1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Контролорот во Станица за технички преглед Андреас Шершел од Хирт

18 мај 2010

Андреас Шершел како дете не сонувал дека ќе контролира автомобили. Сепак, денес, тој ја сака работата, пред се‘ затоа што ја врши самостојно.

https://p.dw.com/p/MAvT

„Татко ми ме натера да одам во овој правец“, раскажува Андреас Шершел за изборот на неговата професија. Татковиот „притисок“ довел до тоа 44-годишникот денес да биде успешен шеф на едно инженерско биро со седум вработени. Од 1992 година Андреас Шершел работи како самостоен партнер на Организацијата за технички прегледи. Во Германија, Организацијата за технички преглед го извршува т.н. „главен технички преглед“. Секоја втора година, сите возила во земјата се проверуваат дали се сигурни за учество во сообраќајот.

И во фирмата на Шершел, во јужниот дел на Келн, се вршат такви контроли.

Живее од сообраќајни незгоди

Автомобилите се светот на Андреас Шершел. Тој практично има „бензин во крвта“. При извршувањето на проверката секое возило го третира еднакво. Приватно е наклонет кон се‘ што е „убаво и брзо“. Но, може да се воодушеви и од некој „олдтајмер“, кога ќе помине покрај него. Агресивното однесување на многу возачи за Шершел е секојдневен стрес-фактор. „Не постои ништо полошо од германските возачи. Тие возат со капаци на очите низ околината и не даваат предност“. Истовремено, Андреас Шершел признава дека живее од сообраќајни незгоди. Инженерот е вештак за проценка на штетата од „сообраќајките“. Притоа, Андреас ја проценува висината на штетата за осигурителните друштва.

Gesichter Deutschlands AnSc 1a
Андреас Шершел признава дека живее од сообраќајни незгодиФотографија: DW

Кога има договорено термин за проценка на штетата од некоја сообраќајна незгода, тој секогаш одвојува доволно време за да ги сослуша страните вклучени во сообраќајната незгода. Во неговата професија е потребна способност за сочувство. Андреас Шершел тоа го знае од сопствено искуство: пред кусо време самиот имал сообраќајна незгода и се радувал на секого што бил подготвен да го сослуша.

Овој петок наутро, тој проценува едно мало возило коешто е удрено од едната страна. Вештакот ги распакува фотоапаратот и алатот и го испитува возилото. Во рок од неколку минути наоѓа една штета од порано. Таа не смее да се пресмета во новиот износ за отштета. Прецизноста е една од основните предуслови на специјалистот за проценка на возилата.

Gesichter Deutschlands AnSc 2
Андреас ја проценува висината на штетата за осигурителните друштваФотографија: DW

Човек кој не сака да остари

Во автомобилската, како и во браншата за проценка за штети, Шершел вели дека има работа само со „вистински мажи“. Тоа му се допаѓа, зашто токму така се гледа и себеси: без каква било женска „жичка“. Неговата девојка Бенина Клемпман тоа го потврдува. За неа Шершел е „маж којшто секоја жена посакува да го има“.

Тој е по малку мачо-тип, многу шармантен, со силни раменици за потпирање. Она што Бенина Клемпман уште си го посакува е Андреас да научи да готви. Тие имаат две зеднички деца на возраст од три месеци и три години. Тие се второто семејство на Шершел. Од првиот брак има една 18-годишна ќерка. Класичната семејна слика во неговата куќа во келнското предградие Хирт лаже. Точно е дека мажот ги заработува парите, а жената се грижи за децата и за домаќинството, но, ако прашате кој е вистинскиот шеф во куќата, двајцата ќе ви одговорат без двоумење: „Јас, се разбира!“

Иако има 44 години, Андреас за стареењето размислува со извесна нелагодност. „Уште не се чувствувам возрасен“. За да остане млад, Андреас интензивно се занимава со спорт: трипати неделно игра одбојка. Тоа не само што му причинува задоволство, туку притоа, напнатиот бизнисмен може да се ослободи од стресот.

Андреас Шершел работи редовно по десет часа на ден, а и во саботите оди на работа, па спортот може само да му помогне.

Авторка: Ане Ле Туз-Шмиц / Виолета Вај

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска