1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како Џорџ Сорос беше претворен во бабарога

Феликс Шлагвајн
1 јуни 2020

Откако Виктор Орбан својот некогашен поттикнувач го прогласи за унгарски непријател број еден, филантропот и милијардер стана омразена фигура за десницата во меѓународни рамки. Како се случи тоа?

https://p.dw.com/p/3cpkU
Ungarn | Anti-Soros Plakate
Веројатно најголемата и најскапа плакат-кампања во унгарската историја: „Да не дозволиме Сорос да се смее последен“Фотографија: AFP/Getty Images

Во само мал број земји една теорија на заговор е претворена во државен резон. Унагрија е една од нив. Пред околу пет години премиерот Виктор Орбан го прогласи за непријател број еден американскиот филантроп и милијардер Џорџ Сорос, кој инаку има унгарско потекло. 89-годишникот, како што се тврди, ги влечел конците во голем заговор. Наводната цел на тој заговор била соборување на Орбан, уништување на европските национални држави и замена на нивното население со мигранти. Дел од Соросовите„платеници“ и „агенти“, според унгарската влада, се невладини организации, новинари и научници, но и Европската унија и Обединетите нации.

Корона-кризата сега го потпалува подбуцнувањето. Зашто, како што тврди владата во Будимпешта, и зад меѓународната критика на сметка на унгарските авторитарни мерки за сузбивање на пандемијата се криел Џорџ Сорос. Тој бил „големиот мајстор“ на „бриселските бирократи“, објасни премиерот Орбан лично во актуелното издание на своето неделно радио-интервју на државното радио Кошут.

Од поттикнувач до непријател

Иронијата е во тоа што Виктор Орбан за бабарога го прогласи токму човекот кој многу го поттикна неговиот подем. Џорџ Сорос, кој како дете на еврејски родители го преживеал холокаустот во Унгарија, по преземањето на власта од страна на комунистите се сели во Лондон. Во 1956 година емигрира во САД, каде заработува милијарди од финансиски шпекулации.

Ungarn Ministerpräsident Viktor Orban
Виктор Орбан ги брани корона-мерките на својата влада во парламентот во БудимпештаФотографија: picture-alliance/AP Photo/T. Kovacs

Поради националистичките и комунистичките ужаси, но и под влијание на филозофијата на Карл Попер за „отворено општество“, Сорос уште во 1984 година ја основа фондацијата „Отворено општество“. Таа и’ дава поддршка на демократијата ширум светот, на слободата и човековите права, за што, според сопствени наводи, се потрошени над 15 милијарди американски долари.

Од Соросовиот филантропски ангажман профитираше и младиот Виктор Орбан и неговата партија Фидес (Сојуз на млади демократи). Милијардерот со великодушни суми ја поддржуваше во тоа време радикално-либералната организација. Тој на Орбан и неговите сопатници им овозможи и издавање сопствен весник. Сорос финансираше јазични курсеви и партиски канцеларии. Подоцна голем број членови на Фидес добија стипендии за студии на Запад. Орбан замина за Оксфорд.

Ungarn Proteste in Budapest
Демонстрации во Будимпешта за поддршка на Централноевропскиот Универзитет финансиран од СоросФотографија: Imago/ZUMA Press/O. Marques

Кога по крајот на комунистичкото владеење во 1989 година националистите почнаа да го клеветат Сорос поради неговата поддршка на либералните сили во земјата, Фидес го бранеше неговиот ангажман од „подлите напади“. Орбан и компанија одушевено го поддржаа основањето на Централноевропскиот Универзитет финансиран од Сорос, кој набрзо стана најугледен универзитет во Унгарија. Околу 30 години подоцна, во меѓувреме националконзервативно-деснопопулистичка партија на Орбан, го истера овој универзитет од земјата.

Сорос-заговорот го измислија двајца американски советници

Откако Виктор Орбан ги загуби изборите во 2002 година, тој мораше да седи во опозиција осум години. Дури во 2010 година беше по вторпат избран за унгарски премиер - со огромен успех и сосема поинаква програма.

