1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку од ВМРО-ДПМНЕ би гласале за распуштање на Собранието?

28 јануари 2019

Мицкоски ни самиот не е сигурен колку од пратениците од неговата партија би гласале за распуштање на Собранието, вели пратеникот Мухамед Зекири. Од ВМРО-ДПМНЕ нема одговор - што ако се отфрли барањето за избори?

https://p.dw.com/p/3CIhf
Mazedonien Skopje Partei VMRO-DPMNE
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Дали Мицкоски преку избори сака да го узурпира периодот за реформи, за потоа да прашува зошто нема реформи? Можеби само сака да ѝ обезбеди шестгодишен мандат на Владата? Ова се дел од прашањата кои уследија во македонската сапуница „барање за вонредни парламентарни избори“, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека нивната пратеничка група денеска во парламентот и официјално ќе поднесе иницијатива за распуштање на парламентот и организирање предвремени парламентарни избори, премиерот да си поднесе неотповиклива оставка и да се формира техничка влада.

За ова прашање веќе претходеа неколку тектонски промени во ставовите опозицијата. Иако тоа барање во стартот не беше условено, во средината на јануари генералниот секретар, Игор Јанушев, одговарајќи на прашањето дали ќе ги бојкоторираат претседателските избори ако нема одлука и за парламентарни, јавно изјави дека „сите опции се отворени, а jа разгледуваат и можноста за напуштање на сите институции ако нема парламентарни избори“. Ден потоа Мицкоски се правдаше дека изјавата на Јанушев „е погрешно толкувана и спинувана и дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ги бојкира претседателските избори“. Тој го реафирмираше барањето со квалификацијата „'инсистираме' на организирање на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските“.

Изборите - мерка за храброст?

Но, Мицкоски ни денес нема јасен одговор што ќе се случи ако мнозинството не го прифати тоа барање, со оглед дека земјата до јуни е соочена со обемна реформска агенда, од чија реализација зависи почетокот на преговорите со ЕУ. 

„Наше е да предложиме. Демократските правила, демократските процедури се неприкосновени во оваа држава, па граѓаните ќе можат јасно да видат кој е тој којшто моли Бога да добие избори, а кој е тој којшто моли Бога да избега од избори. Се разбира, за следните чекори јавноста ќе биде информирана. Одиме чекор по чекор, внимателно ја анализираме ситуацијата. Јас ви реков  - едногласна е одлуката и на Извршниот и на Централниот комитет на партијата дека Македонија никогаш не била во поалармантна и понеизвесна состојба од тоа што е сега“, вели Мицкоски.

Mazedonien Hristijan Mickovski Parteichef der oppositionellen VMRO DPMNE
Мицкоски нема јасни одговориФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Има ли реална потреба од избори или се работи само за панаѓур на суети? Извори во опозициската партија се уверени дека станува збор за второто, односно за „докажување на храброста“.

„Отако Заев изјави - 'бараат избори, а молат Бога да ги нема', Мицкоски сега на сите можни начини ќе се обидува да докаже дека не се плаши од избори. Ако барањето биде отфрлено заради реформските приоритети, Мицкоски ќе може да тврди дека власта тоа го направила затоа што се исплашила од пораз од опозицијата. Оваа приказна сега е потребна и заради мотивирање на одредени кандидати да истрчаат на претседателските избори, во време кога во фаза е и ажурирање на членството, храбрење дека рејтингот расте и дека партијата е во голем залет... Но, таква мотивација нема во пратеничката група, бидејќи практично треба да се збогуваат од функциите на половина од мандатите. Факт е дека партискиот лидер сака да има лично негова кадровска гарнитура во парламентот. Но, она што никој јавно не го кажува, се стравувањата дека таа може да биде многу помала од онаа што остана по искучувањето на 'седумката'. Така што, ова е едно големо коцкање“, велат од партијата.

Повеќе: 

Избор без избор: Кому му служат делегатите на ВМРО-ДПМНЕ?

Нова нијанса: ВМРО-ДПМНЕ „инсистира“ на парламентарни избори

СДСМ остава граѓаните да номинираат претседателски кандидат

СДСМ: Мицкоски е во паника!

Мицкоски по вчерашната седница на ИК и ЦК изјави дека „Македонија никогаш досега не била поподелена“, и дека „погрешните политики на Владата носат порази, разочарувања, недостоинствени прифатени предлози, никакви реформи во економијата, нула реформи во здравството, катастрофални реформи во образованието, осиромашување, иселување...“

Извршниот одбор на СДСМ сѐ уште се нема изјаснето за барањето на опозицијата. Партискиот потпретседател Мухамед Закири смета дека Мицкоски со ваквите реакции покажува дека е во паника, затоа што размислува само за неговиот и за интересот на неговите антизападни ментори.

„Прво ни самиот не е свесен, ниту сигурен колку од пратениците од неговата партија би гласале за распуштање на Собранието. Тој продолжува да влече потези кои се од теснопартиски побуди, а воопшто не размислува државнички. Второ, тој е сосема свесен дека Владата влегува во економски поход и дека за нас најважни се интересите на граѓаните, а не антизападните интереси на Мицкоски. СДСМ е партија која на Македонија и донесе државнички историски успех и поради тоа ќе однесе голема победа на претседателските избори и на парламентарните, кога и да се одржат истите“, дециден е Зекири.

Mazedonien, Muhamed Zekiri, Abgeordneter im Parlament
Зекири смета дека Мицкоски е во паникаФотографија: DW/K. Blazevska

Со слични реакции вчера се огласи и партијата.

„На агендата на Владата предводена од СДСМ се странски инвестиции, поврат на ДДВ за физички лица, раст на плати и нова победа на следните избори. Влада која сите капацитети ги вложува во силна економија и која создава шанса за сите граѓани не размислува за оставка, туку за интерсите на граѓаните. После поразот на следните избори, Мицкоски нека размислува за сопствената оставка“, му порачаа социјалдемократите.

Засега не се познати чекорите на ВМРО-ДПМНЕ доколку не биде донесена одлука за вонредни избори. Мицкоски ќе има шанса да ја објасни стратегијата на партијата во вечерашната двочасовна дебата на МТВ со повеќе новинари, која и самиот ја најави на својот Фејсбук профил, а со покана до граѓаните да ги проследат неговите ставови „за крахот во економијата и разобличувањето на лажните ветувања од Владата, за името, двојазичноста, изборите, за НАТО и ЕУ и за сите други теми“.