрес, се отсутни и користат боледување.

Psychische Gesundheit
Теоријата треба да се практикува - Жак ван дер ФлиетФотографија: DW

„Менталните растројства во Германија се трета болест по зачестеност и прва причина за предвремена пензија. Најчеста дијагноза се депресиите“, вели Ханс Петер Унгер началник на клиниката „Асклепиос“ од Хамбург. Тој забележува дека многу се дискутира за депресиите, дали се во пораст или не, но мора да се каже и дека ги има различни типови. Оние кои се биолошки и генетски и за кои има мал временски прозорец да се спречат. Но, и други кои се резултат на психо-социјалните стресови на работното место и за кои има многу време да се влијае. Но, вообичаено се делува кога лицето со брн-аут синдром ќе заврши в болница. А, на тоа му претходеле 5 - 6 години, кои за симптоми на почетокот ги имале несоницата, болките во грбот, недостигот на сила...

Европски тренд

Ваквиот тренд на пораст на депресиите и психичките болести е присутен и во сите земји од Унијата. „Има многу штета од менталните заболувања. Во Велика Британија 40 проценти од компензациите и исплатите за работонеспособност се за психички заболените. Во Холандија овој процент е 35, а еноромен пораст има и во Австрија“, појаснува и Жак ван дер Флиет специјалист за трудова медицина од Комисијата на Европските лекари, кој повеќе од три децении е окупиран со темата: ментално здравје. Тој создаде и модел за добро ментално здравје во фирмите кој е како куќа со пет носечки столба. Сите пет се со предзнакот „здрав“. Се однесуваат на: начинот на живот на работниците, на социјалната клима во компанијата, на јасната и транспарентна работа на менаџментот, на колегијалните односи и ефективните мерки за превенција на стресот, што подразбираат пред се’ - јасен опис на работните обврски.

Psychische Gesundheit
Менталното здравје е како куќа со пет носечки столба! Модел на Ван дер ФлиетФотографија: DW

Примерот на „БАСФ“

Грижата за менталното здравје на работниците во германскиот хемиски концерн „БАСФ“, иако не е според моделот на Ван дер Флиет, би можел да послужи за пример. 25 психијатри се задолжени за речиси 110.000 вработени во повеќе фабрики на неколку континенти. „Справувањето, менаџирањето со стресот за нас е многу важна задача. Важна, но не и лесна, зашто главно прашање е кој е под стрес? Дали се сите 33.000 работници на пример од капацитетот во Лудвигсхафен? И ако не се сите, кој е и како да се идентификува за да може да му се помогне?“, го кажува своето искуство Кристоф Оберлинер, лекар и потпретседател на хемискиот концерн „БАСФ“ според кого првиот чекор е со специјални прашалници и разговори да се идентификуваат групата и поединците кои се под ризик. Фирмата нуди семинари за сите вработени за идентификување на стресот. Има и тренинзи за така именувани лидери, кои кај непосредните колеги можат да ги идентификуваат симптомите и благовремено да алармираат. И најпосле, се спроведуваат и годишни здравствени контроли во кои лекарот има право да праша - се’. Многу европски фирми кои се богати, вложуваат во спортски и семејни програми, кои треба да го урамнотежат стресот. Оние кои немаат средства за специјални програми и оние кои се во трка по кариера, не им останува друго освен реалноста – да живеат со стресот и да веруваат дека кај нив е позитивен и стимулативен!

Psychische Gesundheit
25 психијатри се грижат за менталното здравје на 110.000 вработени во „БАСФ“ - Кристоф ОберлинерФотографија: DW

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Александра Трајковска