Со двотретинско мнозинство зад себе, екс либералот почна да ја претвора Унгарија во „илиберална држава“. Тој го промени уставот, ја ограничи слободата на печат и го пополни Уставниот суд со судии кои му се лојални. Но, за долгорочно да си ја обезбеди власта, му беше потребна бабарога. Во Унгарија никој не му беше сериозна конкуренција. Опозицијата беше раскарана, повеќето медиуми беа на линија на Фидес. Каде да се најде виновник?

Одлучувачкото вдахновение доаѓа однадвор. Во 2008 година Виктор Орбан го запознава влијателниот американски политички советник Артур Финкелстин. Тој успешно ги советуваше републиканските претседатели во САД од 1970-те, од Ричард Никсон до Џорџ Буш. Кон средината на 1990-те Финкелстин му помогна на Бенјамин Нетанјаху да стане израелски премиер. Од безбројните кампањи Финкелстин знаеше колку е важно на непријателот да му се даде лик. Ангажманот на Џорџ Сорос за либерализам и демократија на интернационалната десница долго и’ беше трн в око. И националистите на Балканот го мразеа поради поддршката за демократската опозиција. Рускиот претседател Владимир Путин се згрозуваше од него поради неговиот ангажман во Украина и Грузија. И за американските Републиканци милијардерот одамна беше станат омразена фигура поради неговите донациии за Демократите, ангажманот за заштита на климата и неговата остра критика на војната во Ирак.

Финкелстин и неговиот партнер Џорџ Бирнбаум сметаа дека Сорос е перфектна бабарога за Орбан. Има унгарско потекло, но со децении живее во САД. Богат е и се ангажира политички во цел свет. Кампањата против филантропот и милијардер почна во летото 2013 година, но својот врв го достигна дури две години подоцна, во време не бегалската криза.

Grenzzaun an der Grenze zwischen Ungarn und Serbien
Ограда на границата на Унгарија со СрбијаФотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Антисемитистички тонови

Следуваше веројатно најголемата и најскапа плакат-кампања во унгарската историја: „Да не дозволиме Сорос да се смее последен“, бараше владата од своите граѓани. Малку подоцна таа го донесе пакетот закони „Стоп Сорос“, насочен против невладините организации кои се залагаат за правата на бегалците и мигрантите. И, на крајот, го истера Централноевропскиот Универзитет од Будимпешта.

Својот поход против Сорос унгарската влада се’ повеќе го „хранеше“ и со антисемитистички тонови. Така, Орбан во говор во 2018 година рече: „Се бориме против непријател кој е поинаков од нас. Не е отворен, туку скриен, не е праволиниски, туку е умен, не е чесен, туку е несечен, не е национален, туку е интернационален, не верува во работа, туку шпекулира со пари, нема сопствена татковина, туку се однесува како да го поседува целиот свет.“

Од теории на заговор кон терористички напади

Сликата за Сорос како непријател во меѓувреме се зацврсти. Сеедно дали Трамп, Ердоган, Нетанјаху или Путин - сите тие го презедоа Орбановиот говор за Сорос како семоќен човек кој ги влече конците од позадина. На социјалните мрежи филантропот тежок милијарди е претставен како олицетворение на злото. Деснопопулистичките партии од Европа до Австралија подгреваат расположение против него.

Ваквите хушкачки кампањи водат се’ повеќе кон насилство. Соработници на фондациите Отворено општество се постојано напаѓани. Фанатичен поддржувач на Трамп во 2018 година испрати бомба на приватната адреса на Сорос. И десноекстремни терористи се’ почесто ги образлагаат своите дела со тоа дека наводно сакаат да спречат „размена на население“ планирана од, како што велат, глобалните елити. Во ваквата теорија на заговор Сорос игра една од главните улоги.

Таа беше дел од расистичкиот „манифест“ на атентаторот од Крајстчрч кој уби муслимани. Атентаторот од Питсбург од слични причини уби Евреи. И атентаторот од Хале веруваше во наводен еврејски светски заговор и изјави дека Сорос сакал да ја претвори Германија во мултикултурна држава.

Дали Артур Финкелстин и Џорџ Бирнбаум, двајцата Евреи, сметале со смртните размери на својот наводно „генијален“ изум? Финкелстин веќе не може да одговори на ова прашање, тој почина во 2017 година. А Бирнбаум не сака да зборува за тоа. Тој го одби барањето на Дојче веле за интервју.