1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ким бара втор самит со Трамп

ЕМФ / дв
11 септември 2018

Нова надеж за конкретни чекори за разоружување: американскиот претседател и севернокорејскиот властодржец наскоро би можеле повторно да се сретнат. Како што се вели, подготовките за нов самит веќе се во тек.

https://p.dw.com/p/34eVN
Singapur USA-Nordkorea Gipfel Trump Pompeo
Ким Јонг Ун и Доналд Трамп на самитот во Сингапур (12.06.2018)Фотографија: picture-alliance/Zuma/Ministry of Communications

Доналд Трамп добил писмо од Ким Јонг Ун, во кое тој го моли за втора средба, соопшти портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс. Трамп, како што се вели, е отворен за такво нешто. Веќе се прават проверки кога би можела да се испланира втора средба.

Писмото на Ким е „многу срдечно, многу позитивно“, тврди Сандерс. За останатата содржина од писмото таа даде само општи информации. Писмото, како што рече, ја документира волјата на Ким да се концентрира на „денуклеаризација“ на Корејскиот Полуостров.

Историско ракување

На првата средба со американскиот претседател Трамп, во јуни во Сингапур, севернокорејскиот властодржец Ким изрази генерална подготвеност за нуклеарно разоружување на својата земја. Меѓутоа, не беше наведен временски план, ниту пак контролни мерки за процесот на разоружување, поради што договорот беше критикуван како многу недефиниран.

Во текот на летото американската влада изразуваше сѐ поголемо незадоволство од Северна Кореја. На крајот на август Трамп го откажа планираното патување на американскиот министер за надворешни работи Мајк Помпео во Пјонгјанг. Откажувањето беше образложено со тоа дека „нема доволно напредок при денуклеаризацијата на Корејскиот Полуостров“.

Повеќе: 

По самитот на Трамп и Ким: За доверба е потребно времеТрамп и Ким договорија „целосна денуклеаризација“ на Северна Кореја

Во последните недели Трамп повторно демонстрира оптимизам. На Твитер американскиот претседател се пофали дека Ким имал „цврста верба“ во него. „Му благодарам на претседателот Ким. Заедно ќе успееме“, напиша Трамп.