1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кинеските инвеститори се подобри од имиџот кој ги следи

Матилда Јорданова-Дуда / ЕМФ14 јуни 2016

Кинеските фирми од почетокот на овој милениум во Германија инвестирале над седум милијарди евра и трендот е нагорен. Тоа во Германија буди стравови.

https://p.dw.com/p/1J5ob
Фотографија: picture-alliance/dpa/Zhang Chunlei

Наспроти сите предрасуди, „Кинезите често доаѓаат како спасувачи во нужда“, вели Мартин Франц, професор на Универзитетот Оснабрик. Заедно со Себастијан Хен од Универзитетот Јена и Јерг Вајнгартен од консултантската фирма ПЦГ, тој ги истражуваше инвестициите од Бразил, Русија, Индија и Кина (т.н. БРИК-земји) во Германија. Притоа, Франц се концентрира на инвеститорите од Кина и Индија.

„На почетокот на истражувачкиот проект очекувавме често да наидуваме на негативните последици за преземените фирми“, вели тој. Меѓутоа, оценките на менаџерите, но и на Советите на работни луѓе и претставниците на синдикатите, на крајот се навистина позитивни. Кина како инвеститор овозможила пораст, каков што порано не бил можен. Во над 60 проценти од случаите фирмите се наоѓале во финансиски тешкотии или биле веќе несолвентни.

Купувачите од Кина не ја влошиле состојбата ниту на работниците. Често се договарани осигурувања за фабриките или за вработените, преземани се луѓето кои се на обука во фирмата, продолжувано е членството во здружението на работодавачи. „Кинеските инвеститори не сакаат да паѓаат негативно в очи, не сакаат никого да преплашуваат“, нагласува Франц. „Исто така, релативно високо се цени и германскиот менаџмент, додека кинескиот менаџмент нема толкаво интернационално искуство. Многумина очекуваат преземените фирми од страна на Кина да бидат управувани од далечина и германските менаџери да немаат што да кажат. Но, ние тоа не можеме да го потврдиме. Во повеќето случаи претпријатијата и натаму работат под германско раководство, а во секојдневното работење се менува релативно малку.“ И постојаните клиенти, по почетната скепса, согледуваат дека останува германско претпријатие со германски стандарди.

Двојна стратегија

Кинеските концерни-мајки се без сомневање заинтересирани за ноу-хау од Германија. Но, тоа не значи дека патентите едноставно се префрлаат во централата и дека потоа истото се произведува во Кина, нагласува експертот. Доколку концернот-мајка и концернот-ќерка претходно биле конкуренти во истиот сегмент, сега се следи двојна стратегија: германскиот производ се продуцира како скапа квалитетна марка, а кинескиот оди паралалено како евтина варијанта.

Незатворањето на производните капацитети во Германија и дури и засилувањето на истражувањето и развојот, според Оливер Емонс, е нова стратегија на кинеските инвеститори. Тој е експерт за учеството на работниците во процесите на продажба на фирмите во фондацијата „Ханс Беклер“ и ги истражувал продажбите на средни претпријатија до 2015 година. Стратегијата почива врз сознанието дека „од една страна, кинеските фирми, поради конкуренцијата дома и во странство, имаат потреба од повеќе отколку само добра и поволна структура на трошоци, а од друга страна, претпријатијата не можат едноставно само да се „пресадат“ во друга земја како Кина“. Претприемачката култура, работниот процес и работниците го чинат вистинсккиот успех на едно германско претпријатие, додава Емонс.

Интересот на Кинезите прво беше насочен кон помалку развиени земји, а потоа на ред дојдоа индустриските држави. На пример, фирмата МИДЕА, која во Кина произведува апарати за домаќинство, а сега сака да го преземе германскиот производител на индустриски роботи Кука, „прво влезе во Виетнам, Белорусија, Египет, Бразил, Аргентина, Чиле и Индија, а сега се осмелува на инвестиции во индустриските држави“.

Symbolbild Deutschland China Flaggen
Фотографија: Ed Jones/AFP/Getty Images

Досега немало вистински тест

Зошто токму Германија? Емонс наведува цела низа добри причини: високо ниво на технологија, правна сигурност, квалитетна работна сила, голема пазарна сила и централна положба во рамките на ЕУ плус стабилна валута и позитивен имиџ на земјата. Обратно, дел од германските средни претпријатија сами си го одбраа инвеститорот. За нив кинескиот пазар е сѐ поважен, но без силен домашен партнер тие не би можеле да опстанат во Кина.

Кинеските инвеститори, за разлика од т.н. „скакулци“, следат долгорочни цели и во прво време пумпаат многу пари во претпријатијата. Сепак, мора да се каже дека досега немало вистински тест, нагласува Емонс. Таков тест би бил голем пад на конјунктурата, на пример, поради што би се сопнала или германската фирма-ќерка или кинеската фирма-мајка. Дури тогаш би се видело дали договореното ќе се одржи.