1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клинтон пред тешка борба

ЕМФ/дпа/ард29 јули 2016

Сега е и официјално - демократката Хилари Клинтон ќе се бори за претседателската функција. Првпат една жена има реални шанси да стане претседател на САД. Борбата против Доналд Трамп може да почне.

https://p.dw.com/p/1JXbK
Фотографија: Reuters/J. Young

Доналд Трамп против Хилари Клинтон: историската трка за претседателската функција во САД, во која за првпат учествува една жена, може да почне. Поранешната министерка за надворешни работи, сенаторка и прва дама на Америка, сега и официјално е кандидат на демократите. Хилари Клинтон ја прифати официјално номинацијата на конгресот во Филаделфија, нагласувајќи дека тоа го прави со „решителност и безгранична доверба во американското ветување“.

Својот републикански ривал Доналд Трамп го обвини дека сака да ја подели земјата со сеење страв. „Тој сака да се плашиме од иднината и да се плашиме едни од други“, рече Клинтон во говорот. Според нејзе, Трамп кој „сака да ги отцепи САД од остатокот на светот и Американците едни од други“, не нуди никаков пресврт, туку само празни ветувања.

Трамп тврди дека знае повеќе за терористите од т.н. Исламска држава отколку генералите во армијата. „Не Доналд, не знаеш!“, рече Клинтон, додавајќи дека Трамп не може да се справи дури ни со предизвиците на својата кампања, а за предизвиците што ги носи претседателската функиција и не станува збор.

Клинтон самата се претстави како искусна менаџерка со кризи, која ќе се соочи со предивиците на борбата против меѓународниот тероризам. За таа цел таа има намера да соработува со сите Американци и сојузници на земјата. „Повторно чукна часот на вистината за нашата земја“, рече Клинтон и додаде: „Не се плашиме!“

Кандидатката на демократите вети дека ќе се заложи и за пораст на економијата и повеќе работни места. Нејзина желба е да постигне „секој кој сака да има добро платена работа и да ја добие“. За таа цел, таа уште во првите 100 дена од својот мандат сака да донесе најобемна конјунктурна програма од крајот на Втората светска војна.

USA Nominierungsparteitag der Demokraten in Philadelphia Hillary Clinton
Фотографија: Reuters/M. Segar

Челси: Хилари вредно ѝ служи на државата

Пред да настапи пред 4700-те делегати на конгресот во Филаделфија, Хилари Клинтон доби поддршка од својата ќерка Челси. Таа рече дека мајка ѝ секогаш се грижела за тоа да се чувствува „ценета и сакана“ и тоа му го посакува на секоа дете. Освен тоа, нејзините родители од нејзе „очекуваат да си изгради ставови“ и ја подучувале мислењето да „го потпира со факти“. Освен тоа, Челси потенцираше дека Хилари вредно ѝ служи на државата, трага по решенија и се задлабочува во политичките теми.

Хилари Клинтон пред два дена беше номинирана од страна на делегатите за претседателски кандидат. Според најновите истражувања на јавното мислење, трката со Доналд Трамп ќе биде тесна. Републиканецот во последно време ѝ се приближи на Клинтон, со тоа што добро се котира во селските региони, кај машките избирачи белци. Клинтон пак зад себе има многу граѓани црнци и припадници на латиноамериканското малцинство.