1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина ја престигна Светската банка

19 јануари 2011

Кина инвестира милијарди низ целиот свет и така го зголемува своето глобално влијание. Според еден извештај на „Фајненшл Тајмс“ кинеските банки даваат повеќе кредити за земјите во развој отколку Светската банка.

https://p.dw.com/p/zzcd
Во изминатите две години кинеските банки дале кредити од 110 милијарди американски долари на земји во развојФотографија: AP Graphics/DW

Во периодот од 2008 до 2010 година Светската банка оствари рекорд поради економската криза, имено даде кредити на земјите во развој во висина од над 100 милијарди американски долари, како никогаш досега. Но, според истражувањата на весникот „Фајненшл Тајмс“, Кинеската банка за развој (ЦДБ) и Кинеската Експорт-Импорт банка во изминативе две години дале кредити од вкупно 110 милијарди американски долари на фирми и влади од земјите во развој. Хелмут Аше, есперт за Африка од Универзитетот во Лајпциг, е скептичен во поглед на истражувањето:

„Кинеската статистика за кредитите, особено на оние за земјите во развој, не е транспарентна. Затоа не се знае точната категоризација на кредитите на Кинеската банка за развој и на Кинеската Експорт-Импорт банка, за да може да се направи споредба со издавањето кредити од Светската банка.“

Кредити за земјите богати со природни богатства

Symbolbild Öl Rohstoff Ölförderung Kampf um Rohstoffe Arbeiter in Ölproduktion Erdöl
Пекинг дава кредити, и за возврат добива нафта, на земји како Русија, Венецуела или БразилФотографија: AP

Приоритетни задачи на Светската банка се борбата против сиромаштијата, заштитата на животната средина и унапредувањето на приватниот економски развој. Од друга страна, пак, владата во Пекинг и државните кинески банки даваат кредити на земјите во развој, за да освојат пазари за производите „мејд ин Чајна“, и пред се‘ да обезбедат суровини за нивната економија која доживува бум. Дорис Фишер, економист и експерт за Кина од Германскиот институт за развиј во Бон, вели:

„Кинезите велат, дека она што го прават не е помош за развој, туку економска соработка, цо цел на обострана добивка и затоа тоа не мора да биде во согласност со меѓународно усвоените принципи за добра помош за развој.“

Кредити од Кина добиваат особено земјите кои се богати со природни суровини. Државните кинески банки и владата во Пекинг даваат кредити, и за возврат добиваат нафта, на земји како Русија, Венецуела или Бразил.

Моќта се поместува од Запад кон Исток

Symbolbild Weltbank Logo und Afrika Karte
Еден од приоритетите на Светската банка е борбата против сиромаштијатаФотографија: AP/DW

Сепак на кинеските банки не им е едноставно да понудат подобри кредитни услови од Светската банка, која нуди долгорочни кредити со ниски камати. Светската банка често пати се откажува од дел од долговите. И покрај тоа кинеските кредити се поатрактивни за некои земји, вели Дирк Вилем Тервелде, директорот за истражувања во Институтот за меѓународен развој (ОДИ) во Лондон:

„За кредитите од меѓународните институции како Светската банка има многу услови. Детално се разгледуваат некои аспекти, како на пример владината политика. Тоа е поинаку кај кредитите што ги дава Кина.“

Со засилената соработка на Кина во поглед на развојот, моќта се поместува од Запад кон Исток, вели експертот за Африка Хелмут Аше. Зголемената моќ на Кина е забележителна и во Светската банка. Во 2008 година Лин Јифи беше првиот Кинез дотогаш поставен на раководна позиција во Светската банка.

Автор: Кристоф Рикинг / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Симе Недевски