1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како Турција шпионира во Германија

Сабрина Пабст
29 март 2017

Прислушувани разговори, следење, закани со убиство - дали раката на Ердоган преку турските тајни служби допира до Германија? Јуксел Коч се нашол во визир и оттогаш води немирен живот.

https://p.dw.com/p/2aCmq
Symbolbild Überwachung, Spionage, Bespitzelung
Фотографија: Kai Remmers/dpa/picture alliance

„Лична средба би била подобра“, вели Јуксел Коч на почетокот на интервјуто. „Мислам дека ми го прислушуваат телефонот.“ Телефонскиот разговор не трае ниту десет минути. Коч е курдски функционер и активен во повеќе курдски здруженија. Тој всушност живее во Бремен. Поради актуелната ситуација, меѓутоа, сега не може да се задржува на едно место подолго од два-три дена, тврди 52-годишникот, кој е и копретседател на Демократскиот општествен конгрес на Курдите во Европа.

Неговите обвинувања се тешки. Смета дека е цел на заговор за убиство, зад кој наводно стои турската тајна служба. Тој добива СМС-пораки и опасни закани. „'Секогаш ќе бидеш наша цел, сѐ додека не умреш.' Тоа значи дека имаат испратено убијци во Германија кои би требало да ме елиминираат“, вели тој.

Истражувањата на НДР и ВДР покажаа дека турски агенти наводно подолг период следеле двајца курдски активисти. Еден од нив е Јуксел Коч. Еден сведок дошол до документи од кои произлегува дека еден агент планирал атентати врз двајцата. Сведокот тие документи им ги предал на двата германски медиума. Ваквите информации му биле проследени и на Коч. Тој им ги предал на германското обвинителство и германската криминалистичка служба БКА, вели Коч. „Таму беше напишано и како би можеле да ме убијат“, тврди Коч. Еден агент редовно им давал информации за него на турските власти. „Секое мое движење - каде сум, што правам.“ Тој нагласува дека агентот се претставувал како новинар. „Човекот со мене три пати водеше интервју“, нагласува Коч.

Во декември осомничениот агент бил уапсен. На Коч му олеснило. „Конечно го уапсија. Конечно.“ Обвинителството во Карлсруе покрена истрага за шпионска активност. Други двајца осомничени сѐ уште се на слобода.

Deutschland Köln türkisches Generalkonsulat Referendum
Јуксел Коч и покрај заплашувањата, продолжува со својата работаФотографија: DW/S. Pabst

Следење на противници на владата

Случајот Коч е поактуелен од кога и да е. Како што сега беше обелоденето, шефот на турската тајна служба за време на Минхенската безбедносна конференција му дал на првиот човек на германската тајна служба БНД список со имиња на 300 лица, како и 200 училишта и турски здруженија, кои наводно се блиски со движењето на Ѓулен. Поради тоа што биле загрижени за безбедноста на овие луѓе, полицијата им се обратила на загрозените луѓе, потврди за ДВ портпарол на Покраинската криминалистичка служба на Северна Рајна Вестфалија. Во меѓувреме, Сојузното обвинителство покрена истраги поради сомневање за шпионажа против досега непознати припадници на турската тајна служба Мили Истибарат Тешкилате (МИТ).

Експертот за тајни служби Ерих Шмит-Енбом во разговор за ДВ нагласува дека може да се забележи оти активностите на МИТ по обидот за пуч во Турција, во јули минатата година, се интензивираат и зголемуваат. Во визирот на тајната служба се организации блиски на ПКК, поддржувачи на протестите во паркот Гези во Истанбул и, по обидот за пуч, осомничени приврзаници на Ѓулен и други опозиционери.

Erich Schmidt-Eenboom
Ерих Шмит-Енбом проценува дека во Германија се активни околу 400 агенти на турската тајна служба МИТФотографија: picture alliance/Eventpress Stauffenberg

Апарат со големина на БНД

Во МИТ се вработени 8000 лица, проценува Шмит-Енбом, Тоа е отприлика исто колку БНД. Околу 800 од нив, како што препоставува Шмит-Енбом, се активни во Европа, од тоа 400 само во Германија. Тие се вработени во туристички агенции и банки, работат како преведувачи во државни служби или во џамии.

Организации блиски на ПКК, во кои е активен и Коч, се набљудувани и од страна на германската тајна служба, наведува Шмит-Енбом. Курдската работничка партија ПКК како терористичка организација е забранета во Европа. Отворено и натаму останува прашањето во колкав обем БНД и МИТ разменуваат информации. Со оглед на заканата од исламистички тероризам, германските служби се принудени да соработуваат со МИТ, вели Шмит-Енбом.

Откако стана јасно дека турската МИТ во Германија шпионира турски државјани, во Сојузната служба за заштита на уставот (БНД) важи правилото на МИТ да не ѝ се проследуваат податоци за Курди или за турски опозиционери. Кога во 2014 година стана познато дека МИТ можеби ѝ дава поддршка на ИД во Сирија, некогашната интензивна соработка беше драстично намалена, вели Шмит-Енбом. „Во оваа фаза веќе немаше одговори на прашањата на БНД за контроли на патување.“

„Турските конфликти да не се пренесуваат на Германија“

Шефицата на Зелените и потпретседателка на германскиот Бундестаг, Клаудија Рот, за ДВ изјави дека е неприфатливо луѓето да се шпионираат и да се чувствуваат загрозено. „Се надевам дека Владата става јасно до знаење дека ние не дозволуваме Турција  да ги пренесува во нашата земја и нашето општество своите конфликти - поларизацијата, расцепот на општеството, ескалацијата на насилство“, нагласува Рот.

Јуксел Коч не дозволува да биде заплашуван. „Продолжувам со мојата работа“, вели тој. „Државата се грижи за мојата безбедност и внимава.“ Сепак, како што вели, не се чувствува сигурно.