1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Караџиќ одби изјаснување

Елизабета Милошевска Фиданоска29 август 2008

Поранешниот претседател на Република Српска и обвинет за воени злосторства, Радован Караџиќ и денес одби да се изјасни по обвинението за геноцид и други злосторства врз не-Срби во текот на босанската војна

https://p.dw.com/p/F72y
Караџиќ на првото појавување пред судот во ХагФотографија: AP

Судијата Ијан Бономи, како што налагаат судските правила, во списите заведе дека обвинетиот Радован Караџиќ не се чувствува виновен. Новата сесија во Хашкиот трибунал околу случајот Караџиќ е закажана за седумнаесетти септември.

Радован Караџиќ пред два дена, побара од трибуналот да биде запрена постапката против него, тврдејќи дека процесот е невозможен. Тој смета дека судскиот процес против него е невозможен поради тоа што му се ускратени правата и поради тоа што САД и НАТО се закануваат со физичка и „судска ликвидација“.

Зошто Караџиќ смета дека процесот е невозможен?

Во поднесок до судот, Караџиќ повторува дека со САД и Ричард Холбрук во 1996 година имал договор да се повлече од јавниот живот, во замена за што Холбрук му гарантирал дека нема да биде уапсен. Според поранешниот претседател на Република Српска, САД имаат намера да го ликвидираат поради неподготвеност да ги исполнат обврските што ги презеле. Караџиќ подвлекува и дека повеќе е загрижен поради можноста од судска ликвидација, која за членките на НАТО, како што вели, би била поелегантна и со помалку ризик. Судска ликвидација, според него значи менување на правилата на трибуналот според потребата, судење според хибриден правосуден систем и состав на судски совети во кои значајна улога играат судии од земјите членки на НАТО.

Адвокатот на Караџиќ, Горан Петронијевиќ, за агенцијата Асошиетед Прес изјави дека поранешниот лидер на босанските Срби денес нема да се изјасни за сопствената вина, поради тоа што не го добил новото, изменето обвинение чие подигање го најави главниот обвинител на трибуналот, Серж Брамерц.

Белград тврди дека Младиќ ќе биде уапсен наскоро

Караџиќ беше уапсен во Белград на 21 јули годинава, а воХаг беше префрлен девет дена потоа. Српскиот обвинител за воени злосторства, Владимир Вукчевиќ, вчера соопшти дека очекува скорешно апсење и на вториот најбаран на листата на Хашкиот трибунал - Ратко Младиќ. Вукчевиќ рече дека поранешниот командант на босанските Срби се крие во Србија, но дека не верува дека е маскиран како Караџиќ, затоа што двајцата се целосно различни личности. Според српскиот обвинител, Младиќ веројатно се крие во Белград, под заштита на неговите воени другари.