1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кенија не ги сфати сериозно терористичките закани

А.Латус/сн7 април 2015

Кенија изврши одмазднички напади врз позиции на Ал-Шабаб, групата одговорна за смртоносниот терористички напад во Гариса. Нападот, меѓутоа можеше да се предвиди, вели за ДВ, кенискиот безбедносен експерт Питер Алинго

https://p.dw.com/p/1F3Og
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

ДВ: Очигледно пред неколку недели имаше предупредувања дека Ал-Шабаб планира да изврши напади врз повеќе универзитети во Кенија. Зошто не е зголемен бројот на безбедносни сили? Зошто не се спречи нападот во Гариса?

Петер Алинго: Тоа сега се прашуваат многу Кенијци. Минатиот месец можеа да се слушнат многу информации за можни цели со голем ризик. Постоеја и закани против универзитети. Но во Кенија тие работи едноставно не се сфаќаат сериозно. Поради тоа верувам дека Кенија и нејзините безбедносни власти се повторно фатени со „спуштени панталони“. Станува збор за планирање и безбедносни сили кои би делувале ефикасно. Не зборувам само за бројот на тие сили. Станува збор за тоа разузнавачките информации кои се на располагање ефикасно да се користат. А тоа едноставно не се прави во Кенија. И тогаш тоа се дупките од кои профитира ал-Шабаб.

al-Shabaab Kämpfer in Somalia
Борци на Ал-Шабаб во СомалијаФотографија: picture alliance / AP Photo

Очигледно дека постоеле и разузнавачки информации од Запад за планираните напади. Дали тоа го игнорираа кениските безбедносните власти? Бидејќи, тоа не прв напад на Ал-Шабаб во Кенија.

Тоа прашање често си го поставував себе си- и по нападите врз трговскиот центар Вестгејт во Најроби или по нападите во Момбаса и во Ламу. Навистина е докажано оти и во тие случаи предходно постоеле информации, но дека ништо не е преземено. Тука човек се прашува: Што оди погрешно при координирањето на разузнувачките информации и безбедносните мерки? Тука недостасува врска. А таа дупка ја прави Кенија ранлива.

Дали Кенија од нападите на трговскиот центар Вестгејт во септември 2013. година научи како да реагира на такви терористички напади?

Сметам дека Кенија ништо не научи од тоа. Она што го гледаме е некој вид рефлекс на удар на чекан во колено. Едноставно на местото на случување се праќаат безбедносни сили, но на еден начин кој дава до знаење дека во основа не се знае како точно да се постапи. Дебатата за тоа кои лекции мора да се научат од таквите напади мора да се води до крај, но тоа не е сторено. Ефикасната реакција на нападите би требало да содржи и една цивилна компонента, значи да се вклучат и граѓаните. Од моја гледна точка Кенија мора уште да учи како ефикасно да реагира на еден напад од такви размери.

Колкава меѓународна поддршка добива Кенија во борбата против ал-Шабаб?

Мислам дека Кенија добива многу поддршка. Но прашањето е: колку ефикасно Кенија ја користи таа помош? На пример, постојат соработки со други влади, како оние со САД или со Канада кои ги обучуваат кениските безбедносни кадри за борба против тероризам. Знаеме и тоа дека Америка и Велика Британија тука дури инвестираат и многу пари. Но мора и да се спомене оти проблемите како корупцијата го отежнуваат успехот на тие проекти.

Karte Kenia Anschlag Garissa Deutsch
Карта на Кенија со престолнината Најроби и градот Гариса (на германски јазик)

Што поинаку ќе прави во иднина кениската влада?

Ќе видиме некои козметички промени, но не и тоа дека Кенија навистина ќе тргне во решавање на структурните проблеми кои ја прават земјата ранлива за екстремизам и напади. Претседателот и’ се обрати на нацијата и можеа да се слушнат ветувања, но само по прашање на зголемен број безбедносни сили. Меѓутоа, нам ни е потребен еден политички дијалог кој во фокусот ќе ги стави структурните слабости на безбедносниот апарат и проблемите на кениското општество. Тука мораат да се вклучат и граѓаните за да може навистина да се пронајдат долготрајни решенија.

Питер Алинго врши истражувачка работа во Институтот за безбедносни студии во Најробу. Интервјуто со него го водеше Асумта Латус.