1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Наредната катастрофа е гарантирана?

Џема Касадевал
2 октомври 2017

Двете страни, каталонската и шпанската, во спорниот референдум го сторија она што го беа наумиле. Но ако политичките противници тврдоглаво опстојат на ставовите, се заканува наредна катастрофа, смета Џема Касадевал.

https://p.dw.com/p/2l5wn
Spanien Katalonien Unabhängigkeits- Referendum Poilzei schreitet ein
Фотографија: Reuters/J. Medina

Каталонскиот премиер Карлес Пуџдемон сега ги има сликите, кои му беа потребни да го засили движењето за независност: старци кои силите на редот на сила ги извлекуваат од избирачките места, надмоќна полициска сила која настапува против граѓаните со голи раце кои не ги кријат своите лица и избирачки кутии кои се одземаат од рацете на граѓаните кои сакаат да го остварат своето „право на одлука“.

Шпанскиот премиер Маријано Рахој секогаш одново повторуваше дека Уставниот суд референдумот го прогласи за неважечки и поради тоа не смее да се одржи. За својата намера да „ја брани правната држава“ имаше поддршка од неговите најважни европски сојузници. Можно е овие ужасни слики и сцени од Каталонија, кои едвај можат да се поврзаат со европската демократија, таа поддршка да ја претворат во страв и одбивање.

Меѓусебни обвинувања

Како што можеше да се очекува, двете страни меѓусебно се обвинуваат за насилството кое се случи вчера. Според шпанското правосудство, референдумот беше илегален. Симпатизерите за независност на Каталонија сепак одлучија да го одржат референдумот, и покрај тоа што на сите им е јасно дека нема да ги исполни меѓународните стандарди, на пример постоењето на институционализирана изборна канцеларија и потписи на избирачите кои можат да се проверат. Едно длабоко поделено општество беше повикано да го даде својот глас на начин каков што во Шпанија се сметаше за невозможен.

Casadevall Gemma Kommentarbild App
Џема Касадевал, авторка на коментарот

На полициското запленување на милиони гласачки листови екипата околу каталонскиот премиер Пуџдемон реагираше со досетливост, исклучителна присутност во социјалните медиуми и со брзо објавување на копии на интернет страниците кои Мадрид ги блокираше. На испраќањето на десетици илјади служебници на Граѓанската гарда и националната полиција, кои требаше да го спречат одржувањето на референдумот, Каталонија одговори со ноќна окупација на училиштата каде што требаше да се одржи референдумот - дури и родители со деца беа таму, за да го осигураат отворањето на гласачките места.

Неописливи сцени од Барселона

Така започна таа недела 1 октомври. Референдумот почна со испраќање пораки преку ВотсАп на Каталонци кои меѓусебно си го честитаа тоа „славење на демократијата“. Првите сцени од полициските акции ја уништија таа илузија.

А го уништија и убедувањето на оние кои мислеа дека му припаѓаат на „тивкото мнозинство“ и кои не сакаа да имаат никаква врска со овој конфликт. Многу Шпанци и многу Каталонци овие случувања ги сметаа за подгревање на два национализма, шпанскиот и каталонскиот, со кои не сакаа да имаат работа. Многумина сакаа и регуларен и обврзувачки референдум со јасна порака и јасен резултат.

Но сега тие луѓе на телевизија видоа момчиња - кои би можеле да бидат нивни синови или внуци, кои полицајците ги газат додека лежат на земја, постари госпоѓи кои би можеле да бидат нивни мајки или тетки, кои полицајци во оклопи ги извлекуваат од избирачките места. Тие луѓе не се некакви дивјаци, туку луѓе кои сакаат да го изразат своето мислење на референдум, макар тој бил и илегален, несреден и необврзувачки.

Натамошно игнорирање е бесмислено

Како воопшто можеше да дојде до таква ситуација? Тоа прашање си го поставуваат многумина, со оглед на сцените кои се сметаа за невозможни во демократија - што Шпанија сигурно е. 90 насто за независност не е некој сигурен резултат. Никој не знае како би гласале граѓаните ако тој референдум беше легален и обврзувачки. Единствено што е јасно е: да се игнорира силната желба на Каталонците за независност е исто како да сакате да го скриете сонцето со својот палец.

Уметноста на успешната политика мора да најде пат и таму каде што изгледа дека е безнадежно блокиран. На Пуџдемон и на Рахој им е заедничко и тоа што до крај, секој на својата страна, им ја исполнија желбата на своите следбеници. Ако и едниот и другиот неделава видат потврда на својата досегашна политика, тогаш наредната политичка катастрофа е веќе пред портите. Мобилизација на масите, не само против Каталонија, би можела да се послужи со слоганот  Que se vayan todos (Губете се сите) од Аргентинците кои во 2001 година излегоа на улиците против целата политичка врхушка.