1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога-тогаш, ЕУ мора да се соочи со натамошно проширување!

15 јули 2009

Пристапувањето на десетте нови земји во 2004 година се славеше во целата ЕУ. Меѓутоа, уште тогаш радоста кај голем број Европејци беше измешана со незадоволство. Колку е подготвена ЕУ денес за нови земји - членки?

https://p.dw.com/p/IpWt
ЕУ брои 27 земји членкиФотографија: European Communities

Во 2006 година тогашниот австриски канцелар Волфганг Шисел зборуваше од името на голем број луѓе, Европејци од старите земји-членки: „Способноста на Унијата да прифаќа нови земји-членки ќе биде многу важна тема во иднина. Не смееме да ја преоптовариме Европа.“

Оттогаш на европското семејство му пристапија уште Бугарија и Романија, а отпорот против новите членки порасна уште повеќе. Поголемиот дел од шефовите на валади во ЕУ велат дека без реформскиот договор од Лисабон нема да има повеќе нов прием во Унијата, со исклучок на Хрватска. Меѓутоа и приемот на Хрватска е во застој поради пограничниот спор со Словенија, која е веќе членка на Унијата. При преземањето на претседателствувањето на Шведска со ЕУ, министерот за надворешни прашања Карл Билт беше запрашан дали би направил посреднички обид за разрешување на спорот: „Одговорот е: не. Станува збор за билатерален спор. Сега е време двете страни да подразмислат. А ние ќе видиме, дали тоа размислување ќе доведе до решение“ - одговори Билт.

Проширувањето е неизвесно

Beligen EU Präsidentschaft Schweden Carl Bildt
Шведскиот министер за надворшни работи Карл БилдтФотографија: AP

Севкупниот процес на проширување во меѓувреме е доведен во прашање, без разлика дали се работи за Балканот или Турција, и покрај тоа што ЕУ веќе подолго време води преговори за прием со Турција. Егемен Багис, турскиот министер за европски прашања, неодамна во Брисел уште еднаш потврди дека неговата земја не сака ништо помалку, отколку полноправно членство во Унијата: „Турција очекува да и’ пристапи на Европската унија како полноправен партнер со сите права и обврски, кога успешно ќе бидат завршени преговорите за прием. “

Меѓутоа, Антонио Мисироли од бриселскиот „Европскиот центар за креирање политика“ смета, дека Турција е посебен случај: „Кај Турција се наоѓаме во ситуација, што темелно се разликува од онаа на другите балкански земји. На Балканот имаме голем број мали држави со мало население и повеќе нерешени конфликти. Како на пример, пограничните конфликти или пак независноста на Косово. Па, сепак сите заедно можат да бидат прифатени од ЕУ, иако со себе ќе донесат многу тешки проблеми. Меѓутоа, сите заедно имаат помалку население од Романија.“

ЕУ се колеба

Symbolbild EU-Beitritt der Türkei p178
Турција одамна чека...Фотографија: dpa - Bildfunk

Турција со оглед на нејзиното многубројно население, смета Мисироли, би имала големо влијание врз донесувањето одлуки како во Парламентот, така и во Советот на Унијата. Токму од оваа причина ЕУ и се колеба околу приемот на Турција. Шведскиот министер за надворешни работи Карл Билт е еден од ретките претставници на европските влади, што сака балканските земји и Турција долгорочно да ги види во ЕУ: „Веродостојноста на ЕУ во светот стои и паѓа во зависност од тоа како се однесуваме со нашите соседи.“

И Антонио Мисироли од „Европскиот центар за креирање политика“ го оценува секој прием во Унијата различно, но што се однесува до процесот на проширување тој дава позитивна оценка: „Европското проширување беше веројатно најуспешната надворешна и безбедносна политика, што досега воопшто била водена од некоја држава или група од држави. Доколку се откажеме од перспективите за пристап на овие земји, тогаш се откажуваме од една многу делотворна алатка што ја држиме в’ рака. Имено, овие земји да ги стабилизираме и да ги реформираме. Едно мора да ни биде јасно: доколку го прекинеме процесот на проширување, ќе ни биде многу потешко да ги стабилизираме нашите соседи“-нагласи Мисироли.

Во моментов европските влади можат да се кријат зад нерешениот проблем со ратификацијата на Лисабонскиот договор. Меѓутоа, штом договорот ќе стапи на сила, Европејците ќе мора да се соочат со одлуката за натамошно проширување.

Автор: Кристоф Хаселбах / Бисера Огњановска-Митров

Редактор: Жана Ацеска