1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Комунистичка Германија- поглед во огледалото на историјата

17 октомври 2018

Германија важи за земја која умеела да со соочи со своето мрачно минато. А во тој процес секогаш мора да се преминуваат граници- и во буквално и во преносно значење. Тоа е неизбежно- и корисно.

https://p.dw.com/p/36gtN
Symbolbild Frau Gefängnis Auge Mauer Wand
Фотографија: Fotolia/lassedesignen

Името звучи помалку одбојно: Сојузна фондација за проучување и обработка на периодот на диктатура СЕД. Но, каква тема, такво и име: станува збор за соочување со 44-годишната комунистичка диктатура која започна во 1945 и заврши по падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година.

СЕД е ознака за Единствената социјалистичка партија на Германија која беше создадена во 1946 година во советската окупациска зона и тоа со принудно спојување на Социјалдемократите (СПД) и Комунистите (КДП). Германската Демократска Република (ГДР) е прогласена во 1949 година и од првиот ден беше диктатура по пример на Советскиот Сојуз.

Информации на 14 јазици

„Нашата задача е сеќавањето“, пишува Фондацијата на својата интернет страница. Станува збор за „опсежно соочување со причините, историјата и со последиците од диктатурата во Советската окупациска зона во Источна Германија (ГДР). Фондацијата сака да го задржи споменот за нанесените неправди и на жртвите на кои таа им е нанесена, како и да го поттикне и зацврсти општоприфатениот антитоталитарен став во општеството, како и демократијата и внатрешното единство на Германија“.

Фондацијата на интернет страницата има голем број различни содржини: тука има фото-галерии или постери кои можат да се нарачаат. На нив има слики од секојдневието на една исчезната држава, со текстови од историчари. Таков, на прв поглед неспектакуларен, увид во животот во ГДР може да допринесе да се разбере диктатурата и повеќе од некои академски или социолошки расправи.

Но, фондацијата организира и такви расправи, за да може да разговара со сведоците од старото време и генерациите родени по него за теми како што е: „Падот на Ѕидот- одамна беше тоа?“. А темите се дел од проекти на младите луѓе кои ги интересира историјата на „антифашистичкиот штит“, како што во жаргон СЕД се нарекувала границата помеѓу двете Германии.

Но, и покрај Ѕидот и бодликавата жица, неможноста да патуваат и недостатокот од луксузни стоки, 17 милиони граѓани на ГДР се обидувале да најдат некоја своја лична среќа. И семоќта на СЕД имаше свои граници. Мирната револуција од 1989 година покажа колку всушност тој систем бил кршлив. Тогаш исчезна диктатурата која на 7 октомври уште славеше 40-годишнина од постоењето на државата- неполна година подоцна, Германците го славеа своето повторно обединување.

Една од најважните „движечки сили“ на фондацијата е Маркус Мекел, последниот и единствен слободно избран министер за надворешни работи на ГДР. Тој вели дека во Германија долгото одложување за соочување со последиците од нацистичката диктатура има многу „проблематични последици“. И дека е затоа важно соочувањето со минатото на ГДР биде брзо и сеопфатно.

Штази на Исток- и на Запад

Една од најважните теми е, секако, Штази (Stasi), озлогласената тајна служба на Министерството за државна безбедност, која постојано ги следела граѓаните, но и со будни очи следела што работи класниот непријател преку границата. Раката на Штази стигнувала до Запад и тоа длабоко, што најдобро се гледа од примерот на Гинтер Гиом, шпиун кој успеа да стане личен референт на западногерманскиот канцелар Вили Брант (СПД). Кога Гиом во 1947 година беше откриен, во Западна Германија дојде до криза во владата која заврши со оставката на Брант. Така Штази вусшност го сруши токму човекот кој со својата политика на попуштање на затегнатоста ги овозможи првите чекори во зближување на Истокот и Западот во Германија и во Европа.

Кој е Ерих Хонекер?

Младите луѓе денеска не знаат кој е добитникот на Нобелова награда за мир Вили Брант, или кој е шефот на СЕД и источногерманската држава Ерих Хонекер, се жали Маркус Мекел. Притоа е важно, „да се познава нашето минато за да можеме подобро да се разбереме самите себе си“.

Еден во фокусите на фондацијата во 2018 година е и Прашката пролет, а објавена е и збирката „Музеи и спомен-паркови во сеќавање на жртвите од комунистичката диктатура“.

Денеска во Берлин се одржува свеченост по повод 20 години од постоењето на Фондацијата, на која ќе зборува и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер.